Достапни линкови

Скопје виа Вашингтон


Илустрација - Македонското знаме на НАТО самитот во Вашингтон, јули 2024
Илустрација - Македонското знаме на НАТО самитот во Вашингтон, јули 2024

Ревидираше Државниот завод за ревизија, ревидира и новиот шеф на дипломатијата, ревидираше и НАТО, ревидираа и соседите, ревидираат и граѓаните... Њузлетер 12.07.2024

„Без свиткани кичми“ и „Веќе сме повеќе од соседи“

Учеството на самитот на НАТО во Вашингтон за Христијан Мицкоски беше прво претставување како премиер на меѓународна сцена. Односите со соседите не беа тема на самитот, но премиерите на Северна Македонија, Бугарија и Грција јавно си разменија пораки. НАТО, пак, ќе продолжи да го унапредува политичкиот дијалог и практичната соработка со Западен Балкан за да ги поддржи реформите, регионалниот мир и безбедност.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во изјава пред Самитот го употреби името Македонија наместо уставното име Северна Македонија, што предизвика реакции во грчките медиуми. Но, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис беше единствениот од сите учесници на Самитот кој го спомена ова во контекст на Преспанскиот договор.

За односите со Бугарија, Мицкоски и во Вашингтон се држеше до неговото “без виткање кичми“ и дека треба релаксирање на одностите, а од другата страна дека „Северна Македонија и Бугарија се веќе и повеќе од соседи“.

Илустрација - Премиерите Христијан Мицкоски и Виктор Орбан на НАТО Самитот во Вашингтон 9 јули 2024
Илустрација - Премиерите Христијан Мицкоски и Виктор Орбан на НАТО Самитот во Вашингтон 9 јули 2024

Муцунски скенира

Амбасадорите Љубомир Фрчкоски и Весел Мемеди беа повикани на разговор во МНР. По пописот во Албанија, во Скопје на консултации веќе беше и амбасадорот во Тирана, Данчо Марковски. Нивниот шеф, министерот Тимчо Муцунски не ги кажа причините, но рече дека има сериозни сомнежи за грешки.

„Сметам дека не е коректно во моментот да навлегувам во деталите на сето тоа, но на две од трите места имаме сериозни сомнежи за несоодветно работење надвор од законските акти, но и на одредени подзаконски акти кои се важечки во рамките на Министерството за надворешни работи“, рече Муцунски.

Но, покрај овие, новото раководство во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги „чешла“ и сите упатувања и на дипломати од понизок ранг што пред своето заминување ги направил ексминистерот Бујар Османи - Во последните три месеци од својот мандат распишал 16 интерни огласи, а на работа во дипломатско-конзуларните претставништва испратил 14 дипломати.

Илустрација - Работилница на Јавното обвинителство и Државниот завод за ревизија
Илустрација - Работилница на Јавното обвинителство и Државниот завод за ревизија

Ревизорите нижат извештаи, обвинителите отвораат предмети – Исходот се чека

Освен меѓусоседските односи и дипломатските „грешки“, ревидираа и државните ревизори (ДЗР). Од 40 предмети поврзани со ревизорски извештаи, за кои ДЗР пред неполни два месеци барал податоци од Обвинителство, „Онкологија“ е единствениот што е во фаза на истрага, дел се затворени бидејќи нема основ за кривично гонење, а во повеќeто се уште траат проверките. Јавното претпријатие „Железници - Инфраструктура“, Јавното претпријатие за државни патишта, како и „Македонија пат“ периодов се мета на проверка од скопските обвинители.

Вакви оформени случаи има многу, но епилози засега има поретко. На пример, за 40 предмети каде се користат ревизорски извештаи објавени од 2021 до почетокот на 2024 година, до крајот на мај само еден бил во фаза на истрага. Обвинителството вели дека соработката со ревизорите е добра. Исходот се чека.

Минималец

Северна Македонија во последниот период забави со реализација на капиталните проекти и со привлекување на странски инвестиции и тоа делумно е причина зошто има најниски минимални плати во регионот. Економски експерти предупредуваат дека платите мора да растат, особено за да се спречи иселувањето.

Со минимална плата која во моментов изнесува 367 евра, Северна Македонија и натаму е меѓу земјите со најниски минимални примања во Европа. Главните причине за тоа според економски експерти се бавната реализација на инфраструктурните и други капитални проекти, но и привлекувањето на странски инвестиции.

Инфографика - Колку од работоспособното население го напуштило Западен Балкан
Инфографика - Колку од работоспособното население го напуштило Западен Балкан

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) деновиве побара Владата во првите 100 дена да ја зголеми минималната плата на 450 евра, наведувајќи дека таа е најниска во регионот и премалку за да овозможи достоинствен живот на работниците.

Не им се чекало

Кога сме кај капиталните инвестиции, неодминлив беше уште еден „скен“ од државните ревизори. Имено, на делницата која дел е изградена, а дел се уште се гради кај Момин поток, ќе треба одново да се работи ако се реализира гасоводниот прстен околу Скопје. Ова произлегува од ревизорскиот извештај кој открива дека државната Номагас предвидела градење на гасоводот, но на Град Скопје не му се чекало.

Илустрација - Проект за гасовод во Скопје, кружен тек Момин поток
Илустрација - Проект за гасовод во Скопје, кружен тек Момин поток

„Изградена е нова сообраќајница и кружен тек, со што при изградба на гасоводниот прстен би требало повторно да се работи на веќе изградените објекти“, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Овој заклучок го донеле државните ревизори кои работеле на извештај за развојот на системот за гасификација во Северна Македонија. Во дел од извештајот тие констатираат дека сега веќе државното претпријатие за гас „Номагас“, кое е формирано од АД ГАМА и државното Македонски енергетски ресурси (МЕР), поседува цевки кои, меѓу другото, би се користеле за доизградба на гасоводен прстен околу Скопје. Се работи за 4 километри кои недостигаат за да се затвори гасоводот кој го обиколува главниот град, а кој е дел од магистралниот гасовод.

75 години НАТО

Светскиот фокус неделава беше на јубилејната 75-годишнина на НАТО и Самитот на Алијансата во Вашингтон. А фокусот на Самитот, пак, беше на Украина, првенствено.

Лидерите на НАТО кои присуствуваа на историскиот самит во Вашингтон го поддржаа „неповратниот пат“ на Украина кон членството, соопштувајќи дека Киев има право да избира свои безбедносни аранжмани и дека неговата „иднина е во НАТО“.

Позицијата на Алијансата, изнесена во заедничката изјава по првиот ден од дискусиите на самитот на 10 јули, даде јасен знак за континуираната поддршка на НАТО за напорите на Украина да се одбрани од инвазијата на руските сили.

Заедничката декларација на самитот ја издвои Кина како „одлучувачки овозможувач“ на руската војна против Украина.

Испржени или поплавени

Меѓу политичките теми и една еколошка, која за некои од еколозите е и најважна политичка тема.

„Нема поважна политичка тема од животната средина“, вели биологот и активист Кирил Арсовски Пржо во поткастот Зошто. Но со тоа не се занимава ниедна партија, влада, ниту претседател. Слушнете ги предлозите и идеите на Пржо на овој линк.

XS
SM
MD
LG