Вести
ДУИ пред Уставниот суд: Укинувањето на балансерот е „тежок удар врз мултиетничката стабилност“
Одлуката на Уставниот суд за укинување на „балансерот“ е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот мировен договор и врз мултиетничката стабилност на нашата држава, порача вечерва опозициската партија Демократска унија за интеграција ДУИ на вонредна прес-конференција пред Уставниот суд заедно со стотина симпатизери на партијата.
„Институциите досега го отсликуваа нашиот заеднички ралитет и тоа беше темел на соживотот и комуникацијата меѓу заедниците. Денес повеќе од кога било се соочуваме со сериозна криза на соживотот на правото на еднакви можности. Ова е чекор назад за нашата земја, чекор што ја загрозува иднината на мултиетничката стабилност и хармонијата што ја имаме изградено“, рече портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми.
„Ги повикуваме сите надлежни институции и меѓународната заедница веднаш да реагираат за да ги заштитат правата загарнтирани со Устав и закон и да обезбедат дека еднаквата застапеност ќе биде непроменета“, рече Адеми.
Уставниот суд донесе одлука за укинување на „балансерот“ - алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката нема да важи ретроактивно.
Уставниот суд на 18 септември на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Уставните судии тогаш одлучија да отворат предмет за употребата на балансерот при вработувањата и времено го замрзнаа „балансерот“.
Предметот, оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), ги оспорува член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор.
Од ДУИ сметаат дека декларирањето на етничката припадност е неотуѓиво право и неопходен елемент за обезбедување праведна застапеност на сите заедници. Според Адеми, преку ваквата одлука на Уставен се напаѓа принципот на еднаквост.
„Одлуката има широки и длабоки последици, вклучувајќи и елиминацијата на можноста и јавните институции да ја отсликуваат мултиетничката структура на нашата држава, а механизмот на балансер, кој овозможи вклучување на различни заедници во вработувањето и нивна застапеност, сега тој механизам со оваа одлука се укина, со што се уништуваат сите досегашни напори за изградба на праведно интегрирано општество“, посочи Адеми.
Според подносителот на иницијативата за укинување на „балансерот“ во Уставниот суд (ДКСК), со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.
Според подносителот, со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место.
види ги сите денешни вести
Возачот кој усмрти 22 годишна девојка возел без дозвола,пиел алкохол и поминал на црвено
Основното јавно обвинителство Скопје(ОЈО) донесе наредба за спроведување истражна постапка против 20-годишно лице кое ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, синоќа (29 јануари) и која починала на лице место.
„Осомничениот 20-годишник, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко по десната сообраќајна лента од булеварот. Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето“, соопштија од ОЈО.
Според Обвинителството, осомничениот поминал на црвено светло и со предниот лев дел од возилото удрил во девојката која ја преминувала улицата на пешачки премин.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог да му се определи мерка притвор.
Според Обвинителството, на истото лице и претходно му бил определен притвор, за друго дело - неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Скопскиот Кривичен суд донел пресуда со која го упатил осомничениот во воспитно -поправен дом во Тетово. При изрекување на пресудата, Судот му го укинал притворот, при што Јавниот обвинител вложил жалба и предметот е во жалбена постапка, соопштија од Обвинителството.
Претходно, МВР соопшти дека несреќата се случила вчера во 23:43 часот, каде автомобил „пежо 207“ со скопски таблички управуван од В.Ј.(20) од Скопје, удрил во пешакот Ф.К.(22) од Скопје.
„Од здобиените повреди на местото на несреќата починала Ф.К., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата било дадено на обдукција“, соопштија од МВР.
Хамас ослободи уште осум заложници во замена за 110 палестински затвореници
Уште осум заложници беа ослободени од палестинската група Хамас, означена за терористичка од страна на Соединетите Американски Држави(САД) и од Европската унија (ЕУ), Хамас во хаотичен процес кој накратко го одложи ослободувањето на 110 палестински затвореници од страна на Израел, јави агенцијата АП.
Милитантите во Газа ослободија тројца Израелци и пет тајландски државјани, кои работеа на фарми во јужен Израел кога беа земени како заложници пред повеќе од 15 месеци.
Меѓу ослободените палестински затвореници има 30 кои отслужуваа доживотна казна за смртоносни напади врз Израелците. На седуммина им беше дозволено да се вратат на окупираниот Западен Брег, но останатите беа префрлени во Египет пред понатамошна депортација.
Ослободувањето на затворениците дојде неколку часа по хаотичното предавање на заложниците во Појасот Газа, каде маскирани милитанти префрлија некои заробеници низ бурната толпа од илјадници Палестинци.
Размената на заложниците за затвореници е клучен дел од договорот за прекин на огнот, чија цел е да се стави крај на војната што некогаш се водела меѓу Израел и Хамас. Милитантите сè уште држат уште десетици заложници киднапирани во нападот предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година, кога почна војната, пренесе АП.
Ова е трет круг размена според договорот за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и Хамас, кој стапи на сила на 19 јануари.
Според договорот за прекин на огнот, во првата фаза во текот на шест недели треба да бидат ослободени 33 заложници. Ова ги вклучува сите жени - вклучувајќи жени војници, деца и мажи над 50 години.
Во замена за ослободување на заложниците, Израел ќе ослободи меѓу 990 и 1.650 палестински затвореници и затвореници.
Преговорите за втората фаза од договорот ќе започнат на шеснаесеттиот ден од првата фаза и се очекува да опфатат ослободување на сите преостанати заложници, вклучително и израелски војници. Ќе има и целосно повлекување на израелските војници од Газа.
Третата и последна фаза вклучува обнова на Газа и враќање на сите преостанати тела на убиените заложници, што може да потрае со години. Оваа задача ќе ја надгледуваат Египет, Катар и Обединетите нации.
Домот на народите на БиХ усвои два европски закони
Домот на народите на Босна и Херцеговина ги усвои законите за гранична контрола и за заштита на личните податоци на Босна и Херцеговина (БиХ), два правни акти суштински за добивање датум за отворање на преговорите на БиХ со Европската унија (ЕУ).
Лидерите на државите и владите на Европската унија го одобрија отворањето на пристапните преговори со БиХ на самитот во Брисел во март минатата година.
Според тогаш усвоените заклучоци, Европската комисија треба да подготви рамка за преговори кога ќе бидат исполнети сите критериуми споменати во 2022 година.
Босна и Херцеговина има статус на кандидат за полноправно членство од декември 2022 година.
Во мислењето на Европската комисија се дефинирани 14 приоритети поделени во четири области, кои БиХ треба да ги исполни за да ги почне преговорите за членство. Унијата и натаму инсистира на овие 14 приоритети пред официјално да почнат преговорите.
Во средината на октомври 2024 година, ЕУ ги одобри реформските агенди за пет земји од Западен Балкан, со што тие ќе имаат право да добијат финансиски средства од Европскиот план за раст за регионот.
Единствено Босна и Херцеговина не доби „зелено светло“, бидејќи не поднесе целосна реформска агенда до Брисел.
Расте бројот на заболени од грип, нови 1.878 случаи
Вкупно 1.878 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грипот се пријавени во четвртата недела од 2025 година, што е за 33 отсто повеќе во споредба со претходната недела, соопшти Инстотутот за јавно здравје (ИЈЗ).
Најмногу заболени, 1066 лица, има во возрасната група од 15 до 64 години. Деца се 349, на возраст од пет до 14 години. Додека, 325 од новозаболените се деца на возраст до четири години. Регистрирани се 138 лица на возраст над 65 години
Најмногу заболени има во Скопје, 581 лице. Следуваат Кавадарци со 219, Куманово со 167, Струмица со 162 и Штип со 106 заболени.
„Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, што е над неделната граница за средна активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има широка географска активност на вирусот на грип. Процентот на позитивност е над границата од 10 отсто три недели по ред. Согласно овие податоци, Република Северна Македонија има среден интензитет на вирусот на грип“, соопштија од ИЈЗ.
За заштита од грип, од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни - кашлаат, киваат или имаат покачена телесна температура.
Досега, во Рублика Северна Македонија се вакцинирани вкупно 72.357 лица со бесплатна или со комерцијална вакцина против грип.
Шведска вети воена помош за Украина вредна 1,2 милијарди долари
Шведската влада вети дополнителна воена помош од 1,2 милијарди долари за Украина, велејќи дека Европа треба да се подготви да преземе поголем дел во поддршката на Киев, јави агенцијата АФП.
Шведскиот министер за одбрана Пал Џонсон рече дека пакетот помош, 18-ти во земјата од инвазијата на Русија врз Украина во 2022 година, е најголемиот досега и е знак дека Шведска е подготвена да ја поддржи Украина на „долг рок“.
„Ова е исто така сигнал до другите наши сојузници дека треба да се подготвиме за Европа да преземе поголема одговорност за поддршка на Украина“, рече Џонсон на прес-конференција на 30 јануари.
Џонсон рече дека пакетот значи дека Шведска преминува од донирање оружје од залихи кон купување ново оружје.
„Една милијарда круни од вкупната вредност на пакетот помош се наменети за украинско производство на „ракети со долг дострел и беспилотни летала на долги растојанија“, соопшти владата.
Пакетот вклучува и донации во вредност од 3,3 милијарди круни од шведските вооружени сили, вклучително и 16 шведски борбени бродови, со што се удвојува нивниот број дониран на Украина, пренесе АФП.
Претходно, Шведска испрати мобилен артилериски систем Archer, 50 оклопни борбени возила CV90, десетина тенкови Леопард 2 и противвоздушни ракетни системи во Украина.
Со овој најнов пакет, шведската воена поддршка за Украина изнесува вкупно 61,9 милијарди круни (5,6 милијарди долари), според шведската влада.
Поведена дисциплинска постапка против Вишиот јавен обвинител на Скопје
Донесена е одлука за поведување дисциплинска постапка против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје и против еден јавен обвинител од истото обвинителство, поради тешки дисциплински повреди, вклучувајќи неправилности во заведувањето на предметите и нестручно работење во неколку случаи, соопштија од јавното обвинителство (ЈО).
„Во првиот случај, дисциплинската постапка е поведена против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје поради констатирани неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје. Втората дисциплинска постапка е поведена против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение, како и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети“, велат од Обвинителството.
Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје е веќе оддалечен од функцијата поради кривична постапка која се води против него. Од функцијата ќе биде оддалечен и другиот јавен обвинител трае постапката против него.
Во декември 2022 година за шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје беше избран Мустафа Хајрулахи. Тој минатата година беше суспендиран од функцијата поради кривична пријава против него поднесена од страна на Републичкиот јавен обвинител.
Хајрулахи на прес-конференција рече дека пријавата против него има тенденција да го отстрани и замолчи, како и да ги заплаши и другите колеги кои што постапуваат согласно законот, а се со цел, како што рече, да се донесат нарачани одлуки.
Претходно, Хајрулахи обвини за наводни притисоци во работењето од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, за што го информирал и Советот на Јавни обвинители.
Државниот јавен обвинител, во соопштение од медиумите, ги отфрли наводите, нагласувајќи дека има обврска, првпат после повеќе од четири години, да изврши надзор над работата на Вишото јавно обвинителство.
Се стравува за повеќе од 60 загинати по судирот меѓу авион и воен хелихоптер над Вашингтон
Се стравува дека загинаа повеќе од 60 луѓе откако патнички авион на компанијата „Американ ерлајнс“ се судри со хеликоптер на американската армија над Вашингтон и се урна во реката Потомак во близина на националниот аеродром „Роналд Реган“, јави агенцијата Ројтерс.
„Во овој момент не веруваме дека има преживеани“, рече Џон Донели, началник на пожарникарскиот округ Колумбија на прес-конференција на 30 јануари.
Донели рече дека досега 28 тела биле извлечени од реката, што се покажува како најсмртоносна воздушна катастрофа во Соединетите Американски Држави (САД) по повеќе од една деценија.
„Ќе работиме да ги најдеме сите тела и да им ги дадеме на нивните најблиски“, рече тој.
Американ ерлајнс потврди дека во авионот биле 60 патници и четворица членови на екипажот. Хеликоптерот превезувал тројца војници на тренинг лет, изјави официјален претставник на САД.
Поранешните руски светски шампиони во уметничко лизгање, Вадим Наумов и неговата сопруга Евгенија Шишкова, се меѓу загинатите.
Руската државна новинска агенција ТАСС и спортскиот портал Sports.ru цитираат извори дека Наумов и Шишкова, освојувачи на двојни златни медали на Светското првенство во 1994 година, биле во авионот.
Клубот за уметничко лизгање од Бостон, каде Наумов и Шишкова тренираат од 2017 година, соопштија дека двајцата руски тренери, кои го освоија златниот медал за парови на Светското првенство во уметничко лизгање во 1994 година, се меѓу шесте членови на клубот кои загинаа во несреќата.
„Нашиот спорт и нашиот клуб претрпеа ужасна загуба во оваа трагедија“, рече извршниот директор, Даг Зегибе.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за ТАСС изјави дека во авионот што се урна имало и други Руси.
„Во авионот имаше и други наши граѓани. Денес има лоши вести од Вашингтон. Жал ни е и испраќаме сочувство до семејствата и пријателите“, изјави Песков.
Двојката, која исто така го освои финалето од серијата на шампиони 1995-1996, се пресели во Соединетите Држави по кариерата во лизгање и станаа тренери.
Службеници за итни случаи кои работеа во текот на ноќта известија дека нуркачки тим открил една од двете таканаречени „црни кутии“ на авионот.
Американскиот секретар за транспорт, Шон Дафи, рече дека и хеликоптерот и авионот летале со стандардни шеми на летот и дека немало дефект во комуникацијата.
Пентагон соопшти дека започнува истрага.
Авионот се судрил со хеликоптер Сикорски Х-60 на средна височина додека се приближувал кон аеродромот за слетување.
Во САД немало фатална несреќа на патнички авион од февруари 2009 година, но серија инциденти во последниве години покренаа сериозна загриженост за безбедноста.
Осумдневен притвор за битолскиот хирург за поткупот од 150 евра
Јавното Обвинителство определи мерка притвор од осум дена за хиругот М. С. (64), кој истовремено бил и на раководна позиција во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ - Битола.
Хирургот беше упсен поради примање мито од 150 евра во битолската Клиничка болница, случај регистриран од СВР Битола на 28 јануари во просториите на болницата во Битола.
„Осомничениот на 27 јануари како хирург извршил операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа. Синот следниот во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра“, соопштија од ОЈО Битола.
Откако осомничениот ги примил парите, бил извршен претрес, а овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и ги одзеле парите.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, ги охраби сите кои ќе забележат неправилности, истите да ги пријават.
„Непобитен факт е дека постои мито. Меѓутоа, треба да се докаже и да има некаква судска пресуда, а не само да зборуваме. Јас ги охрабрувам сите коишто имаат факти да ги донесат или кај нас или во МВР или кај раководителите на клиниките“, изјави Таравари.
Убиен Ирачанец кој неколку пати го палел Куранот во Шведска
Салван Момика, кој неколкупати го палеше Куранот во 2023 година во Шведска, што предизвика бес во муслиманските земји, беше убиен јужно од Стокхолм, соопштија истражителите на 30 јануари, додавајќи дека уште пет лица се уапсени.
Обвинителот Расмус Охман за АФП потврди дека е отворена истрага за убиството на 38-годишниот Салван Момика.
„Ние сме во многу рана фаза... се собираат многу информации. Пет лица се приведени како осомничени за делото“, рече тој.
Судот во Стокхолм на 30 јануари требаше да донесе одлука дали Момика, ирачки христијанин, е виновен за поттикнување етничка омраза, но соопшти дека ја одложил одлуката до 3 февруари поради неговата смрт.
Доцна вечерта на 29 јануари, полицијата одговорила на повикот за пукање во станбена зграда во градот Седертаље, каде што живеел Момика.
„Полицајците пронашле маж кој бил „погоден од истрели од огнено оружје, и тој бил пренесен во болница“, се вели во полициското соопштение и се додава дека тој подоцна починал.
Според информациите што ги истражува полицијата, Момика наводно во живо го пренесувал моментот на сопственото убиство на социјалните мрежи.
По инцидентот полицијата извршила претрес на целата зграда.
„Ги пребаруваме внатрешноста и надворешноста на куќата“, изјави во текот на ноќта Даниел Викдал, портпарол на полицијата во Стокхолм.
Шведската служба за безбедност не сакаше да го коментира случајот.
„Не можеме да кажеме ништо за овој случај бидејќи се работи за полициска истрага. Генерално имаме блиска соработка со полицијата“, изјави Габриел Вернштет, портпарол на Службата за безбедност.
Момика стана познат откако пред неколку години го запали Куранот во Шведска. Неговите демонстрации против исламот предизвикаа дипломатска криза во Шведска за време на нејзиниот процес на пристапување во НАТО и придонесоа за зголемување на нивото на терористички закани во земјата.
Момика беше обвинета за поттикнување омраза против етничка група во врска со четири одделни инциденти со палење на Куранот во 2023 година. На крајот на мај минатата година, Момика, чија татковина е Ирак, доби обновена дозвола за привремен престој во Шведска за една година.
Гаши: Немам ингеренции да предлагам претседател на Комисијата за социјална политика
Претседателот на Собранието, Африм Гаши вели дека тој нема ингеренции да предлага претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади. Потенцира дека тој може да одреди пратеник за свикување на седниците на Комисијата.
Собранискиот спикер потенцира дека ако „Европскиот фронт“ не предложи претседател на Комисијата на местото на Илире Даути, тогаш тоа прашање се решава само преку Комисијата за прашањата на изборите и именувањата.
„Претседателот на Собрание нема право сам да предлага претседател на Комисијата до Комисијата за избори и именувања. Што се однесува до претседателот на Комисијата, јас немам ингеренции да одредувам претседател. Јас имам право да одредам пратеник да ги води седниците. Ако доаѓаат закони, а не се свикуваат седници, ако нема претседател нормално дека нема да се свикуваат седници, тогаш јас ќе одредам пратеник кој ќе ги води седниците“, рече Гаши.
Пратеничката на „Европскиот фронт“ и претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути на 16 јануари поднесе оставка од функцијата, откако на пленарна седница на 10 јануари со поддршка од 61 пратеник и 22 против беше изгласана интерпелација за неа.
Интерпелацијата во ноември ја поднесе пратеничката група од „Левица“ поради тоа што Даути, како што беше посочено, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители, поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава.
Образложувајќи ја оставката, Даути посочи дека тоа е врв на срамот што се случил во Собранието и порача дека нејзиното дејствување за ставање на дневен ред на Законот за бранители е врз основа на членот 3 и оти нема да прифати различни услови на дејствување надвор од Деловникот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете