Достапни линкови

Балансерот укинат, доаѓа нов Закон за правична застапеност


Одлуката за укинување на балансерот ја донесе Уставниот суд на седница на 9 октомври 2024
Одлуката за укинување на балансерот ја донесе Уставниот суд на седница на 9 октомври 2024

Претседателот на Уставен Дарко Костадиновски кажа дека балансерот како алатка е исцрпена и оти ги повредувал уставните одредби за слобода на изразување на националната припадност, достапноста на било работно место, како и забраната за дискриминација. Од Вреди најавуваат дека за пет-шест недели ќе поднесат Закон за правична застапеност како замена за балансерот

Балансерот, алатка која се користеше при вработувањето во јавната администрација со цел да има соодветна и правична застапеност на етничките заедници, се укинува, одлучи денеска (9 октомври) Уставниот суд на Северна Македонија.

Укинувањето на балансерот следува откако претходно на 18 септември, уставните судии одлучија да отворат предмет и привремено ја „замрзнаа“ употребата на балансерот додека да се донесе денешната конечна одлука.

Претседателот на Уставен, судијката Дарко Костадиновски рече дека одлуката што ја донеле исклучиво се темели на уставно-правна анализа.

„Секоја афирмативна акција има времен карактер додека не се постигне легитимната цел. Кога ќе се постигне легитимната цел таа почнува да продуцира класична дискриминација. Тоа е случајот со нашиот предмет. Оваа мерка [балансерот] во 2001 е тоа што ние во Уставен го нарекуваме нужно и неопходно затоа што нашиот систем тогаш имал аномалија. Мерката била нужна и неопходна. Но се поставува прашањето дали таа е исцрпена? Бројните извештаи го покажуваа тоа“, рече Костадиновски, кој како пример ги посочи и укажувањата на Европската комисија.

Тој рече дека е неспорно оти правичната застапеност е втемелена во Уставот. Но од друга страна, Уставот исто така ги гарантира и слободата на изразување на национална припадност и еднаквите услови за достапност на секое работно место, како и забраната за дискриминација по кој било основ.

„Јас како припадник, да речеме на некоја од помалите заедници воопшто немам право да аплицирам за некое работно место. Пример, јас како Влав не можам да конкурирам на конкурс каде се бара вработување на Турчин. Прашувам, дали јас како граѓанин на оваа држава во која Уставот ми го гарантира тоа право, можам да конкурирам за тоа работно место? Не. А Уставот ми вика секое работно место ми е достапно под исти услови“, рече Костадиновски.

„Политичарите да не ги етнизираат и политизираат судските одлуки“

Голем дел до своето обраќање по одлуката, Костадиновски го посвети на пораки дека Уставниот суд одлуката не ја донел по ничија насока и без никакви влијанија.

„ Манипулација е дека судот со своето постапување по ова или кој друг предмет може да ги наруши етничките односи или да биде повод за дестабилизација. Политичарите не треба да ги етнизираат и политизираат одлуките“, рече Костадиновски.

Гласањето за одлуката е зад затворени врати и таа е донесена со мнозинство гласови. Уставен има девет судии. Од нив, според националноста, шестмина се Македонци, двајца Албанци и еден Турчин.

Укинувањето на балансерот е прашање кое подолг период покренува дебати во јавноста. Без разлика што дел од политичките актери излегоа со коментари дека е симтоматично што отворањето на ова прашање од Уставен доаѓа на почетокот на мандатот на новата Влада и фрлаа сомнежи дека е политички инсинуирано, сите политичките партии се согласни дека балансерот веќе е надминат однос дал резултати во првите години, но подоцна почнал да се злоупотребува.

Законот за правична застапеност наскоро во Собрание

Во меѓувреме, од коалицискиот партнер Вреди (ВЛЕН) најавуваат дека наскоро и официјално ќе биде предложен нов Закон за правична застапеност кој досега се претставуваше како решение со кое балансерот ќе се унапреди.

Координаторот на пратеничката група на Вреди, Халил Снопче, за Радио Слободна Европа (РСЕ) вели дека без разлика на одлуката на Уставниот суд тие ќе го предложат Законот.

„Тој е готов, драфтот го имаме. Можеме и денеска да го предложиме, но сакаме да направиме јавна дебата со професионалци и експерти за да ги земеме предвид нивните забелешки, да не направиме некое промашување бидејќи е чувствителен закон и да немаме грешки. Значи, целта е да се вклучат и експерти, па потоа да го предложиме. Не сакаме да правиме политичка кампања со тоа туку да го решиме проблемот“, вели Снопче за РСЕ.

Оптимално, како што вели, може да се очекува Законот официјално да го предложат за пет до шест недели.

Пратеникот очекува дека со оглед што сите политички партии би го поддржале новото законско решение со оглед дека сите се изјасниле оти се за укинување на балансерот поради злоупотребите.

Претходно, првиот вицепремиер Изет Меџити, од редовите на коалицијата Вреди, во интервју за РСЕ рече дека меѓу коалициските партнери во Владата веќе има согласност за ваков Закон.

Меџити: Се очекува Владата да ги укине незаконските онлајн казина
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:38 0:00

Со верзијата на овој закон што го најавува „Вреди“, не е запознаено Министерството за јавна администрација.

„Министерството не подготвува нов Закон за правична застапеност на етничките заедници, ниту пак има информација за подготовка на нов закон кој го најавуваат дел од претставниците на власта“, велат од Министерството за јавна администрација за РСЕ.

Еден кандидат со три различни националности

А, малверзациите кои се правеа досега со балансерот ги констатираа и институциите и невладиниот сектор.

Еден од примерите, како што објави Државната комисија за спречување корупција во 2022 година, беше што еден кандидат за пет работни места во администрацијата се пријавил под три различни националности – бил Ром, па Турчин, па Македонец.

Случаи со злоупотреби во јавноста излегуваа од двете страни кога се во прашање најбројните заедници во земјава – за да се добие работно место под државна капа Македонци се пишуваа како Албанци и обратно.

И невладината организација Центар за управување со промени (ЦУП) на крајот на август минатата 2023 година, спроведе истражување за целисходноста на „балансерот“. Тоа покажа дека мерките за обезбедување соодветна и правична застапеност во јавниот сектор веќе се контрапродуктивни, така што дејствуваат спротивно на принципот на заслуги. Високи три четвртини односно (76 насто) граѓани, според истражувањето, ја оцениле како лоша досегашната пракса на вработување според начелото на соодветна и правична застапеност во јавната администрација.

Како дојде до укинување на „балансерот“?

Иако речиси сите политички актери беа согласни дека оваа алатка се злоупотребува и треба да се укине или „ремонтира“, до укинувањето дојде по иницијатива што во јануари до Уставен ја поднесе претходниот состав на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

Бившите антикорупционери сметаа дека со тоа што од кандидатите за вработување во администрацијата се бара да ја наведат својата националност се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот односно слободното изразување на националната припадност.

Одлуката на балансерот од страна на Уставен по иницијативата на Антикорупциска, всушност значи укинување на одредби во неколку закони и правилници преку кои беа регулирани правилата за вработување во однос на етничката припадност.

Зачетоците на балансерот, пак, беа во Рамковниот договор потпишан во Охрид во 2001, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија меѓу припадниците на Ослободителната народна армија-ОНА и македонските вооружени сили. Во него, една од главните промени беше токму вработувањето на припадниците на етничките заедници во јавната администрација.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG