Место игри со проценти и бројки за државните вработувања според етникумот, треба да се почитуваат законите и да се види што му треба на јавниот сектор, децидни се експертите што ги следат случувањата во администрацијата. Ваквите изјави доаѓаат по неодамнешната промена на процентите во т.н. балансер – онлајн калкулатор со кој се одредуваат државните вработувања според етничката припадност, а кои се правдаа со последниот попис.
Она што ја вознемири јавноста се значително повисокиот процент на етнички Албанци кои треба во иднина да добијат државна работа, наспроти намалениот број кај повеќето етнички заедници. Па така на пример, со последните измени во балансерот, ако има 30 нови вработувања во Министерство за информатичко општество и администрација(МИОА), од нив 17 ќе бидат за етнички Македонци, 10 за Албанци, а место ќе има за уште по еден Турчин, Србин и Ром.
Од МИОА пресметале дека при новите вработувања ќе се примаат 31,92 % етнички Албанци, наспроти 57,92% Македонци, додека под 5% ќе останат резервирани за останатите етнички заедници.
Високиот процент на албанската етничка заедница, министерот Адмирим Алити ја правдаше со тоа што ги користеле податоците од пописот на нерезидентото население, односно оној во кој е вклучена и дијаспората. Но дури и таму на пример, процентот на попишани Албанци е под 30%, по што следеше појаснување од министерот дека пропорционално, во сите групи, биле распределени оние околу 7% граѓани што на пописот не кажале етничка припадност.
За ова веќе се изјаснија од Државниот завод за статистика од каде укажаа дека валиден е само пописот на населението што живее во земјава. И самиот директор на ДЗС, Апостол Симовски уште минатиот месец рече дека биле контактирани од МИОА, од каде им е кажале дека „единствена категорија што треба да ја гледаат е резидентно население“.
Балансер по волја на една институција
Според професорот Драган Гоцевски од катедрата по административно право и администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, ако решиме да ја задржиме оваа алатка, треба да се почитува ставот на надлежната институција.
„Треба да се користат податоци од последниот попис при вработување и да се земе предвид ставот од надлежен орган, а тоа е Државниот завод за статистика кој кажува дека се користат само податоци за резидентно население. Се надвор од тоа е самостојно делување на еден орган кој не е надлежен да го толкува пописот“, дециден е професорот.
Во оваа насока оди и Законот за вработени во јавниот сектор, кој вели дека вработувањата во институциите кои се основани од централната власт, како основ за вработувања по припадност на заедница, се земаат податоците „од последно спроведениот попис на населението на Република Македонија, за територијата на цела Република Македонија“’. За инстутициите пак кои делуваат локално, вработувањата се вршат според застапеноста на етничките заедници во општините.
РСЕ испрати и прашања до МИОА и Владата за тоа дали ќе има нова корекција на балансерот, но и каков е планот за идни вработувања во администрацијата. Од Владата уште минатиот месец ја поддржаа корекцијата на МИОА според податоците од пописот во кои е вклучена и дијаспората, при што побараа мала корекција - да се извадат од балансер оние околу 7% за кои нема етничка припадност. Истото го повторија и во одговорот на РСЕ.
„Владата е во постојана комуникација со Министерството за информатичко општество и администрација и со сите инволвирани страни, со цел да се направи соодветна корекција, не нова алатка. Дополнителната корекција би подразбирала од Балансерот да се извадат податоците кои што во последниот Попис се преземени од административни извори“, се наведува во одговорот од Влада.
Засега, нема никаква корекција, ама затоа министерот за информатичко општество и администрација Алити, минатата недела замина во Брисел, на скрининг процесот за реформи во јавната администрација. Пред Европејците истакна дека реформите во јавната администрација се меѓу приоритетите на Владата и „претставуваат суштински фактор за деполитизација, професионалност и ефикасност на администрацијата“.
Сепак, со ова не се согласува во целост Неда Малеска, од Центарот за управување со промени. Осврнувајќи се на последните корекции во балансерот, децидна е дека се несоодветни и создаваат револт кај јавноста. Потсетува на случаите кога во изминатите години многу припадници на помалите етнички заедници земаа плата за седење дома, но и за промената на етничка пропадност согласно потребите на огласот. Оттука, смета дека сега е поважно место да се пресметуваат бројки и проценти, да се види која е реалната потреба на администрацијата и да се бараат резултати.
„Треба и МИОА малку посистемски да пријде кон овој проблем, да ја погледнат структурата на невработените согласно пописот во државата, да ги видиме потребите на администрацијата. Не може туку така да направите промена на балансерот само затоа што сте го протолкувале пописот на начин на кој што вам ви одговара“, вели Малеска.
Професорот Гоцевски пак оди чекор понапред и смета дека е време е да се напушти балансерот, бидејќи најголем дел од прашањата на застапеност на етничките заедници веќе се инкорпорирани во законската регулатива.
„Балансерот како алатка се покажа како неуспешен затоа што ефектот што треба да го постигнува е делумен. Имено правата на заедниците да остваруваат право на вработување преку афирмативни мерки се заобиколува. Како што не може никој да забрани на барател на право на вработување, кој се јавува на јавен оглас, да каже како се чувствува етнички. Тоа не се докажува, чувство е. И веќе е познато дека припадници на различни етнички заедници, зависно од моменталната квота која може да се примени како афирмативна мерка, од која заедница и да припаѓа, се изјаснуваат како што налага потребата. Македонци се пишуваат Турци, Албанци, Роми, Албанци се пишуваат Македонци, Срби... и проаѓаат“, потсетува Гоцевски.
Повици за укинување и контрола на балансерот
Во меѓувреме од повеќе страни стигнаа реакции за нова корекција на балансерот, но и негово целосно укинување.
Од Демократскиот сојуз ја повикаа Владата да го отфрли предлогот за корекции на балансерот за вработување според резултатите од пописот и да го зголеми процентот на Албанците на 29,5 отсто. Велат дека така третина од вработувањата треба да бидат за етнички Албанци, што не е одраз на сликата во општеството. Наместо менување на процентот на Албанците во балансерот за вработување во државната администрација, оваа партија бара укинување на овој инструмент за кој вели дека „се покажа манипулативен и неправеден“.
На сличен став се и од ВМРО. Оттаму сметаат дека балансерот треба да се напушти затоа што претставува сериозно нарушување на системот на квалитет.
Повик за укинување на оваа алатка, или утврдување систем за нејзина контрола, побараа и од Државната комисија за спречување на корупцијата. Уште во мај оттаму утврдија дека во употребата на балансерот при вработување нема утврдена постапка за проверка на веродостојноста на податоците, ниту е направена единствена база од која ќе се добиваат податоци за етничката припадност на кандидатите.
Затоа предлагаат во новиот Закон за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници да се најде ефикасна алатка за спречување на злоупотреба на балансерот или тој да се укине „бидејќи е претворен во алатка за злоупотреба и понижување“.
Балансерот како алатка беше воведен во 2016-та за да служи за соодветна и правична застапеност на сите заедници во секоја институција од државниот и јавниот сектор. Сега во јавниот сектор има нешто над 20% вработени што се претставници на помалите етнички заедници, при што најбројни се од албанската.