Македонија вежба да биде земја членка, всушност е оваа фаза од патот кон Европската унија (ЕУ), што се нарекува скрининг. Првиот дел е еден вид на семинар на кој тимот на ЕУ на македонската администрација и кажува што содржи поглавјето за кое се преговара. Во втората фаза, пак, македонскиот тим ќе се вклучи подиректно и ќе кажува што сме направиле, каде има разлики и што планираат да прават. Тука може да има и прашање или забелешки од секоја земја членка.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ вели дека преговорите со ЕУ се отворени и дека скринингот ќе ги забрза реформите. Граѓаните што ги анкетиравме во центарот на Скопје немаат баш јасна претстава што значи скринингот – некои знаат површно, некои воопшто, а некои не ги интересира.
Граѓаните и скринингот – Ниту знаат, ниту ги интересира
„Зошто го прават скринингот кога знаат кои сме и што сме, зошто би го правеле тоа? Ние знаеме кои сме и што сме“, вели анкетиран скопјанец.
„Јас знам многу добро што е скрининг. Надгледување на ситуацијата, економска, политичка и ред други работи“, вели Стојан Коцевски од Скопје.
„Да нè караат, да нè убедуваат дека е сè добро, дека напредуваме, а народот не вели така“, вели анкетиран пензионер.
„Не, не знам што преставува скрининг, го слушаме по медиуми, но никој од челниците не кажува што точно значи“, вели Дрита од Скопје.
Треба да не интересира што се случува во Брисел
На луѓето треба да им биде битно што се случува во Брисел, оти тоа ќе се одрази на нас, вели за РСЕ, Андреја Стојковски од Институтот Преспа, кој долги години работи во граѓанскиот сектор кој ги следи евроинтеграциите. Но, не треба слепо да веруваме на ЕУ, треба секогаш да бидеме подготвени и претпазливи во секој од чекорите што ги правиме, меѓутоа исто така не треба да им веруваме на оние што ќе се обидат да го пополнат празниот простор, вели тој.
„Доколку не нè интересира и доколку помалку се информираме, се разбира доколку имаме помалку достапни информации, може да се случи да не заведуваат со лажни информации, делумни информации, и притоа да го насочуваат во една или во друга насока нашето проевропско расположение“, вели Стојковски.
Скринингот започнува со Поглавје 5, Јавни набавки. ЕУ тука ќе каже кои се нивните закони и што очекуваат од земјата да направи за да се прилагоди на Унијата. Тимовите од земјава и од ЕУ до 27 септември ќе состанчат и за областите и поглавјата од Кластерот Фундаментални вредности, кога Комисијата ќе го презентира новото законодавство за овие области. Сите состаноци се
одржуваат во Брисел, освен за Поглавјето 18 - Статистика во
Луксембург.
„Целта на самата вежба е да се добие еден преглед, една слика на тоа какви реформи ние треба да преземе како држава за да ги исполниме стандардите на ЕУ, како идна земја членка, и да си поставиме долгорочно цели во кој период тоа би го извеле“, вели директорката на Институтот за европска политика (ЕПИ), Симонида Кацарска.
Кластерите ќе се отвораат кога ќе се смени Уставот
По 17 години чекање, оти Македонија е земја кандидат за ЕУ од 2005, сега започнува нова фаза, која следи откако на 19 јули годинава се одржа првата меѓувладина конференција меѓу земјава и ЕУ. Македонија и Албанија, кои во последните години заедно го одеа патот кон ЕУ, заедно го започнуваат скринингот, но само првиот објаснувачки дел. Кога ќе почне билатералниот скрининг, нивните патишта ќе се одвојат.
За да почнат да се отвораат кластери, пак, земјава првин треба да направи измени на Уставот, односно да се внесат Бугарите во него. Од тоа зависи дали ќе продолжат евроинтеграциите.
Но, „чешлањето“ од страна на ЕУ не почнува од нула. Во 2018 и 2019 ЕУ спроведе дел од таканаречниот објаснувачки скрининг, односно ѝ објасни на земјава што ние треба да прифатиме за да станеме членка на ЕУ. Во меѓувреме се донесени нови закони, па сега европските функционери ќе му објаснуваат на македонскиот тим што дополнително е донесено и што треба да се смени.
Законите може целосно да ви се усогласени со тие на ЕУ, но ако не се спроведуваат, скринингот нема да има значење, рече евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир во интервју за РСЕ во август.
И Стојковски вели дека многу побитно е како ќе се спроведуваат законите.
Преговорите се отворени, македонскиот тим е подготвен за почеток на скрининг процесот, напиша вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на Фејсбук, пред денешниот почеток на процесот. Тој вели дека многу работа не очекува во вториот кластер – Внатрешниот пазар, а исто така и во првиот, којшто е најважен, а тоа се Темелните вредности.
Буквално на секој чекор од патот може да се очекуваат проблеми, додава и Стојковски.
Пад на желбата за влез во ЕУ
ЕУ во март 2020 одлучи дека Македонија може да ги почне преговорите, но потоа земјата доби блокада од Бугарија. Тоа беше надминато со францускиот предлог со кој дел од бугарските барања влегоа во преговарачката рамка, по што уследи првата меѓувладина конференција.
Се чини дека одолговлекувањето на евроинтегративниот процес ги измори граѓаните. Според последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), спроведена во јануари и февруари годинава, а објавена на крајот на јуни, 66 проценти од граѓаните одговориле дека ако има референдум, би гласале за приклучување кон ЕУ, а 13 отсто би гласале против. Ова е пад на желбата за влез во ЕУ во однос на 2020 година, кога 74 отсто од граѓаните биле за влез на земјата во ЕУ.
Само 42 отсто од граѓаните на Македонија одговориле дека ЕУ има сериозни намери да им понуди полноправно членство на земјите од Западен Балкан.
Во 2009 година, на пример, според анкетите на ИРИ, дури 95 отсто од граѓаните поддржувале влез на земјата во ЕУ. Најниското ниво на поддршка досега било 71 отсто во 2016 година, за сега да падне за уште 5 проценти.