Достапни линкови

Македонија ќе треба да увезува работници


Илустрација
Илустрација

Пописот покажа дека Македонија го губи младото и работоспособното население. Бизнисот предупредува дека земјава останува без работници и дека ќе биде принудена да увезува од странство. Економските аналитичари порачуваат државата да почне со реформи со кои ќе се спречат ваквите негативни трендови.

Триесет годишната Ана Ефтимова веќе три години работи во Германија во фирма која посредува за вработувања. Вели дека кога ја добила понудата за работа во странство не се двоумела дали да ја прифати. Одлучила да си замине од Македонија поради подобрите услови за живот и работа.

„Иако не беше лесно сепак знаев дека тоа ќе биде вистинската одлука. Имав прилика да работам три месеци на проект во Германија, што ми овозможи вистински да ги почувствувам разликите помеѓу животот во Германија и Македонија, почнувајќи од подобриот животен стандард, здравството, работничките права, повисоките приходи, организираниот јавен транспорт, па се до културата, пристапот до производи и услуги како резултат на модерното општество и поврзаноста со остатокот од светот“, вели Ефтимова за РСЕ.


Изминативе години незјината професија се развива во Македонија, но нуди и можности за работа во странство што многумина млади ги користат за да заминат од земјава.

Ана вели дека и многу од нејзините колеги го направиле истиот чекор како неа.

„Бидејќи останав во контакт со дел од колегите со кои што работев во Македонија, се почесто слушам од нив дека размислуваат да ја напуштат државата и да работат во странство, а познавам и такви кои што веќе се имаат иселено во последниве 2-3 години“, додава Ана.

Таа е една од стотиците илјади млади кои во изминативе години се иселиле од земјава и е дел од поразителните статистики од пописот, кои покажаа дека бројот на стари луѓе се зголемува на сметка на огромното намалување на млади и работоспособни луѓе.

Имено, од 2002 до 2021 година бројот на работоспособно население паднал за 12,4%, додека во исто време бројот на старо население над 65 години се зголемил за 17,2%.

Ова се клучните прашања за кои треба да се водат дебатите по резултатите од пописот, наместо фокусот да се става на етничките, велат дел од економските аналитичари.

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски за РСЕ вели дека резултатите од пописот се аларм дека државата мора да ги менува економските политики за да се спречат ваквите трендови и состојби.

„Во делот на економските политики јасно е дека истите не генерираат тоа што се очекувања на граѓаните, а тоа е повисок животен стандард, повисоки плати и со тоа би се намалил оној егзистенцијален мотив за напуштање на земјата. Мислам дека моделот на економијата кој го водиме не е насочен кон раст на бруто домашниот производ. Ако го следиме донесувањето на законите секаде се потенцира некаков фискален ефект од воведување на даноците, а тоа е влијанието на законот на евентуални буџетски трошоци, наместо главен мотив при носење на економските закони и сите закони кои ја допираат економската сфера да биде мотивот што истиот ќе значи за подобрувањето и зголемувањето на бруто домашниот производ, само во таква насока очекувам дека може нешто позначајно да се промени за во догледна иднина да имаме запирање на овој негативен тренд односно намалување на стапката на иселување на нашите жители од земјава“, вели Ивановски.

Бизнис заедницата веќе одамна алармира за одливот на работна сила.

Дрилон Исеини од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека пописот само ги потврдил досегашните предупредувања дека земјава го губи работоспособното население и ако ваквите трендови продолжат, ќе мора да „увезуваме“ работници од странство.

„Реално ние за ова алармиравме уште пред пандемијата. Ние и тогаш имавме недостаток од работна сила. Пандемијата малку го забави трендот на иселување на младите на земјава, но сега проблемот повторно чука на врата. Огромен проблем веќе се чувствува во градежништвото, угостителството и ако вака продолжи единствена алтернатива ќе остане увоз на работна сила“, вели Исеини.

Професорот Ивановски предупредува со ваква демографска структура на населението каква што е сега не може да очекуваме силна економија и повисок стандард за живот. Уште повеќе, прашање е и дали и како ќе издржи пензискиот фонд, кој и досега покажува слаба издржливост.

„Имајќи предвид дека се уште е доминантен „pay go“ системот кај нас, односно се уште се базира во најголемиот дел на работоспособното население, секако овие бројки ќе влијаат на неговата издржливост и секако во овој дел, кој сам по себе е голем за анализа - се потребни реформи за одржливост на долг рок“,вели професорот.


Според Исеини пак од стопанската комора на северозападната Македонија, државата мора да преземе итни мерки кои ќе бидат насочени кон задржување на младите во земјава.

„Најголема стимулација беше вработувањето во јавниот сектор што е погрешна политика и мерка. Наместо тоа треба да се стимулираат младите за бизнис. Тоа краткорочно би било да се стимулира повеќе претприемништвото во основните и средните училишта, да се поттикнува стручното образование, но тука да се понудат добри плати и добри можности за напредок, како и субвенционирање на давачките со цел да може младите да имаат добри плати“, вели Исеини.

РСЕ упати прашања и до Владата. Дали резултатите од пописот ќе повлечат нови реформи и мерки и како ќе се решава проблемот со одливот на работоспособно население, но одговор не добивме.

Она што загрижува е што дел од истражувањата, како што е она на Младинскиот образовен форум во соработка со Вестминстер од 2021-ва година, покажуваат дека најголем дел од младите не гледаат перспектива во државава и друи 58% од нив би се иселиле од земјава доколку имаат можност за тоа.

Подготви Ивана Стојкова

XS
SM
MD
LG