Достапни линкови

Бизнисмените бараат продуктивност, а Синдикатите поголеми плати


илустрација
илустрација

За поголема плата стопанствениците бараат поголема ефикасност од своите вработени. Синдикалните организации пак сметаат дека со оглед на висината на платата во услови на зголемени животни трошоци, треба да се биде задоволен од продуктивноста на работниците

По зголемувањето на минималната плата на 18 000 денари, газдите очекуваат поголема продуктивност од работниците. Некои од нив пак не веруваат дека тоа ќе се случи, се додека не се инвестира во опрема и едукација на вработените. Од синдикалните организации, пак сметаат дека со оглед на висината на платите и високите цени, продуктивноста и досега не била лоша.

Но, зголемувањето на минималната плата се случува во период на низа поскапувања почнувајќи од енергенсите, па сè до основните прехранбени производи. За голем дел од работниците зголемувањето на платата нема да промени ништо, бидејќи со последните покачувања, расте и потрошувачката кошничка за едно семејство.

Податоците на Заводот за статистика покажуваат дека индексот на трошоците на живот и на цените на мало за февруари во однос на јануари пораснале за околу еден проценти. Изминатиот месец пак беше забележан огромен месечен скок на цените, колку што немало во изминатата деценија.

Ем дебели сметки, ем незгреани
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:23 0:00

Некои од работниците велат дека во вакви услови речиси е невозможно да се очекува и зголемена продуктивност.

Но, претседателот на Сојузот на стопански комори и сопственик на приватна фирма Трајан Анѓелоски, очекува поголема продуктивност од работниците кога се зголемува платата, но и редуцирање на работните места.

„Тоа е природен економски процес. Значи, сосема е нормално за секој стопански субјект е кога ќе платите повисока цена да побарате адекватен надомест во труд, материјали, услуги итн. Тоа е многу јасен економски параметар. Зголемувањето на нивото на плати подразбира зголемени ангажмани и во обратната насока. Тоа значи поголема ефективност во работата. Ако е го добиете тоа, се знае, ќе мора да барате адекватно решение,“ вели Анѓелоски.

Од текстилното трговско здружение Текстилен кластер објаснуваат дека продуктивноста на работниците не може да се зголеми доколку не се инвестира во машини или едукација на вработените.

„Платата сега ништо не вреди заради сите покачувања од страна. Дури е помалку вредна од претходно што беше. Како се зголемува продуктивноста? Со покачување на плата или со нови машини и зголемување на тренингот? Платата е резултат на таа продуктивност, а не обратно. За да го направите тоа треба да имате висока технологија, капитал и огромни профити кои ќе ги надминува трошоците. Во текстилната и кожарската индустрија платата беше 80 проценти учество во финалната цена, сега е 95 посто. Па со 5 проценти што попрво да платиш: струја, вода, за што да се работи?, вели Мирјана Перковска, претседателка на Текстилниот кластер.

Од Сојузот на синдикати на Македонија пак велат дека со оглед на висината на платата која ја земаат работниците, треба да се биде задоволен од продуктивноста.

„Со таа опрема што ја има, а и со тие часови што се по закон сметаме дека е повеќе од продуктивен, бидејќи од друга страна гледаме дека стопанствениците или работодавачите во ниту еден момент не изгледа дека се за жалење или дека работниците се непродуктивни. Доколку биле непродуктивни тие истите работници не би го обезбедиле тој капитал низ годините на тие фирми поготово во трудоинтензивните дејности, работодавачите во градежништвото, металургијата, текстилната индустрија, агроиндустријата итн. Сите гледаме како живеат работодавачите, а како работниците во изминатите 30 години“, вели Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво при ССМ.

Некои од истражувањата кои на оваа тема беа правени по првото покачување на минималната плата покажаа дека зголемувањето на минималната плата воопшто не ја зголеми продуктивноста, туку напротив до намалување на истата, заради изедначувањето на платите меѓу добрите и лошите работници.

Од друга страна пак дигитализацијата и инвестирањето на дел од компаниите во опрема го замени човечкиот фактор и во таа насока не може да се очекува човекот да изработи исто како една машина или робот. Нормите пак кои треба да ги направат работниците се нереални, па затоа е потребно стручни лица да оценуваат продуктивноста на еден работник или машина, истакнува Пешевски.

„Затоа мислам дека се многу нереални изјавите на работодавачите, особено од текстилниот кластер, кои велат дека имаме непродуктивни работници, а од друга страна сме сведоци какви отпуштања во овој сектор имаме и дека никој не толерира работник што не работи. Особено овој кластер кој е целосно приватен и постојано има отпуштања. Сепак мислам дека продуктивноста за 18 000 не може да се мери. Доколку сакаме да ги задржиме работниците, да имаме безбедни места и квалитетна опрема многу поголем треба да биде влогот на работодавачите, отколку да го оценуваат трудот на работникот, благодарение на кој го стекнале тоа што го имаат денеска“, заклучува Пешевски.

Инаку, последните статистички податоци кои се однесуваат на изминатата година покажуваат дека во земјата се вработени 795 087 лица, а 147 917 лица се водат како невработени. Стапката на активност во овој период е 55, 7 , стапката на вработеност 47,3, додека стапката на невработеност изнесува 15,2. Во моментот во земјава има 5299 слободни работни места.

Доколку се направи споредба со претходни периоди, може да се забележи дека вкупниот број на активно население и вкупниот број на работоспособно население се во пад. Бројот на невработени се намалува и поради одливот на работници кои заминуваат во западноевропските земји за подобра работа и повисоки плати.

Најголем број вработени има во преработувачката индустрија 160.373, потоа во трговијата на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли или 126.401 и земјоделството, шумарството и рибарството каде има 87.588 вработени.

Минималната мартовска плата ќе изнесува 18.000 денари. Откако власта соопшти дека минималецот се зголемува, беше порачано дека сега треба да порасне и продуктивноста. Зголемувањето на минималната плата ќе биде помогнато и од државата која од Буџетот ќе одвои 16 милиони евра за плаќање на разликата во придонесите до крајот на годината.

Зголемувањето на минималната плата беше барање на синдикатите, според кои, се работи за егзистенцијална потреба на работниците имајќи го предвид зголемувањето на животните трошоци и фактот што две минимални плати се малку за да се покрие минималната синдикална кошничка.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG