Достапни линкови

Бела се чума зададе там долу в Македонија


Младите се повеќе се селат, а Македонија станува земја на пензионери
Младите се повеќе се селат, а Македонија станува земја на пензионери

Во изминатите две децении Македонија изгубила 270 илјади млади до 29 години, а има 140 илјади повеќе стари над 60 години. Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека „белата чума“ седи во парламентот.

Резултатите од пописот покажуваат дека Македонија сега има 1,83 милиони жители, односно скоро 185 илјади луѓе помалку од претходниот попис од 2002 година. Тоа значи дека во изминатите две децении Македонија изгубила жители колку две Куманова.

Главна тема во изминатите 24 часа е пребројувањето по етничка и верска основа и проблемите коишто произлегоа од тоа што 132 илјади не се попишале, туку биле попишани административно, и тоа што дијаспората во голема мера остана пасивна при електронското попишување.

Ова е прв попис по 2002 година. Во 2011 година имаше обид за попис, но тој пропадна, поради тоа што тогашните коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не можеа да се согласат дали треба да се попишува дијаспората.

Сепак, резултатите од пописот покажуваат дека „белата чума“ ја пустоши Македонија во која се повеќе станува земја на пензионери. Младите забрзано се иселуваат од Македонија, а тоа е проблем и за идниот развој на државата, затоа што се намалува бројот на работоспособни граѓани.

Според вчера објавените резултати, во земјава има 638 илјади млади до 29 години и 440 илјади над 60 години.

Во 2002 година имало 907 илјади млади до 29 години и 303 илјади луѓе над 60 години.

Во изминатите две децении Македонија има помалку за 270 илјади млади и 137 илјади повеќе луѓе над 60 години.

Се чини дека на повидок нема јунак кој ќе се избере „чумата да изгони“, и од Демир Капија и од жална Македонија.

Впрочем, и Демир Капија на претходниот попис имала над 4500 жители, а сега има помалку од 3800 жители, односно меѓу два пописа изгубила 17 отсто од населението. Пописот покажа дека во земјава има 207 населени места без ниту еден жител.

За овие податоци и не мораше да се чека попис, зошто другите индикатори со години покажуваат дека бројот на млади се намалува.

Најново истражување на фондацијата Вестминстер од пред десетина дена покажува дека 58 проценти од младите би се иселиле од Македонија, а 64,8 проценти се незадоволни од своето место во државата.

Со оглед на тоа што само 355 луѓе на пописот се изјасниле како атеисти, веројатно граѓаните сметаат дека само Господ може да ѝ помогне на Македонија.

Резултатите од пописот, кои беа објавени вчера, покажуваат дека Македонија сега има 1 836 713 жители, за 185 илјади, односно 9,2 отсто помалку од претходниот попис од 2002 година.

Пописот на населението и домаќинствата се спроведе од 5 до 30 септември, а веднаш потоа почна обработката на податоците. Опозицијата и многу партии и организации на помалите етнички заедници ги спорат резултатите од пописот и не ги признаваат резултатите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG