Достапни линкови

Лекари се вработуваат или партиски или етнички, но секако со врски


Илустрација
Илустрација

Околу 350 лекари и 1.400 медицински сестри чекаат вработување додека ветените 1.117 се стопирани. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи и дали министерот за финансиии Бесими од ДУИ издал согласност за нив. Вработувањата на медицински кадар имаше само во болницата во Гостивар.

Младиот доктор Александар Веселинов тргна на патот кон прво вработување. Тој е еден од најдобрите студенти на Медицинскиот факултет во Штип, каде дипломираше со просек 9,82, во минатата 2023 година.

Откако добил лиценца од Лекарска комора, чекал два месеца да го повикаат на т.н „платен стаж“ од шест месеци во државното здравство - обврска што ја има секој млад лекар за да може да запише специјализација.

Претходно, преку разни програми се обучувал во Истанбул и во Хрватска.

Александар Веселинов, доктор по медицина
Александар Веселинов, доктор по медицина

Повик да дојдат на платен стаж овие денови добиле или треба да добијат уште околу 250 млади луѓе, сите лиценцирани доктори по медицина.

„Колеги чекаа и по 4-5 месеци, институциите си ја префрлаа топката, а ние губиме драгоцено време иако станува збор за правила на игра што ни ги наметна државата. Мислам дека сега што нè викнаа е поради притисокот од јавноста“, вели Александар за Радио Слободна Европа(РСЕ).

По задолжителното стажирање Александар ќе им се придружи на лекарите кои ќе чекаат вработување. А тие не се малку.

Нема Клиника на која не недостига медицински кадар, додека лекари и сестри седат без работа.

Невработени доктори и медицински сестри до 31.1.2024 година
*Извор: Агенција за вработување на Република Северна Македонија
Невработени доктори и медицински сестри до 31.1.2024 година *Извор: Агенција за вработување на Република Северна Македонија

Податоците што од Агенцијата за вработување ги доби Радио Слободна Европа покажуваат - заклучно со 31 јануари 2024, во Северна Македонија имало 354 невработени доктори по медицина и околу 1.420 невработени медицински сестри.

Најголем дел од невработениот медицински кадар за прво вработување чека до 11 месеци. Но има и такви за кои времето на чекање и по пет години и повеќе (во оваа група се 39 општи медицински сестри, 115 медициски техничари, 23 бабици...).

Партијата посилна и од просекот на Медицински факултет

Инспекторатот за труд минатата недела направи вонреден инспекциски надзор во болницата во Гостивар, откако порталот „Порталикс“објави снимка на која се тврди дека се слуша гласот на Илбер Адеми, директор на болницата, како на кандидат за вработување му вели дека на огласот имало еден куп кандидати, дека било пекол, но дека на крај не одлучува тој, туку партијата.

Директорот Адеми не негира дека е тој на снимката, а за телевизијата Канал 5 изјави: „Знаете партиски интервенции горе долу, меѓутоа мојата одлука не се оснива директно на некоја партиска одлука. Туку на моја лична одлука. Професионална одлука “изјави Адеми.

ИНФОГРАФИКА - Истражување: Што е најважно кога се бара работа?
ИНФОГРАФИКА - Истражување: Што е најважно кога се бара работа?

На тоа се жалат и младите лекари - дека не можат да се вработат во јавно здравство ни со висок просек од студиите, бидејќи тука се вработува најчесто преку партија или по „други критериуми“.

„Се повторуваат истите шеми со вработувањата во здравството, само што сега во случајот со Гостивар имаме 100 отсто етничка компонента. Слични случаи имавме на Клиника за гинекологија, на Инфективна клиника. Ние повторно ги повикуваме колегите да излегуваат јавно и да ги кажуваат проблемите. Ама, тие што се храбри, си отидоа од тука“, вели д-р Ненад Лазаров од Асоцијација на специјализанти и млади лекари.

Инспекторатот има рок од десет дена да се произнесе дали имало неправилности околу овој оглас.

Партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ реагираа за вработувањата во гостиварската болница и побараа да се поништи огласот.

„Важи ли правичната застапеност, на која се повикуваат поединци (ама само тогаш – кога им одговара), за вработувања во гостиварската општа болница? Погледнете убаво и уверете се дали и како се спроведуваат во Гостивар балансерот и Бадинтерот, реагираше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.

Општинската организација на СДСМ-Гостивар во преку соопштение оцени дека „ се случи грубо кршење на начелото за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници при вработување во органите на државната власт и другите јавни институции“.

Во меѓувреме, клиниките не можат да реализираат минимум вработувања. Таков пример е Универзитетската клиника за детски болести, каде трет месец не се одобрува вработување на двајца педијатри, иако кандидатите ги поминале интервјуата.

Зошто се стопираа 1.117 вработувања?

Пред месец и половина двајца министри од Владата и поранешниот премиер Димитар Ковачевски најавија дека 1.117 лица ангажирани со договор на дело во здравството ќе бидат вработени пред да се распишат изборите напролет.

Овој проект сега е стопиран. Заменик министерката за здравство, Маја Манолева од СДСМ, на прес-конференција рече дека со одлука на владата, вработувањата на 1.117 лица во здравството се обезбедени, но, според неа, се блокирани од страна на дополнителната заменик министерка за финансии, Елена Петрова од СДСМ.

Манолева изјави дека тоа е направено неколку дена пред распишување на изборите, „само неколку дена пред изборите, без посебна причина, без тронка одговорност кон вработените во здравствените установи и без тронка грижа кон пациентите“.

Петрова, пак, соопшти дека од увидот во документите, заклучила дека „определен дел од истите се доставени до министерот за финансии (Фатмир Бесими од ДУИ) во месеците декември и јануари, односно многу порано пред формирањето на преодната влада и истиот, доколку сакал, имал доволен период да ги реши овие прашања“.

Петрова објаснува дека без согласноста од министерот Бесими не може да се реализираат вработувањата.

Во меѓувреме на сите 1.117 лица повторно им се дадени нови договори и ќе продолжат да работат за 12.000 денари и без здравствено осигурување.

„После изборите, обезбедени се средства од Министерство за финансии, ќе се пристапи кон отворање на конкурси да не се прекршуваат законските прописи и истите ќе бидат вработени“, изјави новиот министер за здравство, Илир Демири, на 15 февруари.

Александар Веселинов, доктор по медицина
Александар Веселинов, доктор по медицина

Младиот доктор Александар од почетокот на текстот половина година ќе стажира во Итната медицинска помош во Штип. Ќе зема 30.000 денари месечно, колку што е надоместокот за сите млади доктори за платениот стаж. Каде потоа - не се знае.

„Ова го гледам како некоја шест-месечна виза, па после кој каде фати. Јас би сакал да останам во мојата држава, но ако сум принуден, ќе земам специјализација во странство. Нема потреба да се плашиме и да криеме, платата и начинот на вработување се поразителни и демотивирачки за секој млад лекар. Се надевам дека веќе нема да биде вака, за едни да има „шверцерски“ вработувања, а за други огласите да тапкаат во место“, вели тој.

Нема точна бројка – колку лекари заминале од Северна Македонија. Податоците од Лекарската комора се дека од 2017 година досега, околу 600 лекари побарале потврда дека против нив не се води никаква постапка пред Судот на честа при комората. Оваа потврда им е потребна на сите оние кои одат на специјализација во странство, како и на оние кои заминуваат засекогаш.

Според податоците од Синдикатот на Клинички центар, пак, од 450 лекари кои годишно добиваат лиценци за работа од комората, 430 земаат дипломи за странски јазик, што е показател дека заминуват да работат во други држави.

XS
SM
MD
LG