Достапни линкови

Тетовци остануваат болни поради недоволен кадар во јавното здравство


Клиничката болница во Тетово.
Клиничката болница во Тетово.

Наташа Петровска од Тетово со години се обидува да добие здравствена грижа за нејзината мајка, а во тетовската болница велат дека нема доволно соодветен кадар.

Семејството на Наташа Петровска од Тетово со години безуспешно се обидува да добие здравствена грижа и нега за мајка и од јавните здравствени установи. Пред две години мајката здобила скршеница на колкот, но лекарите рекле дека не може да се оперира поради болест на коските. Жената останала целосно неподвижна дома.

„Во првите денови и месеци некако успевавме да се справуваме со проблемите и компликациите кои што се јавуваа поради долготрајно лежење, но ете дојде моментот кога не успевавме да се носиме со еден таков предизвик. Се отворија повеќе декубитални рани и бевме немоќни да го решиме тој проблем“, објаснува Наташа Петровска.

Кога се обратиле за овој проблем во тетовската болница одговорот бил дека нема доволно соодветен кадар.

„Решивме да побараме служба за домашна посета и нега кои во домашни услови ќе извршат преврска на раните. Нешто што ние не сме во можност да го направиме. Но тука следуваше едно големо разочарување. Таква служба не постои. Закажував термини кај повеќе специјалисти, тропнав на повеќе врати. Меѓутоа секаде креваа раменици. Прашував што со лицата кои што е невозможно да се носат секојден на преврска во болница. И самото придвижување, транспорт до болница може да им го загрози животот. Како може во еден толку голем град како што е Тетово да постои служба за домашна посета која што е задолжена само за ставање на инјекции и вклучување и исклучување на инфузија“, вели Наташа.

Во тетовската клиничка болница и Здравствениот дом тврдат дека во сите сектори на јавното здравство, како што случај низ целата држава има недоволно здравствени работници. Тоа е една од причините да не може да се одговори на потребите на граѓаните.

„Секоја година изработуваме програма за потреба од кадри и нови вработувања. Таа ја доставуваме до Министерството за здравство на одобрување. И ако ни се даде согласност од Министерството и од Министерството за финансии дека се обезбедени средства. Тогаш се распишува оглас према одобрената согласност за изработување. Таков случај било пример лани за доктори, за сестри, али согласноста беше дадена многу доцна при крајот на годината и мораше да се бара согласноста да се продолжи за наредната година. Фатија изборите и не дојде до прием на кадри. А болницата и тоа како има потреба од нови вработувања. Од доктори, од медицински сестри, од здравствени соработници, биолози, хемичари, фармацевти и од технички персонал“, објаснува Дивна Трифуновска, раководител на правна служба при клиничка болница Тетово.

XS
SM
MD
LG