Министре Филипче, кажавте дека децата што не се вакцинирани нема да може да се запишат на училиште. Исто така ветувавте дека ќе се набават маски против загадениот воздух за хронично болните, но тие се уште не се доделени, иако имаме период на рекордна загаденост. Дали пропуштивте да ги направите овие работи во моментот кога се најпотребни?
Не, најавата за тоа вакцинацијата да биде задолжителна ја кажавме уште на почетокот на минатата година и излезе дека сме во правo и за тоа воопшто ниту отстапивме во меѓувреме, ниту ќе отстапиме. Станува збор за еден процес кој започнува со кампања за вакцинација уште во месец март минатата година кога започнавме со кампања за подигање на свеста за бенефитот од вакцинација, свесни за сериозниот пат на опфатот на вакцинација којшто дојде еве време да го наплати данокот во форма на враќање на болести коишто кај нас одамна биле искоренети. Започнавме процес којшто значеше освен постепено подигање на свеста и набавка на нови типови вакцини, го зголемивме буџетот за вакцини за 30 проценти и затоа во календарот од оваа година ќе има две нови вакцини коишто ги имаат најразвиените европски земји и два постари типови на вакцини се заменети со нови.
Во однос на маските излеговме како препорака за една интервентна мерка соочени со нешто што доаѓа како резултат на многу долги години запоставено прашање, меѓутоа не успорија законските постапки, тие траат и очигледно дека мораме да ги запазиме, заради тоа што тоа мора да биде така како што треба и ние тоа ќе го испорачаме.
Вие на Фејсбук објавивте дека ја вакциниравте вашата внука Илина, но потоа имаше реакции на Фејсбук дека тоа не е вакцина против морбили. Дали има грешки кај вашата ПР служба во кампањата за докажување на безбедноста на вакцините?
Секогаш е добро да се покаже со личен пример дека нешто е вистина, дека нешто е вистински чекор и дека нешто е вистинска политика. И во таа насока беше вакцинирањето на мојата мала внука, која е се уште мала и не може да биде вакцинирана од МРП, меѓутоа и објавата беше во насока на тоа дека ние како здравствени власти ги уверуваме сите граѓани, родителите на малите деца дека вакцините се безбедни. Процесот на вакцинација е апсолутно безбеден, дека тоа е вистинска инвестиција во здравјето на децата. Мојот чин беше во однос на сите овие аргументи.
Но реакциите се однесуваа и на тоа дека не се прават кампањи со делумни информации, затоа што иглата при вакцинацијата била со капаче.
Станува збор за еден адаптер кој се надоврзува на шприцот и потоа е иглата, очигледно беше таков аголот на сликање па иглата не се гледаше. Но, многу се сериозни антивакциналните кампањи. Тие се сериозен ризик, загрозување на јавното здравје. За да се каже таква работа, за да се верува во таква работа мора да се има предвид дека се загрозува колективниот имунитет, заради тоа што се компромитира вистинската порака. Сето тоа дека е капаче, дека вакцините се поврзуваат со разни болести , дека постојат искуства дека одредени болести се поврзани со вакцините се лажни вести.
Лекарите продолжуваат да си заминуваат од Македонија. Тие посочуваат дека си заминуваат не само заради платите, туку и поради лоши услови на работа, непотребни гужви, расипани апарати, неможност за напредување, делење на позиции според партиска припадност, а не според стручност и знаење. Што правите за да ги подобрите овие состојби во здравството?
Ги плативме за првпат специјализантите по апсолутно ниту една основа неподелени. Вкупниот број на специјализанти добија надоместок за својата работа, околу 400 луѓе, недискриминирани по ниту една основа. Во 2018 во јавниот здравствен сектор во Македонија се вработени 3200 луѓе најмногу доктори и медицински сестри и ние со тој тренд ќе продолжиме и оваа година. Се зголемија платите за пет проценти на крајот на 2018 година, се зголемија сумата на пари која докторите и медицинските сестри ја земаат за дежурствата и за ноќниот труд. Веќе од овој месец сите вработени во јавното здравство, лекарите – специјалисти, општите лекари, медицинските сестри со средно образование и тие со високо образование ќе добијат зголемени плати. И нема тука да запреме ова е тренд кој продолжува понатаму, се додека ние не го исполниме ветувањето основната плата на лекар специјалист да биде 100 илјади денари и сериозно да се зголеми платата на медицинските сестри. Но тоа е само едниот аспект. Докторите не заминуваат само заради примањата, заминуваат и заради условите за работа и заради тоа ние преземаме сериозно чекори и ќе започнеме со инвестиција во новиот клинички центар, свесни дека овој стар кампус не може да гизадоволи условите.
Но и натаму има укажувања дека се прават притисоци за партиски вработувања и дека се отворени огласи на некои клиники за кои има обиди за влијание.
Обиди за влијание имало и секогаш ќе има, меѓутоа ние се трудиме тие влијанија да ги сведеме на минимум, заради тоа што со вработувањето на младите доктори коишто имаат висок просек од студирање. Со тоа што се докажале, со тоа што публикувале трудови ние докажуваме и покажуваме дека ќе се стимулира квалитетот и веќе имаме примери. Видете по некои клиники примени се врвните студенти веќе добија свое место и така ќе продолжиме и во иднина.
Од кои причини позитивната листа не е ревидирана веќе 10 години? Се внесуваат некои нови лекови, како на пример за ретки болести, но со тоа се крпат дупките, а се посочува дека е потребено системско решенија.
Ова централизирање на набавката на скапите цитостатици е на еден начин надминување на овој проблем. Не е проширена позитивната листа од многу причини, една од причините е тоа што до сега постоел еден гломазен систем од 14 комисии со по 17 члена, што сега ние го менуваме со промена на законот за здравствено осигурување. И одговорна за ревидирањето на позитивната листа наместо 14 комисии, ќе биде една комисија составена од експерти од различни области, којашто ќе има за цел да ја прочисти сегашната позитивна листа, да видиме дали врз основа на тоа прочистување нешто може и да заштедиме и да ги воведеме лековите коишто се навистина потребни на нашите пациенти.