Од утре (21 декември) рано наутро ќе се затвори еден од двата главни вентили од кои Скопје се снабдува со вода. Тоа значи дека повеќе од половина од градот од десната страна на реката Вардар, која се напојува од магистралниот цевковод од Рашче 1, ќе остане без вода најмалку 15 часа.
Колку време ќе нема вода ќе зависи од мајсторите и од сложеноста на четирите дефекти на кои ќе работат вработените во Јавното претпријатие „Водовод и Канализација “- Скопје.
И додека граѓаните ги празнат рафтовите во маркетите со вода, стравувајќи дека подолго време ќе нема вода, Институтот за јавно здравје препорача складирање на вода во чисти садови и кога се планираат залихите да се има на ум, дека се потребни најмалку 4 литри вода по лице на ден.
За санирање на главниот дефект ќе биде запрена водата од главниот градски цевковод Ф-1600. Од скопски Водовод велат ќе санираат уште три дефекти долж главниот цевковод, и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар „Партизански одреди“ со улица „Никола Парапунов“. Градоначалничката Данела Арсовска тврди дека е направен сложен план за да се санираат четирите дефекти во текот на викендот во најкраток можен рок, но не прецизираше колку време изнесува тој кус рок.
„Затворањето на една од главните доводни цевки на магистралниот водоводен цевковод, се случува еднаш на 50-60 години и истото било одложувано повеќе од една деценија,“изјави Арсовска по најавата за недостиг на вода во половина Скопје.
Но, експертите предупредуваат дека по завршувањето на санацијата на овие дефекти, откако повторно ќе се пушти водата низ цевката која носи вода од 2 кубни метри во секунда можно е да настанат дополнитени дефекти кај голем број вентили поради силниот притисок на водата. Од скопскиот Водовод не одговорија на прашањата на РСЕ дали по санирање на четирите дефекти ќе има зголемен број на екипи на терен за санирање на можни дополнителни дефекти.
Неколкучасовен недостиг на вода е честа појава во градов, особено во неколку населби. Тоа може да се заклучи по соопштенијата од скопскиот Водовод. Само во изминативе 20 дена, екипите на Водовод најавиле вкупно 40 прекини со водоснабдување во десетици скопски улици и населби поради санирање на дефекти.
Експерти предупредиле на слабите алки во водоводниот систем
За дефектот кај касарната Ѓорче Петров на пример, кој е само еден од многуте дефекти на скопската водоводна мрежа, јавното претпријатие било предупредено од експерти уште пред девет месеци со Студијата за магистралните цевководи.
Радио Слободна Европа имаше увид во оваа студија, која е изработена по нарачка на тендер од „Водовод и Канализација“, но не е достапна за јавноста. Оваа студија е дел од предизборната програма на Арсовска „ За модерно Скопје“ на изборите во 2021 година.
Тендерот за оваа студија е спроведен во јули 2023 година, најавуван неколку пати на социјалните мрежи, а резултатите со задоцнување од три месеци од Центарот за истражување Цирко при Машинскиот факултет пристигнале во март 2024 година.
„За да превенираме несакани појави во иднина, Градот треба да ги има сите информации за овие клучни цевководи во Скопје“, се вели во изборната програма на Арсовска „За модерно Скопје“.
Студијата, во делот на превентива покажа резултати. Една од многуте препораки е итна санација на две шахти од вкупно десетте шахти кои биле испитани. Станува збор за шахти кои се дел од водоводната линија што ќе биде искучена викендов.
„Во шахтата бр. 24 во касарна Ѓорче Петров утврдена е појава на влага на краткиот елемент (штуцер) во непосредна близина на заварениот спој со прирабницата што укажува дека има оштетување кое може да доведе до интензивно протекување или хаварија. Исто така е утврдено течење од долната страна на заштитниот елемент меѓу прирабниците“, се вели во студијата.
Од јавното претпријатие „Водовод“ не одговорија на прашањата кои мерки ги презеле откако во март годинава го добиле конечниот извештај со забелешки и препораки од 15 машински и технолошки експерти за подобрување на состојбата со магистралните цевководи во градот. А таков одговор на прашањата на РСЕ нема ни од градските власти.
Срцето на водоводниот систем во градот е составено од два магистрални цевководи кои од Рашче 1 и 2 го снабдуваат Скопје со питка вода. Првиот познат како Железарски е изграден во 1966 година и оди по булевар „Словенечка и Босна и Херцеговина“ додека вториот кој е по трасата на булевар Партизански одреди е изграден во 1969 година.
Еден од машинските инженери кои работеле на студијата професорот Стојанчо Стојмановски како студент на Машинскиот факултет во периодот кога во 60-тите години од минатиот век се поставувал и заварувал магистралниот цевковод, бил дел од надзорниот тим. Тој во изјава за Сител пред 10 месеци изјави дека подземниот цевковод бил квалитетно поставен.
„Овие досегашни испитувања на мерните места во тие отворени локации на цевководот, ние констатиравме дека цевководот поставен пред 60 години бил квалитетно направен. Локациите ние ги биравме така за да ги опфатиме оние места според почвата и струењето на водата се најчувствителни и услови за појава на корозија од внатрешна страна. Не најдовме оштетување во внатрешна страна на цевките“, изјави Стојмановски непосредно пред да заврши испитувањето.
Водовод не обезбедил услови за целосна проверка на подземните цевки
Во завршниот извештај е оценето дека состојбата со подземните цевки поставени пред 60 години и нивните спојки генерално е добра. Но, за сликата да биде целосна, експертите не си ја завршиле во целост предвидената задача. Според тендерската документација тие имале задача да извршат увид на 10 локации, но скопски Водовод ископал и отворил простор за проверка на подземни цевки само на 6 локации.
„При изборот на локации од преостанатите четири согласно спецификациите во тендерот, треба да се избере барем една локација во урбаниот дел на градот Скопје од мостот Обединети Нации до почетокот на булевар Трета Македонска Ударна Бригада во населбата Аеродром. Овој предлог го темелиме врз основа на сознанија дека во овој дел од градот катодната заштита не е целосна и дека има отстапувања од функционалноста на двете станици за катодна заштита на булевар Партизански одреди“, се вели во извештајот.
Заштитата од 'рѓа слаба алка во системот
Во овој дел од градот, односно на потегот од мостот „Обединети нации“ до вкрстувањето со булевар „Србија“ експертите забележале кога се правела заштита од рѓосување на цевките пред десетина години, не се поставени сите 6 предвидени станици за катодна заштита од корозија, како што е наведено во основниот проект, туку само 4. Катодната заштита е метод за заштита на метали, во кој се прави катодна електрохемиска ќелија за да се спречи корозија на метална површина.
Дополнително една од двете предвидени такви станици за заштита од корозија кај бунарите „Лепенец“ не е монтирана.
Инженерите при проверка на документацијата, утврдиле дека скопски Водовод нема проект за магистралниот водовод Рашче 2 од касарната „Ѓорче Петров“ до вкрстувањето со булевар „Трета Македонска ударна бригада“ со булевар „Србија“ во населба Аеродром.
Исто така и за Рашче 1 не добиле техничка документација за да можат да утврдат дали проектираното на хартија е изведено на терен . Од документи недостигале и дел наменети за „Заштита од корозија“ во „Водовод и Канализација“.
Проектите за заштита од корозија се изведувале во неколку фази, од 2012 година, па се до последната фаза во 2019 година. Таа година, иако било предвиден, не бил изведен делот за заштита од корозија на цевководот од Соборен Храм до почеток на булевар „Трета македонска ударна бригада“. На овој потег не се инсталирани столбови за мерење на потенцијалите на цевководот и затоа не може да се утврди каква е состојбата со заштитата од корозија, заклучиле експеритите.
„Сите станици освен „Станица за катодна заштита мерно место З“ (СКЗ-З) од зафатот Рашче 1 и СКЗ-6 Визбегово и СКЗ-5 Фрањо Клуз не го пружаат потребниот потенцијал за заштита на цевководите со заштитен материјал. Истото се должи на неисправно функционирање и функционирање во погрешен режим на работа на станиците за катодна заштита“, се вели во извештајот.
Проблеми има со надземните цевководи
Инженерите ангажирани за студијата, при проверка на три локации на надземни цевководи утврдиле дека цевките кои се потпираат на конструкција на мостови им е оштетена надворешната заштитна обвивка поради 'рѓа, па препорачуваат чистење и обнова. Во одредени делови е забележана оштетена бетонска конструкција на мостовите од атмосферските влијанија.
Хемиските анализи покажале дека на одредени места, особено на оние каде што цевките минуваа покрај мостови има значителна количина на цинков оксид.
„Ако не се преземат мерки, поправка на завршниот слој во наредниот период може да се очекува навлегување на корозијата и во металот со што ќе дојде до оштетување на ѕидот на цевката“, велат инженерите.
Тие препорачуваат чистење на 'рѓата, и нанесување на нов двоен антикорозивен слој врз цевките. За преостанатиот дел од цевките велат дека се во добра состојба
Ни опремата не е во сјајна состојба
Дел од хидродинамичката опрема е заменета, велат машинските инженери во студијата, но значителен дел од неа е кородирана и со наслаги што ја доведува во прашање нејзината функционалност во случај да е потребно итно отворање или затворење на постоечки вентили, имено на голем дел од вентилите недостига извршниот уред – тркалото за манипулација со вентилот, за затворање или отворање.
„Во барањето на ова испитување не е содржана проверка на функционалноста на хидродинамичката опрема потребно е Јавното претпријатие „Водовод и Канализација“ да изврши комплетна проверка на функционалноста на истата за да се доведе во исправна состојба. Ако тоа е возможно, да се изврши замена на опремата чија функционалност е нарушена и не може да се доведе од исправна состојба“, се вели во извештајот.
Клучната препорака на инженерите е да се спроведе детално чистење од корозија на сета хидродинамичка опрема во сите шахти долж двата магистрални цевковода.
Водовод не открива што е преземено по препораките на инженерите
Од водоводното скопско претпријатие не одговорија на нашите прашања дали ги спровеле препораките ниту за подобрување на состојбата со состојбата на магистралните цевководи.
Стојмановски во гостување на МТВ во јануари годинава, посочи дека дел од проблемите на скопски Вододовод се должат и на брзото ширење на градот, а со тоа и голем број на приклучоци во водоводниот систем, како и на неконтролираната потрошувачка на питката вода за наводнување и разладување во летните месеци.
Поранешниот директор на скопскиот Водовод Душко Весковски, кој беше поставен од поранешниот градоначалник Петре Шилегов, вели дека тешко може да се предвидат дефектите во водоводната мрежа. Според него е потребна Национална стратегија за замена на цевководот, затоа што главниот цевковод е стар повеќе од половина век и рокот за неговата употреба наскоро ќе почне да истекува.
„Мислам дека за ваква стратегија, за замена на главен цевковод, за превенирање на идни дефекти е потребна Национална стратегија. Ниту Градот Скопје, ниту Водовод имаат капацитет или доволно пари да може да работи на проект за промена на главниот цевковод со моменталните капацитети и цената на вода која ја плаќаат скопјани“, вели Весковски.
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ пак, со години се соочува со огромни загуби на вода поради застарена водоводна мрежа. Загубите на вода достигнуваат од 64 проценти на државно ниво, што значи дека до потрошувачите доаѓаат 36 проценти од вкупните водни капацитети. Со години се укажува на потребата претпријатијата да инвестираат во намалувањето на загубите заради дотраеност на водоводните системи.
Проблем се и милионски долгови во скопското претпријатие и бројни вработувања по партиски клуч. Според последните податоци од министерството за финансии, јавното претпријатие во првите девет месеци од годинава должи над 17 милиони евра.
За три години сменети пет директори на Водовод
По Весковски, на директорското столче во ова претпријатие седнаа петмина.
Скопската градоначалничка за нов директор го именува Тони Миновски кој е вработен во претпријатието. Миновски е петти директор на „Водовод“ за три години мандат на Арсовска.
По доаѓањето на функцијата во октомври 2021, таа го назначи Златко Перински, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е на функцијата министер за локална самоуправа. Него го разреши по кавгата со лидерот на партијата која и даде поддршка на локалните избори Христијан Мицкоски.
На местото на Перински го стави Марјан Митовски, а по неколку месеци го смени и него и го назначи Илиевски, кој претходно беше в. д. директор во Зоолошката градина. Во февруари годинава, Арсовска го разреши и Илиевски, иако три месеци претходно му даде менаџерски договор, и на негово место го постави сега разрешениот Панчевски.