Достапни линкови

Град Скопје купува дрвја од по 600 евра додека долговите растат


Дрворед на булеварот Осми септември, Скопје
Дрворед на булеварот Осми септември, Скопје

За една година долгот на македонската метропола Скопје порасна за три пати. Истражувањето на Радио Слободна Европа покажа дека зголемувањето на долгот делумно се должи на непродуктивни трошоци, како што се набавка на дрвја за речиси милион евра, скапи судски спорови и за извршители. Градските власти за Радио Слободна Европа велат дека буџетот е стабилен, а долговите се од претходните скопски градоначалници. Во меѓувреме, градските јавни претпријатија поради долгови едвај го чистат сметот, а јавен превоз речиси и да нема.

  • Град Скопје купува садници и по 600 евра за стебло, додека во „Паркови и зеленило“ тие се и до десет пати поевтини
  • Светската рејтинг агенција Стандард и Пурс го намали кредитниот рејтинг на Скопје два пати за една година поради долговите
  • Извршители наплатиле над милион евра од Градот Скопје.

Сенка на скопјани ќе им прават дрвја вредни речиси 900 илјади евра. Со потпис на скопската градоначалничка Данела Арсовска и директорот на скопското јавно претпријатие „Паркови и Зеленило“, Сефи Шабани, Градот Скопје во 2023 склучил рамковен договор за набавка на садници вредни и до 600 евра по стебло, додека долгот на Град Скопје од лани до сега порасна од три на речиси 11 милиони евра.

Во меѓувреме, светската рејтинг ангенција „Стандард и Пурс“ го намали кредитниот рејтинг на Градот, два пати за една година. Тоа значи дека се отежнува процесот на натамошно задолжување.

Дел од садниците наведени во рамковниот договор кој го склучил Градот Скопје се езготични и чинат и по неколку стотина евра од стебло, иако можат да се најдат и за десет пати поевтино во скопското претпријатие „Паркови и Зеленило“, кое е основано од Град Скопје.

Ова го покажува споредбата на понудата објавена во склучениот договор на Бирото за јавни набавки и официјалниот ценовник на „Паркови и зеленило“ одобрен минатата година од Советот на градот.

Дел од дрвјата кои чинат и до 600 евра за стебло се егзотични и имаат потекло од САД, Норвешка, Јужна Европа и Западна Азија.

Американски брзорастечки хибриден јавор со црвени листови во вредност од 600 евра по стебло, и норвешки јавор кој расте до 6 метри висина погоден за тесни улички во вредност од 570 евра, се само дел од дрвјата кои Градот Скопје ги нарача за да ги зголеми зелените површини.

На пример, за дрвото познато како црвен коњски костен кое најчесто го има во градските паркови, Градот Скопје ја прифатил понудата во која дрвото чини 600 евра, додека во „Паркови и зеленило“ е со помал раст и се нуди по цена од 25 евра, односно за 1500 денари.

Исто така, и дрвото познато како„Јуда“, со розови пролетни цветови кое градот Скопје сака да го набави по цена од 200 евра по парче, исто такво три годишно со двојно помал раст во ЈП „Паркови и Зеленило“ се продава за 10 евра односно по 630 денари.

Реконструкција на скопските улици и засадени дрвја покрај нив, додека работниците работат на патот
Реконструкција на скопските улици и засадени дрвја покрај нив, додека работниците работат на патот

Зимзелена жива ограда со висина од 80 до 100 см Градот Скопје ја набавува за 40 евра по корен, иако во други скопските градинарски продавници според ценовниците на нивните веб страници може да се најде истата и за 8 евра.

За набавка на 66 видови на зимзелени и листопадни дрвја, како и за 24 видови на обликувани растенија и 27 видови на покривачи и трева, Градот Скопје лани склучил три рамковни договори со две фирми „Хорти Експерт“ и „Хорти Дизајн“ во вкупна вредност од 900 илјади евра.

Дел од учесниците на тендерот ја обжалиле одлуката на склучување на договор до Комисијата за жалби по јавни набавки, затоа што нивното барање било одбиено поради недостиг на бараните сертификати.

За споредба околу 900 илјади евра изнесува и јавната набавка на градот за реконструкција на скопската улица „Перо Наков“ во општината Гази Баба, која е долга два километра.

За разлика од лани, годината претходно во 2022 година, за слична набавка градот предвидел да потроши само 250 илјади евра, додека во 2021 година за тоа биле планирани до 406 илјади евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

Во ситуација кога долгот на градот расте, градските власти велат дека набавката на садници вредни 900 илјади евра била предвидена уште во изборната програма.

„Садници како и секоја година се набавуваат во согласност со Буџетот утврден од страна на Советот на Град Скопје и програмата за зеленило во градот, со оглед на програмската определба за подигање нови зелени површини“, се вели во одговорот на градските власти.

Од градот не откриваат колку и каде се садат набавените садници.

Градот Скопје е трета најзадолжена општина

Садниците не се единствениот голем трошок на градот. Само минатата година, според завршната сметка на буџетот, Градот Скопје исплатил 1,7 милиони евра за судски спорови и извршители, и дополнителни сто илјади евра за адвокати, потоа за исплата на кредити потрошил 3 милиони евра.

Висока е и буџетската ставка за договорни услуги во која влегуваат одредени јавни набавки и изнесува 2,8 милиони евра.

Само за плати и придонеси на вработените во градската администрација во 2023 се потрошени 5 милиони евра, што е за 400 илјади евра повеќе од претходната 2022 година. За привремени вработувања градот потрошил 23 илјади евра, а за купување на возила завршната буџетска сметка се заведени 91 илјада евра.

Градот Скопје за година и пол го зголемил својот долг за најмалку три пати, ако во првото тримесечје лани градот имал неисплатени сметки во вредност од 3 милиони евра, во првото тримесечје годинава доспеаните неплатени обврски изнесуваат 9 милиони евра, а веќе во второто тримесечје тие достигнале речиси 11 милиони евра, покажуваат податоците од Министерството за финансии.

Градската каса годинава требало да се наполни со приходи во вредност од 109 милиони евра, но предвидените трошоци со ребалансот изнесуваат 129 милиони евра, при што за целосна реализација на замисленото недостасуваат 20 милиони евра, покажува ребалансот на буџетот.

Од градот за Радио Слободна Европа велат дека буџетот е стабилен, и дека неисплатените обврски се долгови од претходните скопски градоначалници.

„Градот е финансиски консолидиран и покрај тоа што активно доспеваат исплати на кредити кои се од минатиот мандат, извршувања од судски спорови кои се за долгувања од 2012-2020 година и останати побарувања од минати години“, се вели во одговорот на градските власти.

Но, оттаму не одговараат на клучното прашање - на што се потрошени 11 милиони евра, односно на што се должи растот на долгот од 3 на 11 милиони евра.

Владината дата база „отворени финансии“ покажува дека од почетокот на годинава Градот за судски спорови исплатил над милион и пол евра, и за само 9 месеци ја исполнил квотата предвидена во буџетот на 1,3 милиони евра за 12 месеци.

„Градот нема висок долг, но средствата ги менаџира внимателно со оглед на тоа дека за прв пат во овој мандат не се доделува поддршка од Владата, но и не се исплаќаат милионските долгови кои ги направила Владата и останати институции кон скопските јавни претпријатија и тоа особено долгот за студентскиот стандард од 8 милиони евра кој Владата го должи кон ЈСП Скопје, и останатите долгови особено кон претпријатијата Комунална Хигиена и Дрисла“, објаснуваат од Градот Скопје.

Градоначалничката Арсовска неколку пати до сега ја обвини централната власт дека главната причина за проблемите во јавниот превози и градската хигиена се неизгласаните програми во Советот на Градот од советниците двете најголеми партии ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ.

Стандард и Пурс: Негативна прогноза за Град Скопје

Растот на долгот на Градот Скопје и јавните претпријатија кои се под капа на Градот, два пати за една година го нотираше меѓународната рејтинг агенција Стандард и Пурс.

„Го потврдивме нашиот рејтинг „ББ -“ за Скопје и ја задржавме негативната прогноза“, се вели во соопштението на светската рејтинг агенција „Стандард и Пурс“.

Нискиот кредитен рејтинг означува дека кај деловниот ентитет постои висок ризик за неисполнување на обврските кон доверителите.

Во едно од соопштенијата на агенцијата е посочено дека можно е и натамошно намалување на рејтингот во иднина поради можноста Скопје да покаже послаби буџетски резултати од проектираните или ако политичката фрагментација продолжи да ја попречува способноста на Скопје да се задолжува и да доведе до дополнително акумулирање на доспеани обврски и ерозија на неговата ликвидност.

Агенцијата „Стандард и Пурс“ смета дека еден од клучните финансиски проблеми на Градот Скопје е недостигот на долгорочно финансиско планирање и ефективни политики за ликвидност и долгови, кој придонесува за зголемување на неплатени обврски.

„Во меѓувреме, надзорот и управувањето со секторот на општинските претпријатија ги сметаме за лабави. Исто така, забележуваме некои недостатоци во обелоденувањето на податоците и буџетското сметководство“, се заклучува во соопштението.

Од Градот Скопје, пак се задоволни со оценката на Стандард и Пурс.

„Одлуката на „Стандард и Пурс“ потврдува дека градот е во добра финансиска состојба и располага со ликвидни средства со кои може да ги покрие акумулираните обврски, но за разлика од минатите мандати не е во можност да се задолжува, со оглед на односот со Советот и фактот што не ги гласаат неопходните одлуки за функционалност“, велат градските власти.

Советниците се жалат, немаат информации за долговите

До крајот на месецов, Советот на Град Скопје треба да оддржи седница на која ќе треба да се разгледува кварталниот финансиски извештај на Градот. Советниците од двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека конечно градначалничката ќе ги запознае со деталите за финансиската состојба и ќе им одговори на прашањето зошто главниот град тоне во долгови.

„На оваа тема, само за потсетување претходната година на иницијатива на советничката група на СДСМ и коалицијата се оддржа и вонредна седница на Советот на Град Скопје со единствена точка на дневен ред "Информација за актуелната финансиска состојба во Град Скопје" на која за жал, не добивме задоволително ниво на информации и факти врз која основа ќе ја разбереме во целост финансиската состојба во Град Скопје“, вели советниот од СДСМ Горан Шутаров.

Неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ Мартин Стојановски додава дека како советничка група не се запознаени со причините за растот на градскиот долг.

„ Градоначалничката Данела Арсовска не комуницира со нас како советничка група, а верувам дека е така и си другите советнички групи“, вели тој.

Градските претпријатија позадолжени од Градот

Под капата на Градот Скопје работат осум јавни претпријатија и тоа депонијата Дрисла, Јавно Сообраќајно Претпријатие Скопје (ЈСП), Паркови и зеленило, Градски паркинг, Улици и патишта, Комунална Хигиена, Водовод и канализација и претпријатието за животни скитници „Лајка“.

Вкупни неплатени долгови на пет од нив во вториот квартал од годинава изнесуваат најмалку 24 милиони евра, покажуваат податоците од министерството за финансии.

Заедно со доспеаните обврски на Градот, вкупниот долг изнесува најмалку 35 милиони евра.

Инфографика - Долгот на скопските претпријатија изнесува најмалку 24 милиони евра заклучно со јуни 2024 година
Инфографика - Долгот на скопските претпријатија изнесува најмалку 24 милиони евра заклучно со јуни 2024 година

Во овој вкупен долг не влегуваат неплатените обврски на ЈСП, Дрисла и Лајка, затоа што тие податоци не се наведени во податоците на министерството за финансии.

Скопските градоначалници бараа од Владата да и се одземат ингеренциите на Арсовска околу градската хигиена, затоа што се незадоволни од работата на комуналното скопско претпријатие. Владата не им излезе во пресрет и побара од Арсовска план за излез од градскиот хаос.

Илустрација, несобран смет од контејнерите на скопкските улици
Илустрација, несобран смет од контејнерите на скопкските улици

Тивок штрајк на приватните превозници

Дополнително и приватните превозници се жалат дека градот им должи пари и дека поради тоа во овој период спроведуваат тивок штрајк. Еден од претставниците на приватните превозници Јовица Зафировски за РСЕ вели дека во последниве три месеци на над 300 возачи на приватни автобуси не земале плата и затоа не возат преку ден, туку само втора смена таму каде што е можно. Точна пресметка колку пари им должи Градот Скопје немаат затоа што не им се верификувани извештаите, односно не се направени проверките за извозените километри по кои треба да бидат исплатени.

„ Некогаш ќе мора да се верификува, само сега вака ни се отежнува патот, не може да фактурирате и не можат да ви платат, само не заглавува вака. Превозниците се револтирани, се случува тивок штрајк, возиме само после 17 часот,“ објаснува Зафировски.

Тие бараат од градоначалничката и од Советот на Градот да донесат одлука со која ќе се покачи цената по изминат извозен километар за можат да бидат конкурентни.

„Едноставно е неиздржливо, ако немате приход нема од каде да најдете пари за растот, едноставно е,“ додава Зафировски.

Граѓаните се револтирани и незадоволни од услугите кои ги нудат јавните претпријатија. Тие се жалат на нечист град и на проблеми со јавниот сообраќај.

Неточен возен ред и чекање автобус и по еден час, доцнење на работа, возење на 40 степени без клима, фрлање пари за такси. Проблемите со кои дел од скопјани се сочуваат со месеци ги забележа и „Еуроњуз“ во чија анкета се забележува дека половина од македонските граѓани не се задоволни од јавниот превоз во Скопје, една третина не го сметаат за безбеден.

Според објавените квартални извештаи на ЈСП Скопје, претпријатието е во лоша финансиска состојба, со намален број на исправни автобуси за 10 проценти на дневна основа, со намален коефициент на техничка исправност на автобусите до намалена искористеност на возниот парк до 12 проценти.

Граѓаните се понезадоволни

45 годишната скопјанка Наде вели дека е незадоволна од тоа како функционира Градот, особено јавниот превоз.

„Не можам да стигнам на време на работа, такви гужви и толку долго чекање автобус не паметам до сега, ништо не функционира во тотален хаос е градот. Не дај боже да заврне дожд, пред некој ден патував од Центар до Автокоманда два часа, па побрзо ќе стигнев до Струмица“, вели таа.

Дополнително се жали и на неисчистените улици и несобраниот смет.

„Многу е нечист градот, не сум видела до сега ваква метропола, демек Скопје бил метропола, а ние закопани во ѓубре сме до гуша“, додава Наде.

65 годишната Мира вели дека речиси еден час чекала автобус заедно со уште дваесетина луѓе.

„Требаше до социјално да одам, три автобуса отидоа нагоре,а ниту еден не се симна. Цел град се блокира со еден мал дожд“, додава таа.

Нејзината пријателка, 60 годишната Весна вели дека непријатно била изненадена која пред некоја вечер не дошол ноќниот автобус кој вози кон Волково.

„Чекавме долго време и на крај се јавивме во ЈСП, ни рекоа дека не возат навечер затоа што немаат доволно гориво. И ајде снајди се во девет часот навечер после работа да се вратиш дома до Волково“, се жали таа.

Скопјани незадоволни од градскиот превоз, принудени на алтернативи
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

Проблемот со јавниот превоз во главниот град доби и политичка димензија со меѓусебни обвинувања од градоначалничката Данела Арсовска со советот на градот дека и ја кочат набавката на нови еко автобуси.

По доаѓањето на Арсовска на градоначалничката функција по локалните избори во октомври 2021, промените на директорските позиции во јавни претпријатија станаа честа пракса, Јавните претпријатија речиси на секои 6 месеци добиваа нов назначен директор. Според досегашните објави во медиумите за промени, во текот на нејзиниот мандат Арсовска разреши најмалку 30 директори кои самата ги постави на јавни претпријатија и институции кои се под капата на Градот.

Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има има мнозинство во Советот на Град Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите за јавниот превоз во главниот град.

Следните локални избори во Северна Македонија треба да се одржат во октомври 2025 година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG