Достапни линкови

ЈСП – (не)верен сопатник на скопјани


Панорамски автобус утрово возеше на линијата бр.7
Панорамски автобус утрово возеше на линијата бр.7

Нова учебна година, поголем сообраќаен метеж и стари грижи за скопјани - ќе има ли редовни автобуси. Решение на проблемите за градскиот превоз во Скопје нема на повидок. Чекаме со саати, вака е секој ден, катастрофа, велат дел од граѓаните. Вработените во ЈСП, пак, велат дека претпријатието е жртва на политичарите и за година и пол оттаму заминале над 500 вработени. Град Скопје убедува дека градскиот превоз функционира нормално.

„ЈСП Скопје – Ваш верен сопатник“ - ова е слоганот со кој јавниот превоз во главниот град на Северна Македонија се претставува на својата официјална веб-страница. Постои виртуелно, но не и во реалноста. Неточен возен ред и чекање автобус и по еден час, доцнење на работа, возење на 40 степени без клима, фрлање пари за такси … За дел од скопјани и посетителите ова е секојдневие со месеци. А од денеска, 2 септември, со стартот на новата учебна година се стравува дека ситуацијата ќе биде уште похаотична.

Панорамски двокатен автобус, отворен на вториот кат каде сенка прави жолтата церада, кој некогаш се користеше само за туристички тури низ Скопје, утрото на 2 септември беше превозното средство до работа за дел од граѓани, како и до училиште за дел од средношколците на нивниот прв училиштен ден.

Тој возеше на линијата број 7, од селото Горно Лисиче до Карпош 3. Во редовен сообраќај е пуштен во ситуација кога ЈСП веќе подолг период се соочува со недостиг од автобуси. Од денеска, со стартот на новата учебна година почна и зимскиот возен ред кој во пракса треба да значи пофреквентни авобуси на линиите низ Скопје.

На улиците ретко можеа да се забележат и привататните автобуси. Превозниците кои сообраќаат на десетина градски и приградски линии, поради револт од неисплатени долгови од ЈСП, претходно најавија дека денеска ќе возат само една тура наутро и ќе ги паркираа возилата во гаража.

Скопјани, пак, не го кријат револтот од новата реалност. Повеќето од оние кои ги затекнавме на неколку автобуски станици низ центарот на Скопје се жалат дека нема редовни автобуси, доцнат на работа, бараат алтернативи…

Скопјани незадоволни од градскиот превоз, принудени на алтернативи
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

„Чекаме со саати. Но, под половина час [нема]. Ова овде што пишува нема врска. Вака е секој ден. Наназад не знам колку месеци. Катастрофа е“, вели скопјанката Викторија Манушева.

И таа, како и повеќето други граѓани кои ги затекнавме на автобуската кај Зелено пазарче во центарот на Скопје чекаше превоз за да оди на работа.

„Нема превоз, се чека нон-стоп. Нема линии, дали се гасат, не знам што е, се чека. Може по саат време чекам“, вели Христина Арсова.

Слична беше ситуацијата и на две станици подалеку.

„По саат време чекаме деветка. Што да правиме, чекаме. Упорни сме“, вели скојанецот Анастас Бузденов, кој чекаше „деветка“ кај Олимписки базен за да си оди дома од трета смена.

А, кога нема автобус, велат, се бара алтернатива – такси, превоз со колеги итн.

„До Чаир пешки. Па после 57-ца. Се снаоѓаме некако“, додава Бузденов.

Но, од Град Скопје тврдат дека јавниот превоз утрото на 2 септември функционирал нормално и ги прозиваат медиумите дека „наседнале на наративот на владејачката партија“ со што предизвикале чувство на несигурност кај скопјани.

„Во моментов јавниот градски превоз го опслужуваат сите автобуси на ЈСП како и автобусите на приватните превозници кон кои градот Скопје и ЈСП немаат никакви заостанати обврски“, соопштија од Град Скопје.

Само во лето недостигаа 40-тина автобуси

Колку автобуси денеска сообраќаат низ улиците на Скопје, дали има доволно за да се исполни зимскиот возен ред останува нејасно.

Во ЈСП за нецели три години се сменија четворица директори. Актуелниот Драги Кушовски, градоначалничката Данела Арсовска го назначи на крајот на јуни. Во интервју за државната агенција МИА кон средината на август тој кажа ЈСП располага со 190 функционални автобуси што не беа доволни ниту за летниот возен ред за кој, според неговите зборови, потребни се 235.

Пред десетина дена, претседателот на Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, изјави дека владата предводена од оваа партија била подготвена да префрли пари кои останале неискористени за капитални проекти, за да се поправат 30-тина автобуси.

До каде е најавената поправавка и колку автобуси во моментов недостигаат за да се пополни зимскиот возен ред, до објавување на овој текст ниту од ЈСП ниту од Град Скопје не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа (РСЕ). Безуспешни беа и обидите за телефонски разговор со директорот Кушовски.

Ветената набавка на нови екоавтобуси во предизборието, пак, е далеку од реализација иако пред досегашниот состав на Советот на Град Скопје, чиј четиригодишен мандат истекува в октомври следната година, точката се најде на дневен ред 20-тина пати, но не доби зелено светло, главно поради противењето на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Данела Арсовска пред речиси три години стана градоначалничка токму со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, но патиштата им се разидоа уште во првата година од мандатот. Во септември 2022 година се испокараа за проектот за пречистителната станица во Скопје и оттогаш се во „отворена војна“.

Според синдикатот 500 вработени го напуштиле ЈСП за година и пол

А, проблемот со градскиот превоз не е само со автобусите. Незадоволство има кај дел од вработените во ЈСП кои се најдоа среде политичките препирки.

„Се што се случува во ЈСП во изминатиов период – со платите, незадоволството од исправноста на автобусите итн., е резултат на она што се случува во Градот Скопје. Ова ни го прават политичарите. Тоа придонесе за година и пол околу 500 вработени да го напуштат ЈСП“, вели првиот човек на Синдикатот во ЈСП, Миќо Стојановски.

Според информациите на Синдикатот, оние што заминале не се само возачи. Има и луѓе од администрацијата, правници, машински и електро инженери, сервисери…

Стојановски вели дека секогаш имало одлив и недостигале луѓе, но никогаш не било вака. Сепак, додава, „ЈСП не го даваме“.

„Мајсторката“ од црвениот автобус на ЈСП
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:41 0:00


А, за незадоволство на приватните превозници дел од градскиот превоз, пак, дел од нив најавија дека денеска ќе имаат и средба со директорот на ЈСП и генералниот секретар на Град Скопје.

Покрај барањето за исплаќање на долговите тие бараат и зголемување на цената која, посочуваат, е од пред осум години, од 2017 година.

Компанијата „Вестор транс“ во пресрет на најавите за невозење, единствена излезе во јавноста со тврдење дека тие ќе го почитуваат договорот и нивните автобуси ќе возат нормално. Таа има возила на шест автобуски линии.

Од средби до отворени писма и барања оставка

И додека незадоволства има од повеќе страни и цехот го плаќаат граѓаните, за препукувањата помеѓу политичките партии кои се дел од Советот на Град Скопје, но и локалната и централната власт, се чини дека нема решение.

Желби да се изнајде решение, но и обиди имаше. Но, досега без исход. На 19 август во Владата се одржа состанок меѓу премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. ЈСП, како и Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ беа во фокусот на средба. Меѓутоа, и по средбата јавните прозивки продолжија.

Перински излезе со изјава дека во Владата сега сè уште позагрижени отколку што биле пред да се одржи состанокот. Арсовска, од друга страна, излезе со тврдења дека настапила со планови, но централната власт не и прифатила ниту еден.

Во петокот (30 август) градоначалничката испрати и отворено писмо до премиерот барајќи да се дејствува разумно и да се реши проблемот со градскиот превоз. Меѓу останатото, во писмото понуди и Градот Скопје да префрли пари на посебна сметка и Владата да ја спроведе набавката на ветените 250 еколошки автобуси. Но, од Илинденска бр.2 возвратија дека на скопјани им треба брзо решение за излез со ситуацијата, додека барањето на Арсовска значи набавка која ќе одзеде година до година и пол.

Писмото следуваше еден ден откако набавката на нови автобуси не доби доволно гласови на седница на Советот на Град Скопје поради противењето на советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Точката досега дваесетина пати беше на дневен ред. Првично, советниците се противеа Градот да се задолжува со кредити додека Арсовска им нудеше тие да формираат тело и да ја спроведат набавката со пари од банка што тие ќе ја изберат.

ВМРО-ДПМНЕ забележуваше и дека автобусите треба да се купат од градската каса наместо преку задолжување. Но, и таквиот предлог потоа не помина поради забелешки дека нема конкретна сума ниту предвидени пари со неодамна направениот ребаланс.

„Во овој момент сега на крајот на август ниту во буџетот за 2024 ниту со ребалансот не се определени средства за набавка на еко автобуси. Ваква предлог одлука би имала смисла откако ќе го изгласаме буџетот во кој ќе има стриктно определена сума. Како ќе носиме сега одлука, а нема подлога за тоа“, рече претседателот на Советот, Трајко Славески на седницата на 29 август.

Арсовска, пак, излезе со контраобвинувања и побара советниците да одредат сума додека таа и службите во Градот ќе направат пренамена на средства.

„22 месеци по ред овој град и граѓаните патат и не може да се возат во автобуси како што заслужуваат поради неосновани флоскули“, возврати градоначалничката.

Нови 250 еко автобуси, но и бесплатен јавен превоз беа меѓу главните ветувања што Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ заедно ги ветуваа во кампањата за локалните избори во октомври 2021 година.

Но, покрај овој, блокиран е уште еден крупен проект што се однесува на градскиот превоз, а кој е наследен од минатата власт односно од мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. Станува збор за системот за Брз автобуски превоз (БРТ) за кого донесен и закон за заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Парите за него стојат на сметка, но имплементацијата никако да започне бидејќи повторно се чека зелено светло од Советот. Покрај ВМРО-ДПМНЕ, на овој проект се противат и Левица и Зелен Хуман Град (ЗХГ) со тврдења дека ќе се уништи зеленилото и дека ќе поминува над главната водоводна цевка на булеварот „Партизански одреди“.

СДСМ, пак, тврди дека проектот е издржан и одобрен и од меѓународни институции, како ЕБОР, и оти тој на Скопје ќе му донесе побрз и модерен градски превоз наспроти постојниот кој функционира по концепт стар 50-тина години.

Нови советници, но и нов градоначалник, со оглед дека Арсовска кажа дека нема амбиции за втор мандат, а не планира ниту да си поднесе оставка, Скопје ќе добие в октомври 2025 година.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG