Достапни линкови

Со какви предизвици почнува новата учебна година?


Учебната година ќе стартува на 2 септември (фотоархива)
Учебната година ќе стартува на 2 септември (фотоархива)

Без учебници по странски јазици, очекувања за поголеми плати на наставници, но и стравувања дека егзодусот на населението ќе ги испразни училиштата и професорите ќе нема на кого да му предаваат, ќе стартува новата учебна година. За само една учебна година, во Северна Македонија, бројот на основни училишта се намалил за 11, а бројот на ученици паднал за 3.000. Се очекува трендот да биде таков и годинава.

Ако пред две децении во дебарските училишта имало над 400 првачиња, за десетина дена во училишните клупи за првпат ќе седнат околу 130 дечиња. Опаѓањето на бројот на ученици поради намалениот наталитет и иселувањето е проблем со кој и училиштата и државата се соочуваат со години.

Тоа е само еден од низата предизвици со кои на 2 септември ќе стартува и оваа учебна година. Обезбедувањето учебници, двосменското работење, повисоките плати, подобрувањето на наставните програми се на листата проблеми со кои и институциите и наставниците и родителите очекуваат дека ќе се справат.

За наставата на учениците промени речиси и да нема во споредба со лани. Различно ќе биде тоа што пролетниот распуст кој беше воведен минатата учебна година, оваа ќе го нема откако во анкета на Министерството за образование и наука (МОН) мнозинството родители, ученици и наставници рекоа дека не им е потребен.

Без учебници за странски јазици и со стопирана концепција

Учебници или наставни материјали за некои предмети, пак, според ветувањата од власта ќе има. Но, ќе нема за странските јазици.

„Сите учебници кои оваа влада ги вети, оваа година ќе стигнат до почетокот на школската година. Веќе објавивме дека е почната дистрибуцијата, сè уште имаме учебници во печат, но според договорот, и тие до 1 септември би требало да бидат во училиштата. Јас длабоко се надевам дека тоа ќе биде испочитувано од дистрибутерите“, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

За странски јазици учебници ќе нема бидејќи, според објаснувањето, тендерот пропадна и во тек е жалбена постапка. Ништо што би било во склоп на закон не би можело да се преземе надвор од тоа, тврди министерката.

Новата концепција за основното образование која годинава требаше да почне да се имплементира во седмо одделение е стопирана бидејќи, како што објаснуваат од МОН, ќе се прави ревизија. Со имплементацијата во пониските одделение таа, на пример донесе спојување на предмети, како „Историја и општество“ за петто и шесто одделение. Одложувањето на примената во седмо значи дека историјата ќе остане како посебен предмет за седмоодделенците, како што и досега.

Одењето во две смени исто така останува за повеќето ученици. Според податоците од МОН, едносменска настава оваа учебна година може да почнат само 124 од вкупно 1095 основни и средни училишта.

Наставниците посакуваат повисоки плати и доволно часови

Наставниците, пак, очекуваат дека на 2 септември ќе ги имаат ветените учебници, но она што го посакуваат е и новата учебна година да ја стартуваат со повисоки плати. Бараат усогласување со Законот за минимална плата, што според синдикалците, треба да им донесе поголеми плати за околу 12 проценти.

„Останаа да се направат усогласувања уште во основно и средно образование неусогласени. Тоа ни е релативно голем проблем од аспект на тоа што новата власт, по нивно кажување, нема средства во Буџетот, дури и со ребалансот не можеле да обезбедат. Тоа се нивни извори на информации и од тие причини ние како наставници реагираме и бараме да се испочитува законската обврска“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ), Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).

Преговорите со МОН, додава тој, траат и очекуваат во наредните две-три недели да се најде решение и да има усогласување за септемвриските плати.

Од друга страна, министерката Весна Јаневска, пак, денеска побара трпение од наставниците бидејќи, вели, во МОН наследиле едногодишен буџет кој е истрошен за пола година од минатата власт. Се пожали дека претходното раководство и оставило едногодишен буџет што бил потрошен за пола година, необезбедени плати и учебници, како и неисплатени обврски за помош на ученици, превоз, стипендии итн.

„Јас ги молам наставниците, во овој момент да постапуваат со онаа пасија како кога се запишале на факултетот кога ја посакале таа професија. Да ја истераме оваа година со таа нивна и желба, да придонесат за знаењето на учениците, за напредок на државата, а она што им следува секако ќе си го добијат во оној момент кога државата ќе може тоа да го направи. Јас како министер грчевито ќе се борам тоа да биде што е можно повеќе“, рече Јаневска.

А за наставниците, покрај повисоки плати отворено прашање останува и потпишувањето на колективни договори за основното и средно образование. Тие се изготвени во време на минатата власт, а Синдикатот се надева дека ќе успеат да го потпишат со актуелната.

„Тие ни се важни не само од финансиски аспект туку и од аспект на регулирање на заемните односи меѓу работници и работодавците кои не се уредени со закон. Значи, обврски и права кои само се споменати во закон овде се прецизираат и ни се многу важни“, вели претседателот на СОНК.

Сe помалку ученици и училишта

Загриженост, како што вели тој, има и за намалувањето на бројот на ученици и паралелки поради што наставниците се соочуваат и со предизвик да имаат доволен фонд на часови.

Бројот на ученици континуирано опаѓа. Такви се очекувањата и за годинава, а првите индиции ги дадоа и податоците за бројот на запишани првачиња. Во мај, првиот месец кога почнаа уписите, во цела држава имаше околу 17.200 или за околу 500 помалку од лани. Точна бројка за деца кои ќе почнат со прво одделение од МОН ќе имаат во текот на септември бидејќи, како што посочуваат, уписите не се финализирани.

За да се формираат паралелки, законските прописи налагаат дека во основните училишта тие треба да бројат помеѓу 20 и 30 ученици, а во средните помеѓу 24 и 34.

„Претходните и оваа влада од социјален аспект ги толерираат паралелките и имаме паралелки со 7-8-9 деца, некаде и со три и се толерира и се даваат согласности. Но, ако не се толерира оваа состојба, не би сакал да шпекулирам со бројки, но бројот на наставници што би останеле без часови би бил навистина голем“, вели Неделков.

За празнењето на училиштата говорат и статистиките. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека ланската учебна година имало 182.124 основци или речиси 3.000 помалку од претходната. Средношколците, пак, броеле 69.227 или околу 2.000 помалку за само една година.

Тоа влијаело на бројот на основни училишта. Во учебната 2022-2023 тој изнесувал 966, а во минатата година биле 11 помалку. Кај редовните средни школи, пак, бројот останал ист – 126.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG