Достапни линкови

Децата во градинките и училиштата незаштитени од горештините


Фотоархива
Фотоархива

УНИЦЕФ ги повика властите да ги адаптираат и училиштата и градинките за да може децата и вработените да се справат со топлотните бранови. Институциите, пак, уверуваат дека има системи за греење и ладење. МОН вели дека работи на спроведување на препораките и нема да има одложување на почетокот на школската година поради високи температури.

Северна Македонија треба да се размисли за адаптирање на предучилишните и образовните установи, и оспособување на наставниците и родителите да одговорат на топлотниот стрес.

Ваква порака испрати Фондот за деца при Обединетите Нации – УНИЦЕФ, со својата последна анализа посветена на детското здравје среде топлотните бранови во Европа и Централна Азија.

И децата и возрасните веќе ги почувствуваа топлотните бранови оваа лето. Во јули, и Северна Македонија и земјите од регионот беа зафатени од летни горештини и портокалова фаза. Дел од институциите уверуваат дека објектите каде престојуваат децата има системи за ладење и греење, но некои посочуваат дека само делумно се опремени. Министерството за образование и наука (МОН), пак, посочува дека периодов е во интензивна комуникација со институтциите за да ги спроведат препораките што им се дадени.

Родители загрижени, надлежните уверуваат дека има услови

Училиштата во моментов не работат поради летниот распуст. Градинките, пак, згрижуваат деца, а дел од родители се загрижени како најмалите се справуваат со топлотните бранови за време на престојот.

„Моето дете оди во јасли. За време на горештините ги прашавме негувателките во какви услови престојуваат и ни рекоа дека занималната каде престојуваат децата е климатизирана, но поради жештините не може да се постигне посакуваната температура и да ги облекуваме со полесна и тенка облека“, вели Ивана Н., чие дете посетува градинка во скопски Центар.

Иако не е наша обврска, додава таа, како родители подготвени се да соберат пари за да им овозможат подобри услови на децата.

Идеја да соберат пари за да купат нова клима, имаат и родители во Аеродром.

„Во градинката каде одат нашите деца климите се стари и нефункционални на високите температури. Имаше неколку родители што предложија да покренеме иницијатива, да собереме пари меѓу нас и да донираме нова клима за просторијата каде ни престојуваат децата. И на децата и на негувателките и учителките им тешко да престојуваат по повеќе часа во просторија каде не може да се излади како што треба“, вели Викторија Ј.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади (поранешно Министерство за труд и социјална политика), под чиј ресор спаѓаат градинките, велат дека сите простории мора да имаат услови за ладење.

Оттаму се повикуваат на Законот за заштита на децата и Правилникот за стандарди и нормативи наменет за установите за деца, според кој пред да се издаде дозвола на некоја градинка или центар за ран детски развој, министерот формира комисија која врши увид дали се исполнуваат условите.

„Со овој увид, меѓу другото, се констатира и начинот на греење и ладење во објектите. Секој објект, со добивањето на решението за вршење на дејност, во сите простории во објектите на установите за деца има регулирано ладење и греење“, објаснуваат од Министерството за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Ниту од Секторот за заштита на децата, ниту до Секторот за инспекциски надзор во склоп на ова Министерство, како што велат, за време на топлотниот бран во јули немало никаква реакција од родители за тоа дали градинките ги применуваат мерките за заштита согласно препораките од Владата.

Оттаму, нагласуваат и оти општините се тие што се основачи на детските градинки, па ако има проблеми со греењето и ладењето, директорите и надлежните општински служби треба да изнајдат решение.

И дел од општините кои ги контактиравме уверуваат дека градинките се опремени.

Сите наши гадинки, категорични се од Општина Центар, „се целосно опремени со клима уреди особено во просториите каде што има деца“.

Истото уверување го даваат и од Кисела Вода.

„Целосно ги имаме опремено сите градинки на своја територија со клима уреди. Согласно законските стандарди зададени од Министерството за труд и социјална политика, клима уредите се пуштаат во одредени делови од денот кога децата не се во занималните, како би можело да дојдат во разладени простории без клима уредите да дуваат директно во нив“, велат од Општина Кисела Вода за РСЕ.

Да не дојде до одложување на учебната година

Кога се во прашање основните училишта, пак, велат дека „интензивно работат на приспособување на условите за наставата да се одвива во една смена, со што учениците порано би биле дома и би ги избегнале високите температури“.

Во Центар, пак, на пример, според одговорот кој го добивме, училниците во основните школи само делумно се опремени. На пример, во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, од 25, само во 10 училници има клима уреди. Во „Коле Неделковски“, 20 училници се без клима уреди. Само четири од вкупно 26, пак, се со клима уреди во „11 Октомври“, а девет од 22 се опремени во „Гоце Делчев“ итн. Најдобра е состојба во „Кочо Рацин“ каде од 25 само една училница не е опремена со систем за разладување. Слично е и во „Св. Кирил и Методиј“.

Токму за училиштата, УНИЦЕФ предупреди дека доколку немаат услови за справување со топлотните бранови би можело да дојде и до пролонгирање на летниот распуст. Нивната адаптација, забележаа од меѓународната организација, често се превидува затоа што топлотните бранови се појавуваат за време на летниот распуст.

„Но, бидејќи климатските промени водат до почести топлотни бранови и периоди на високи температури и на крајот од пролетта и на почетокот од есента, образовните установи треба да се подготват за топлотните шокови, за да се избегне затворање на училиштата или продолжување на летниот распуст како резултат од екстремните температури“, порача УНИЦЕФ.

Препораки за заштита од топлото време има издаде и од Светската здравствена организација (СЗО). Тие им се познати и на надлежните од Министерството за образование и наука (МОН) од каде велат веќе соработуваат со неколку институции за да ги заштитат децата во училиштата од топлото време.

„Министерството за образование и наука периодов е во постојана комуникација со УНИЦЕФ по однос на ова прашање и во соработка со Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје ќе ги приспособиме препораките со цел да обезбедиме непречен старт на новата учебна година и заштита на учениците од можните ризици кои ги носат топлотните бранови“, велат од МОН за РСЕ.

Основците во Северна Македонија на крајот на минатата учебна година, која заврши на 17 јуни, веќе се соочија со еден топлотен бран. Тогаш, МОН повикувајќи се на препораките од центрите за јавно здравје и здравствениот акциски план, препорача училиштата да организираат скратени наставни часови. Меѓу препораките беше и постојано проветрување на просториите, учениците да консумираат повеќе вода и да одбегнуваат масна и храна која содржи поголемо количество шеќери.

Околу 92 милиони деца во Европа и Централна Азија изложени на топлотни бранови

Во анализата „Победете ја горештината: детското здравје среде топлотните бранови во Европа и Централна Азија“, објавена на 24 јули, УНИЦЕФ повикувајќи се на податоци од 23 земји, констатира дека како последница на се повисоките температури во Европа и Централна Азија околу 377 деца починале во 2021 година.

Проценките се дека околу половина од децата во овој регион се изложени на топлотни бранови.

„Околу половина од децата низ Европа и Централна Азија – или 92 милиони деца – веќе се изложени на чести топлотни бранови во регион каде што температурите растат со најбрзо темпо во светот. Сè повисоките температури може да предизвикаат сериозни здравствени компликации кај децата, особено кај најмалите, дури и за кратко време“, рече Регина де Доминисис, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.

Освен споменатите препораки, во пораките до властите за заштита од топлотни бранови во овој регион се најдоа повици и за приспособување на урбанистичкото планирање и инфраструктурата, обезбедување чиста вода, инвестирање во системи за рано предупредување итн. Се препорача и владите да инвестираат и во „здравствени акциски план“ и да се обезбеди превенција, ран одговор, дијагноза и третман на болестите што може да ги предизвика топлото време.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG