Парите за новородено дете ни помогнаа бидејќи месецот после породување барем една просечна плата се остава во аптека. Но, тие средства се еднократни, на долг рок практично ги немаш, вели скопјанката Викторија А. чиј син само што наполни една година.
Таа за прво дете добила 8.000 денари од општина Аеродром, каде живее. Има право на еднократен надомест и од државата, но не го добила поради бирократски процедури што не можела да ги истурка со бебе во раце.
„Еднократната помош дали од држава дали од општина, навистина помага во прв момент. Но, тие пари нема да ме натераат да се одлучам на второ или трето дете. Поважно ми е да имам стабилна работа и сигурни примања“, вели Викторија за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во време кога бројките за наталитетот се во драматичен минус, а на младите кои се иселуваат се во плус, новата Влада се обврза да го стави демографскиот развој во прв план.
Тоа, меѓу другото, значи и повеќе пари за семејствата со новородено дете од парите што сега ги добиваат - по 6.575 денари денари за прво и по 26.305 денари за второ дете, колку што изнесуваше помошта за 2023 година. Сумата варира бидејќи секоја година се усогласува со трошоците за живот.
Следува родителски додаток по околу 8.000 денари месечно за трето дете и се исплаќа во период од десет години. Семејството со четврто дете тие пари ги добива 15 години.
Еднократна помош даваат и повеќе општини, со суми кои сами ги определуваат.
Семејствата ќе почекаат за повеќе пари
Во програмата за работа на новата Влада, пишува дека ќе се зголеми помошта од државата за новородени деца. Колку ќе изнесува - не е прецизирано.
Но, во предизборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ имаше конкретни цифри - еднократна помош од 250 евра за првородено дете, 500 евра за второ, 750 евра за близнаци, за трето и за секое наредно дете.
Но, за тоа, семејствата ќе почекаат. Според нашите информации, не се знае од кога ќе почне да се исплаќа оваа помош, но сигурно нема да биде оваа година. Како причина се наведува лоша кондиција на буџетот.
Од Владата за РСЕ велат дека допрва ќе се прават проценки.
„Пред преземање на какви било мерки во оваа насока ќе биде изготвена детална анализа на придобивките од претходните мерки и како тие во периодот на имплементација влијаеле на популациските придобивки. Воведувањето на какви било мерки ќе биде проследено со конкретни активности или стимулации, кои ќе бидат тесно поврзани со фискални импликации во рамки на буџетот“, ни одговорија од Владата.
План за демографски развој - стари и нови мерки
Владата се обврза да ги унапреди постојните и да воведе нови мерки за поддршка на семејствата да имаат деца и за стопирање на миграцијата.
Во програмата за работа во четиригодишниот мандат, од мерките за семејствата, наброени се речиси истите од изборната приограма но без конкретни суми помош. Така, се наведува зголемена еднократна финансиска поддршка за првородено дете, драстично зголемување на еднократна финансиска поддршка за второ дете, воведување еднократна финансиска поддршка за близанаци, третородено и секое наредно дете.
Вработените мајки, откако ќе им заврши породилното отсуство, би имале право на една година поврат на уплатен данок на личен доход за првородено дете, а две години за второ дете. За трето и секое следно родено дете, повратот на уплатен данок за личен доход ќе трае до полнолетството на првороденото дете, пишува во програмата.
Фирмите што ќе вработат мајки на три или повеќе деца би биле ослободени од придонеси и од данок на личен доход за три години од денот на вработувањето. Работодавачот би имал обврска да ја задржи мајката на работно место онолку колку што се користи мерката.
Можни се и други мерки како до шест бесплатни ин витро оплодувања за секоја жена, реактивирање на „Купи куќа купи стан“, финансиска поддршка за млади парови ако се преселат на село, продажба на државно неизградено земјиште по повластена цена, помали листи на чекање за прием во детски градинки...
За да се нагласи посветеноста кон демографски развој на оваа Влада, зборот „демографија“ се додаде и во називот на досегашното Министерство за социјална политика, па тоа стана Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Дополнително, се планира да се отвори и научен институт за демократски истражувања, миграциска и популациска политика.
Проблемот е во миграцијата, а не во наталитетот
Северна Македонија имаше и Стратегија за демографска политика 2015-2024 година. И таму беа набројани семејни политики, миграциски политики и политики за активно стареење, како подрачја каде треба да се дејствува за да се подобрат демографските трендови.
Но, некаде меѓу плановите и стратегиите, снемува луѓе - бројот на новородени бебиња секоја година е се помал, а бројот на тие кои се иселуваат е се поголем, покажуваат статистичките податоци.
Зошто тоа се случува, и дали мерките (ќе) имаат ефект?
Марија Трпкова-Несторовска, професорка по демографија на Економски факултет смета дека најголема критика за демографската стратегија, ако државата воопшто ја има, е што посветува многу поголемо внимание на раѓањето, а помалку на миграционите движења.
„Мерките би требало да донесат успех, но не толку голем и значаен како што сакаме. Мајките ќе ги родат децата, но тие треба и да останат во државата. Нашиот систем успева да ги израсне, вложува во нив, а потоа заминуваат. Треба да го ублажиме трендот на миграција на млади луѓе“, вели Трпкова-Несторовска за РСЕ .
Апостол Симовски, директор на Завод за статистика, смета дека демографските политики не вродија со плод.
„Мерките со финансиска поддршка повеќе се популистички, ама ефект нема. Со стимулирање за раѓање трето и повеќе деца ги стимулирате оние што и онака раѓаат. За нив финансискиот ефект е значителен, но не трае вечно. Кога ќе порасне тоа дете, треба да му се обезбеди квалитетно образование, здравство, вработување..и тогаш не можете да бидете сигурни дека нема да замине надвор од државата“, вели Симовски.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година, во Република Северна Македонија имало 16. 737 живородени деца. Овој број е намален за 7.4 отсто во споредба со 2022 година.
Но, тоа е и најмал број на живородени деца во последните девет години, од 2014 година до лани, за кога се последните статистички податоци. Во 2014 година се родиле 23.596 деца. Оваа бројка за првпат паднала под 20.000 во 2019 година, кога имало 19.845 живородени деца. Оттогаш постојано опаѓа.
„Имаше мал пораст на наталитетот првата година кога се воведоа мерките, но после имаше голем пад. Финансиската поддршка може да даде ефект година - две и после има стагнација. Проблемот не е во наталитетот, но таму најмногу се чувствуваат последиците“, вели Симовски.
Државниот завод за статистика објави дека моменталниот годишен просек на иселување е 12. 000 луѓе и дека се очекува негативниот миграциски тренд да продолжи во следните 30 години.
Ако се земат податоците од пописот во 2021 според кои во државата живеат 1.836.713 лица, тоа значи дека за помалку од пет децении ќе има намалување за повеќе од половина милион жители или за 35 отсто.
Од 2008 година, Владата на поранешниот премиер Никола Груевски преку серија законски измени почна да спроведува политики за зголемување на наталитетот. Неколку години во земјава, додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, имаше додаток за трето дете. Со доаѓањето на СДСМ на власт оваа мерка беше укината, оти како што велеа, не дала резултат за да се зголеми наталитетот. Наместо тоа, беше овозможен родителски додаток за трето дете.
Глобален проблем, различни решенија
Наталитетот е негативен во цела ЕУ и проблемот се решава на различни начини.
Од соседните земји, Србија на пример, ја зголеми паричната помош - па за прво дете сега следуваат еднократни 3.250 евра, наместо 850 евра, колку што беше претходно. За второ дете, сумата е околу 2.500, евра и се исплаќа на 24 рати. Во трето е околу 16.000 евра, а 24.000 за четврто дете. Има дополнителни родителски додаток и помош за набавка за опрема за новороденче.
Бугарија воведе породилно отсуство од 13 месеци, при што се покрива 90 отсто од платата на работникот преку социјално осигурување.
Албанија дава помош за новороденче на своите државјани, без разлика дали децата се родени во државата или во странство. Родителите бебешкиот бонус може да го подигнат во породилиштето, без притоа да чекаат на шалтери и да се занимаваа со бирократија.
Албанската влада за прво дете дава 20 илјади денари, за второ - 40 илјади денари, а за трето 60 илјада денари еднократна помош. Ако се близнаци ќе добијат по 40 илјади денари од дете, ако се тројка по 60 илјади од дете.
Во Грција, родителите добиваат по 2.000 евра за новороденче, мајките две години по породувањето не смеат да се бркаат од работа, има мерки за мајки студентки, а родителите чии деца нема да успеат да се запишат во државна градинка 10 месеци ќе добиваат по 180 евра месечно.