Новата учебна година во четири населени места околу Струмица ќе започне без ниту едно прваче. Станува збор за селата Раборци, Попчево, Габрово и Мемешли, а состојбата не е подобра ниту во самиот град.
Покрај алармантната состојба во четирите струмички села, новата учебна година во деветте основни училишта во градот утре ќе ја започнат 442 првачиња, што е за 126 дечиња помалку во однос на минатата година.
Статистички, од 2017 година па наваму општинските податоци на Струмица покажуваат намалување на бројот на првачиња.
По селата, нагло се празнат и градовите
Драстични разлики во бројот на ученици во однос на минатите години има и во други градови во земјава.
Покрај Струмица, официјалните општински податоци покажуваат дека за околу 100 ученици е намален бројот на запишани првачиња во новата учебна година во сите 10 основни училишта во Прилеп, додека во последните шест месеци од минатата учебна година, родителите отпишале 300 ученици поради заминување од државата.
Состојбата не е подобра ниту во Охрид, каде според последните податоци од Општинскиот отсек за образование, годинава во прво одделение се запишани 445 првачиња, што е пак за 94 помалку од лани, кога се запишале 539 дечиња.
Битола е уште една од поголемите општини во државата каде годинава каде годинава во битолските основни училишта ќе седнат 720 наместо 950 деца, според списокот на запишани во книгата на родените што МВР го доставил до општината.
Советот на Општина Битола и советот на Општина Охрид пак, веќе побараа дозволи да формираат паралелки со помал број ученици од законски предвидениот - минимум 20 ученици, а и во двете ситуации, било истакнато дека намалениот наталитет и иселувањето се најголеми прични за драматично намалениот број на ученици.
Сè повеќе деца се раѓаат во странство
Како што покажува публикацијата на Државниот завод за статистика за миграциите во земјава, бројките на деца на македонски државјани родени во странство постојано расте.
Овие бројки покажуваат дека во 2009 година вкупно 3.510 деца од земјава се родиле во странство, додека во 2019 година таа бројка е 5 187.
Спротивно на ова пак, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат значителен пад на живородени деца во Северна Македонија. Во периодот од 2009 до 2019 бројот се намалил за речиси 4.000.
Во Италија и Германија заминуваат цели фамилии
И додека е очигледно дека овие миграции влијаат и на намалување на бројот на ученици и во поголемите градови во земјава, тоа не е ништо ново за помалите места во Македонија, каде секоја година училиштата се соочуваат со празни училишни клупи.
Доскорешниот директор на основното училиште во село Батинци, „Алија Авдовиќ“, Ќенан Имери, во разговор за РСЕ, вели дека секоја година бројот на основци традиционално е помал за 50 до 60 ученици, но годинава оваа бројка е речиси двојно поголема.
„Се намалува бројот на ученици и кај нас, па така годинава имаме околу 110 ученици помалку од минатата учебна година. На пример, ние имаме тријазични паралелки - на македонски, албански и турски, па така ако последните две години имавме по пет албански паралелки, годинава се пополнија само три. На македонски јазик пак, до лани секоја година беа две паралелки, сега ќе имаме само едно одделение, додека во паралелките каде се учи турски, лани имавме 27 првачиња, а оваа година се запишаа само 15“, вели Имери.
Имери вели дека цели фамилии масовно се иселуваат, па бројот на ученици во една учебна година никогаш не е константен.
„Сè поголем број на луѓе заминуваат во други држави, пред се во Италија и Германија каде заминуваат цели фамилии, па се помалку деца остануваат овде. Треба и да се истакне и дека речиси секоја година ја завршуваме со 20 до 30 ученици помалку, бидејќи миграциите се случуваат и во текот на годината, па кога родителите ќе решат да се иселат ги испишуваат децата и потоа ќе ги запишат во тие држави каде што нашле работа“, раскажува Имери.
Покрај иселувањето пак кое го наведува како клучен фактор, според Тафа Амети, потпретседател на СОНК и професор во гостиварската гимназија, за намалениот број на ученици, кој како што сведочи се случува и во Гостивар, покрај иселувањето, пресудни се уште неколку фактори.
„Не се усогласува бројот на ученици кои доаѓаат во средните училишта со бројот на паралелки предвиден за истите, секогаш имаме повеќе паралелки кои потоа остануваат празни. Како резултат на сето тоа, во гостиварската гимназија годинава се намали бројот на паралелки, па на пример од албанскиот дел од 9 имаме намалување на 7 паралелки, во македонскиот дел повторно остануваат две, додека во турскиот дел исто така имаме намалување од три на две паралелки. Тој тренд на намалување е се поинтензивен во последните три години, а најлошо во нашата Општина е во средното економско училиште каде постојано попаѓа и бројот на ученици и бројот на паралелки“, објаснува Амети.
Зголемен број ученици само во две скопски општини
Додека миграциите и намалениот наталитет си го прават своето и се соочуваме со еден тренд на се помал број на ученици, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, вели дека сепак има и внатрешни миграции кои доведуваат до зголемени бројки на ученици. Но тоа се случува само во две скопски општини - Аеродром и Чаир.
За намалениот број на ученици пак, и Шаќири вели дека е долгогодишен проблем кој се провлекува и продлабочува.
„Во мене ги немам конкретните бројки, но во одредени општини имаме намалување, во некои од нив и драстично на бројот на учениците. Намалувањето продолжува од година во година, падот на наталитетот и миграцијата во странство се едни од причините“, изјави Шаќири во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.
Се иселуваат преку цела година
Податоците на Заводот за статистика покажуваат дека на крајот од секоја година на државно ниво за стотици ученици е помал бројот на ученици кои ја завршуваат годината, во однос на оние кои се запишале на почетокот од истата, токму како последица на заминувањето во други држави.
Последните податоци покажуваат дека во текот на изминатата 2021/2022 учебна година, вкупно 1.414 основци се испишале поради заминување во друга држава, додека во текот на истата учебна година пак на ниво на цела Македонија, вкупно 272 средношколци биле испишани токму поради миграција во друга држава.
Интересно е тоа што и овде, доколку се навратиме наназад, може да се забележи дека секоја година се зголемувал бројот на основци и средношколци кои во текот на самата учебна година заминале од училиштето поради иселување од државата.
Статистиките покажуваат дека во текот на 2017/18 година вкупно 1 095 основци од цела држава го прекинале образованието поради заминување во странство, а истата година тоа го направиле уште и 172 средношколци.
Новата учебна година пак почнува утре, а за прв пат ќе трае до 17 јуни и основците и средношколците ќе имаат и пролетен распуст,кој ќе трае од 29 април до петти мај.