Достапни линкови

Вести

Славески - Советот ќе ги поддржи програмите за Комунална Хигиена, ќе има и пари за ЈСП

Трајко Славески - претседател на Совет на град Скопје
Трајко Славески - претседател на Совет на град Скопје

Советничките групи во Советот на Град Скопје на наредната седница на Советот на 29 август ќе ги поддржат дополнителните програми за работа на Комунална хигиена за вработување на околу 120 лица, како и средства за ЈСП со пренамена од друг проект со кои ќе се репарираат и стават во функција уште 30 автобуси, изјави претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески.

На денешната средба за координација во Град Скопје на која присуствуваа координаторите на советничките групи Славески посочи дека градоначалничката Арсовска дошла со директорите јавните претпријатија Паркови и зеленило, Комунална хигиена Скопје и ЈСП Скопје, надлежни за областите кои се најгорливи во Скопје чистота во градот Скопје и јавниот превоз.

Директорите на Комунална хигиена и на Паркови и зеленило со оглед дека се нови на функцијата, само 10-тина дена, не можеле да дадат конкретни одговори на прашањата, и останало дополнително советници да бидат информирани за прашањата што ги поставуваа.

„На состанокот од јавните претпријатија беше нагласено дека им е потребна дозвола за набавка на нова механизациоја, опрема и др. Јас забележав дека нивните инвестициски планови се одобрени од страна Советот на Град Скопје уште на почетокот на годината, како и во претходните години и се поставува прашање што правеа кога ни кажуваат дека во просек возилата и опремата им се стари над 20 а во некои групи и 30 години“, вели Славески.

Во однос на јавниот превоз во Град Скопје, кажа дека и на средбата во понеделникот било констатирано дека на краток рок не може да се изврши набавка на нови автобуси кои би го зголемиле возниот парк, но и дека добар дел на возниот парк е нефункционален.

Повтори дека од Владата изразила подготвеност дел од средствата кои се неискористени а се наменети за инфраструктурен проект во Град Скопје, промптно да се префрлат на сметката на Град Скопје за рехабилитација на одреден број на автобуси што не се во функција, во пресрет на почетокот на новата учебна година.

„Затоа што овде имаме две клучни дати, едната е 1 односно 3 септември кога е почеток на учебната година, за основците и средношколците и мала пауза додека студентите не се вратат на факултетите. Според проценката на директорот дури 30 автобуси би можеле да бидат поправени и да се стават во функција доколку овој договор околу префрлањето на средства од страна на Владата и започнување на сервисирање на оној долг од осум милиони евра што претходната Влада го направи кој ЈСП“, рече Славески.

Тој изрази очекување дека од 1 септември јавниот превоз во градот ќе функционира, но не оптимално како што посакуваме.

„Нема закочени процеси во Советот за Град Скопје, ако станува збор за закочување тоа е една програма, која ја спомнав, да се дозволат нови 120 вработени во „Комунална хигиена“. Се разбира, ќе ги разгледаме и другите програми кои што не се донесени“, рече Славески на новинарско прашање дали од 29 август ќе се откочат работите во Советот на градот.

Прашан за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој денеска ги повика советниците да ги поддржат плановите на Град Скопје, Славески повтори дека до сега единствено не била изгласана Програмата за дополнителни активности за „Комунална хигиена“ за дополнително сезонско вработување на 120 работници. Тој, смета дека и со сегашната бројка ова ЈП би можело добро да функционира.

Буџетот нема 8 милиони евра да го подмири долгот, создаден во претходните неколку години за бесплатниот превоз на студентиот, рече Славески и дополни дека постои расположение тоа да се прави сукцесивно. Во однос на БРТ системот, потсети дека претседателот на Владата во понеделник изрази сомнеж дека за кусо време советниците би дале дозвола за продолжување на овој проект.

види ги сите денешни вести

Мицкоски: Билатералните спорови да не се пречка во остварување на заедничка цел

Годишен состанок на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО, Скопје, 5 април 2025 година
Годишен состанок на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО, Скопје, 5 април 2025 година

Треба да се размисли и за воведување механизми каде нема да се дозволи билатералните спорови да бидат пречка во остварувањето на колективната и заедничка цел. Ова го порача македонскиот премиер Христијан Мицкоски, во обраќањето со кое во македонското Собрание го отвори денешниот (5 април) редовен годишен состанок на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО, во кој членуваат шефовите и заменик-шефовите на националните парламентарни делегации.

Премиерот Мицкоски, осврнувајќи се на трагедијата во Кочани, истакна дека државата многупати ја докажала својата солидарност со други држави, но од друга страна „не секогаш нашата татковина го добивала она што го очекувала“.

Според него, трагедијата во Кочани покажала дека солидарноста не е само збор, туку и дело што ги поврзува народите.

Во изминатите пет години, додаде тој, значително ја подобривме интероперабилноста на нашите вооружени сили со оние на другите сојузници.

„Работиме на подобрување на стратешкото планирање, цивилната контрола врз армијата, модернизацијата на опремата и транспарентноста во управувањето со одбранбените ресурси. Обуките се одвиваат според НАТО-доктрини, а новите институционални механизми нè прават поотпорни на хибридни закани“, посочи премиерот.

Мицкоски истакна и дека регионалната соработка е клучна за стабилноста на Балканот.

На состанокот на Постојаниот комитет, кој за прв пат се организира во Северна Македонија, Министерот за одбрана Мисајловски рече дека ова е силен сигнал на единство и потврда за досегашните одлуки за зајакнување на сојузничката соработка, транспарентноста и парламентарната демократија.

Шефот на делегацијата Ковачки, истакна дека собирот има посебно значење бидејќи се одбележува петгодишнината од македонското членство во Алијансата.

„За пет години, Северна Македонија покажа дека е вреден и доверлив сојузник, кој ја исполнува целта за трошење на БДП од 2 отсто, придонесува за одбрана на источното крило, во Бугарија и во Латвија, сојузник кој ја поддржува стабилноста на Западен Балкан преку својот придонес во КФОР и сојузник кој го поддржува суверенитетот и самоодбраната на Украина“, посочи Претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело.

Во својот говор и тој ја спомена солидарноста на НАТО за трагичниот пожар во Кочани, кога петнаесет сојузници дадоа директна поддршка за земјата, вклучитлено и помош во медицинската евакуација.

Претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело (во средина), на годишниот состанок на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО, Скопје 5 Април 2025
Претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело (во средина), на годишниот состанок на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО, Скопје 5 Април 2025

Перестрело заклучи дека во периодот кога прославуваме 75 години од постоењето на Алијансата и 70 години од постоењето на Парламентарното собрание на НАТО, треба да бидеме подготвени за одговорност и акција имајќи ги предвид комплексниот број на закани и предизвици, кои налагаат поголемо обединување и зајакнување на капацитетите за сите.

По завршување на воведниот дел, состанокот продолжува во затворен формат.

Инаку, Постојаниот комитет е највисокото раководно тело, чии седници се одржуваат засебно секоја пролет и вообичаено, пред пролетната и годишната пленарна сесија на Парламентарното собрание на НАТО.

Во него покрај Претседателот, потпретседателите и благајникот, членуваат шефовите на парламентарните делегации од националните парламенти на земјите членки, како и претседателите на Комитетие и на Специјалната група за Медитеранот и Блискиот исток, кои се екс-официо членови на ова тело.

Согласно правилата за работа на Парламентарното собрание на НАТО и доколку не се одлучи поинаку, работниот дел на овие состаноци е од затворен карактер. Одлуките на Постојаниот комитет секогаш претходат на одлуките кои се носат на пленарните седници на Парламентарното собрание на НАТО.

Бројот на жртви од земјотресот во Мјанмар надмина 3.300

Уништени згради во Мјанмар, 30 март 2025 година
Уништени згради во Мјанмар, 30 март 2025 година

Бројот на загинати во силниот земјотрес во Мјанмар се искачи на повеќе од 3.300, објавија државните медиуми денеска (5 април), додека шефот за помош во Обединетите нации (ОН) го повика светот да му помогне на Мјанмар.

Земјотресот на 28 март ги срамни зградите и уништи инфраструктура низ целата земја, предизвикувајќи 3.354 загинати и 4.508 повредени. Исто така, според податоците објавени во државните медиуми, 220 лица се сметаат за исчезнати.

Повеќе од една недела по катастрофата, многу луѓе во Мјанмар сѐ уште се бездомници, а многу од нив се принудени да спијат на улица бидејќи нивните куќи се целосно уништени или се изложени на ризик од уривање.

Според проценките на ОН, повеќе од 3 милиони луѓе можеле да бидат погодени од земјотресот со јачина од 7,7 степени.

Главниот службеник за помош во ОН, Том Флечер, во саботата се сретна со жртвите од земјотресот во мјанмарскиот град Мандалеј и одблиску ја виде штетата направена во градот.

„Уништувањето е огромно“, напиша на платформата X.

„Светот мора да му помогне на народот на Мјанмар“, додаде тој.

Од воениот удар во 2021 година, Мјанмар е управуван од хунта, што предизвика граѓански судири. Хунтата, наводно, извршила десетици напади по земјотресот, вклучително и 16 од прогласувањето на привремен прекин на огнот во средата (2 април), соопштија ОН еден ден претходно.

Годините на војна доведоа до уништување на економијата и инфраструктурата на Мјанмар, што претставува голема пречка за меѓународните напори да се обезбеди помош за земјата по силниот земјотрес.

Кина, Русија и Индија беа меѓу првите земји кои понудија поддршка, испраќајќи тимови во Мјанмар за да помогнат во пронаоѓањето на преживеани.

Соединетите Американски Држави во петокот објавија дека ја зголемуваат помошта за Мјанмар, со што помошта ќе достигне 9 милиони долари.

САД почнаа да наплаќаат нови царини од 10 отсто, нарушувајќи ги глобалните трговски норми

Пешаци поминуваат покрај екран за емитување на Бомбајската берза (БСЕ) во Мумбај на 3 март 2025 година, прикажувајќи вести за новите трговски царини на американскиот претседател Доналд Трамп
Пешаци поминуваат покрај екран за емитување на Бомбајската берза (БСЕ) во Мумбај на 3 март 2025 година, прикажувајќи вести за новите трговски царини на американскиот претседател Доналд Трамп

Американските царински службеници денеска (5 април)почнаа да ја наплаќаат едностраната царина од 10 отсто на претседателот Доналд Трамп за сите увозни производи од многу земји, а повисоките давачки за стоките од 57 главни трговски партнери треба да започнат следната недела.

Првичните „основни“ царини од 10 проценти стапија на сила на американските пристаништа, аеродроми и складишта за обврзници во 12:01 часот по средноевропско време, што го означи целосното отфрлање на Трамп на системот на меѓусебни царини кој беше договорен по Втората светска војна.

„Ова е најголемата поединечна трговска акција во нашиот живот“, рече Кели Ен Шо, трговска адвокатка во адвокатската фирма Хоган Ловелс и поранешен трговски советник во Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп.

Шо на форумот на тинк-тенкот Брукингс во четвртокот (3 април) рече дека очекува царините да се променат со текот на времето додека земјите се обидуваат да преговараат за пониски стапки.

„Но, ова е огромно. Ова е прилично сеизмичка и значајна промена во начинот на кој тргуваме со секоја земја во светот“, додаде таа.

Howmet Aerospace, компанија која доставува делови за Airbus и Boeing за авиони, би можела да запре некои испораки поради царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп пред неколку дена, според писмо во кое агенцијата Ројтерс имала увид.

Компанијата со седиште во Питсбург ги информираше своите клиенти дека прогласила таканаречен „настан на виша сила“. Тоа е правна практика која им овозможува на договорните страни да ги избегнат своите обврски доколку бидат затекнати од неизбежни и непредвидливи надворешни околности.

Howmet ќе биде ослободен од испорака на какви било производи или услуги погодени од националната вонредна состојба и/или извршна наредба за царини, се вели во писмото.

Многу повисоки царини против, како што ги нарече Трамп „најлошите престапници“, како што се 20 отсто за ЕУ и 34 отсто за Кина, ќе стапат на сила на 9 април.

Во четвртокот стапи на сила царината од 25 отсто за сите странски автомобили увезени во САД.

Објавата на Трамп за царини во средата (2 април) ги потресе светските берзи до својата срж. Цените на нафтата и суровините паднаа додека инвеститорите брзаат да побараат сигурност во државните обврзници.

Меѓу земјите кои први беа погодени од царината од 10 отсто се Австралија, Велика Британија, Колумбија, Аргентина, Египет и Саудиска Арабија.

Во исто време во среда (9 април) треба да стапат на сила повисоките „реципрочни“ царини на Трамп од 11 до 50 проценти. Увозот во Европската унија ќе биде погоден со царини од 20 отсто, додека кинеската стока ќе биде погодена со царини од 34 отсто, со што вкупниот износ на новите царини на Трамп за Кина ќе достигне 54 отсто.

Виетнам, кој профитираше од оддалечувањето на синџирите на снабдување на САД подалеку од Кина по трговската војна на Трамп со Пекинг за време на неговиот прв мандат, ќе биде погоден со царина од 46 отсто и се согласи да разговара за договор со Трамп во петок.

Канада и Мексико се ослободени од најновите царини на Трамп, бидејќи тие сè уште подлежат на царина од 25 отсто за стоки што не се во согласност со американско-мексико-канадските правила за потекло.

Американскиот претседател од ова ги исклучи стоките како челик и алуминиум, автомобили, камиони и автоделови, бидејќи тие подлежат на специјални царини за национална безбедност од 25 проценти.

Неговата администрација, исто така, објави список со повеќе од 1.000 категории на производи ослободени од царини. Ова го вклучува увозот на сурова нафта, нафтени деривати и други енергетски производи, фармацевтски производи, ураниум, титаниум, граѓа и полупроводници и бакар, чиј увоз се проценува на 645 милијарди долари во 2024 година.

Во руски напад на Криви Рих загинаа најмалку 18 лица, од кои девет деца

Станбен блок во украинскиот град Криви Рих по руски напад, 4 април 2025 година.
Станбен блок во украинскиот град Криви Рих по руски напад, 4 април 2025 година.

Во руски ракетен напад во петокот (4 април) загинаа најмалку 18 лица, од кои половината деца, во станбена област на градот Криви Рих во централниот дел на Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Нападот врз родниот град на Зеленски, кој е еден од најсмртоносните руски напади оваа година, во време кога американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да стави крај на војната, оштети станбени блокови и предизвика пожари, напиша гувернерот Сергеј Лисак на Телеграм, пренесе агенцијата Ројтерс.

Најмалку 50 лица се ранети, соопшти итната помош, додавајќи дека бројот расте. Повеќе од 30 луѓе, вклучително и тримесечно бебе, се хоспитализирани, рече Лисак.

Зеленски рече дека спасувачките напори сè уште се во тек и го повика Западот да изврши поголем притисок врз Москва.

„Целиот свет го гледа тоа. Секоја ракета, секој дрон докажува дека Русија бара само војна“, напиша тој на Телеграм.

САД минатата недела соопштија дека постигнале договор со Русија и Украина за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, што е прв таков чекор откако Трамп ја презеде функцијата во јануари, откако вети дека ќе стави крај на војната во рок од 24 часа.

Двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорот.

Украина соопшти дека се согласила со предлогот на САД за целосен, безусловен 30-дневен прекин на огнот, но дека Русија го отфрлила таквиот чекор во одвоени разговори со американски официјални претставници.

„Мораме да ставиме крај на овој терор, да ги заштитиме луѓето и да ја принудиме Русија на мир“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.

Руските сили употребиле балистичка ракета за нападот, изјави омбудсманот за човекови права Дмитро Лубинец.

На таквото оружје му требаат само неколку минути за да стигне до целта и тешко се соборува.

„Ниеден воен објект - само цивилна инфраструктура“, додаде Лубинец на Телеграм.

Русија негира дека цели кон цивили, но илјадници се убиени и повредени во нејзината инвазија врз Украина од 2022 година.

Во средата, руска ракета погоди бизнис во Криви Рих, при што загинаа најмалку четворица цивили.

Дел од републиканците во американскиот Сенат го поддржаа конгресниот надзор на царините

Републиканскиот сенатор Чак Грасли, еден од предлагачите на законот со кој би се укинале новите царини, освен ако Конгресот изречно не ги одобри, 19 октомври 2021 година.
Републиканскиот сенатор Чак Грасли, еден од предлагачите на законот со кој би се укинале новите царини, освен ако Конгресот изречно не ги одобри, 19 октомври 2021 година.

Нацрт-законот во американскиот Сенат кој ќе бара одобрување од Конгресот за нови царини доби поголема поддршка од републиканците во петокот (4 април), вториот ден од падот на берзата предизвикан од потегот на претседателот Доналд Трамп да воведе нови царини за увоз.

Републиканските сенатори Лиза Мурковски од Алјаска, Мич Меконел од Кентаки, Џери Моран од Канзас и Том Тилис од Северна Каролина се приклучија како коспонзори на предлог-законот што во четвртокот го претставија републиканецот Чак Грасли од Ајова и демократската сенаторка Марија Кантвел, со кој би се укинале новите царини на американскиот Конгрес освен ако Конгресто изречно не ги одобри.

Нејасно е дали предлогот има некакви шанси да помине во Сенатот, каде што партијата на Трамп има мнозинство од 53 спрема 47, а многу членови и републикански лидери изразија поддршка за потегот со царините, кој според економистите ќе ги зголеми цените и ќе ризикува рецесија, додека Белата куќа вели дека ќе донесе нови инвестиции во САД.

„Секоја земја има уникатни индустриски сектори кои се различно погодени од промените на глобалните пазари и трговските политики, како што се земјоделството, производството на автомобили и производството на авиони“, изјави Моран за агенцијата Ројтерс. „Уставот му дава на Конгресот овластување да донесува одлуки за надворешната трговија, вклучувајќи ги и тарифите“.

Тоа е најнов знак на немир меѓу републиканците во Сенатот поради огромните нови царини на Трамп за најголемите трговски партнери на САД, по усвојувањето на нацрт-законот поддржан од четворица републиканци и сите демократи во Горниот дом на Конгресот во вторникот, со кој би биле укинати новите царини за Канада.

Засега нема индикации дека Претставничкиот дом, исто така контролиран од републиканците на Трамп, ќе го прифати законот.

Тилис изрази загриженост за ефектите од царините врз земјоделството во неговата родна држава Северна Каролина.

Тој додаде дека слушнал од републиканците во Домот од неговата држава дека „добиваат многу“ поплаки од нивните изборни единици за царините.

Тилис, еден од тројцата републиканци кои бранат место во Сенатот, кој се смета за конкурентен на изборите следната година, рече дека земјоделскиот сектор во неговата држава, кој произведува свинско, пилешко и мисирка, може да биде погоден од одмазднички царини.

Тој рече дека сака да види детали од администрацијата на Трамп за „добро артикулирана стратегија“ во наредните недели за тоа што ќе постигнат царините. Рече и дека се надева, на пример, дека администрацијата ќе работи на „голем трговски договор“ со голем трговски партнер кој потенцијално ќе ги замени казнените царини.

Во објава на социјалните мрежи во петокот (4 април), Трамп рече дека неговата политика „никогаш нема да се промени“.

Променливо облачно време со сончеви периоди

Илустрација - Временска прогноза
Илустрација - Временска прогноза

Метеоролозите за денеска (5 април) најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди. Локално ќе има услови за развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од четири до 9, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со подолги сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до осум, а ќе се движи до максимални 20 степени.

Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре ќе има продор на студена воздушна маса од север, кој ќе предизвика значителна промена на времето. Ќе преовладува претежно облачно време со врнежи од дожд, а на повисоките места од дожд и снег. На планините врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира снежна покривка, од 10 до 15 сантиметри.

Ќе дува засилен северен ветер, над 70 километри на час, а температурите значително ќе опаднат. В понеделник со засилен северен ветер наместа ќе провејува слаб снег, а потоа времето ќе биде стабилно и ветровито со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни.

Самит во Самарканд - нова ера во односите меѓу ЕУ и Централна Азија

Самит во Самарканд.
Самит во Самарканд.

Европската унија (ЕУ) соопшти дека влегува во „нова ера“ во односите со државите од Централна Азија по самитот во градот Самарканд чија цел беше да се направи продор во регионот во кој доминираат Русија и Кина.

Говорејќи на последниот ден од самитот, одржан во дребниот град на Патот на свилата во Узбекистан, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека поплавата од глобални царини наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп на 3 април ја покажаа важноста за градењето односи во новата ера.

„Се наоѓаме на уште една пресвртница. Се појавуваат нови глобални бариери, инвестициите се пренасочуваат, силите ширум светот сечат нови сфери на влијание“, нагласи Фон дер Лајен во говорот на 4 април.

„Никогаш не било поважно да се има сигурни партнери. Сакаме да истражуваме нови патишта“, рече претседателката на Европската комисија.

Дводневниот самит на кој учествуваа лидерите на Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан доаѓа во време кога традиционалниот сојузник Русија и соседна Кина се борат за влијание во овој регион кој сака да ги продлабочи врските и со Западот.

Централна Азија е заинтересирана за напредната индустриска технологија во Европа - која Русија и Кина се борат да ја обезбедат, додека Брисел се интересира за скапоцените природни ресурси со кои располага регионот.

Фон дер Лајен ја потврди инвестицијата на ЕУ од 10 милијарди евра во Транскасписката меѓународна транспортна рута (ТИТР), проект кој потенцијално би можел да го преполови времето на патување меѓу Европа и Централна Азија, а истовремено да ја заобиколи Русија.

Фон дер Лајен, исто така, најави дополнителна инвестиција од 12 милијарди евра во Global Gateway со цел да се започне нов проект за дигитален и инфраструктурен развој.

Инвестицијата е насочена кон зајакнување на поврзаноста и трговијата, поврзување на петте земји од Централна Азија поблиску до европските пазари и отворање на патот за пристап до богатството на регионот со критични суровини како што се ураниум, бакар, јаглен, цинк, титаниум, манган, литиум, графит.

„Сакаме да бидеме партнери не само во експлоатацијата, туку и во градењето на локалната индустрија“, рече Фон дер Лејен.

Централноазиските лидери се обидуваат да одржат рамнотежа со Москва и Пекинг додека развиваат врски со Европа. Тие исто така се обидоа и да ги отворат границите меѓу себе по децении неразвиени односи.

„Пред седум-осум години беа затворени границите меѓу земјите. Немаше трговија, транзит, работа... Односите беа замрзнати“, изјави узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзијоев, кој претседаваше со самитот.

„Никој не можеше да замисли дека можеме да се обединиме за да го претставуваме регионот во преговорите со европските лидери“, рече тој.

Мирзијоев го отвори Узбекистан откако дојде на власт во 2016 година по децении изолација во време на владеење на неговиот претходник Ислам Каримов.

Денот на студентите во Белград одбележан со протест

Студентски протест во Белград, 4 април 2025 г.
Студентски протест во Белград, 4 април 2025 г.

Националниот ден на студентите – 4 април, во Белград беше одбележан со протест, на кој повикаа студентите кои повеќе од четири месеци ги блокираат универзитетите во Србија, барајќи одговорност за падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад кога загинаа 16 лица.

Протестот заврши со положување венци и цвеќе на спомен плочата на студентот по право, Жарко Мариновиќ, кој беше убиен за време на студентскиот протест во 1936 година во Белград.

Во тишина, неколку илјади студенти и граѓани маршираа од Правниот факултет до Новите гробишта.

На Правниот факултет насобраните демонстранти со 16-минутно молчење им оддадоа почит на загинати при падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.

Протестот започна со собир пред Институтот за патологија на Медицинскиот факултет, каде за време на студентскиот штрајк во 1936 година, беше убиен студентот Жарко Мариновиќ, кој се бореше за автономија на Универзитетот.

Дуња Цвејанов, студентка на Академијата за уметности во Белград, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека смета оти е важно „студентите да продолжат со својата борба“.

„Да му покажеме на овој систем дека нема да можат така лесно да се ослободат од нас. По речиси 100 години на исто место, ние се бориме за истите работи, поради проблемите во системот, поради нашиот режим“, додаде таа.

Студентите кои се во блокада на Филозофскиот факултет во Белград во повикот за протест напишаа дека „слободната мисла, која Универзитетот ја негува, а за која е неопходна автономија, што подразбира отсуство на репресивен државен апарат, е достигнување за кое академската заедница се бореше во минатото и кое денес бескомпромисно и солидарно го брани“.

Ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ, им го честиташе 4 април на студентите и на целата академска заедница, заблагодарувајќи им се за нивните лични напори за зачувување на единството и за одбрана на достоинството на образованите млади луѓе во Србија.

„Универзитет во Белград 70 години го слави Денот на студентите и се сеќава на жртвата на еден поединец за доброто на студентската заедница“, вели Ѓокиќ во својата честитка.

Ректорот ги поддржа барањата на студентите, поради што беше мета на кампања против него од провладините таблоиди и владините функционери.

Министерката за образование, Славица Ѓукиќ Дејановиќ, го честиташе Денот на студентите, со порака дека е неопходно „што поскоро да се воспостави редовен процес на настава и работа во сите образовни институции“.

„Во овие сложени околности не смееме да заборавиме на важноста на образованието. Ви посакувам со успех да го продолжите академскиот пат, да се усовршувате и да барате нови знаења“, рече министерката.

Таа во соопштението нагласи дека е исполнето четвртото барање на студентите што се однесува на зголемување на парите во Буџетот за високото образование.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го честиташе Денот на студентите, облечен во маица на која пишува „И јас сум чаци“.

„Чаци“ е термин што студентите кои протестираат го користат за противници на студентските блокади.

Противниците на блокадите, кои себеси се нарекуваат „студенти кои сакаат да учат“, кампуваат во парк во центарот на Белград, блиску до Претседателството на Србија.

Нивното барање е да се прекинат блокадите.

Тие ги отфрлаат наводите дека биле организирани од владата, предводена од Српската напредна партија.

Вучиќ рече дека ја облекол маицата со таков натпис „за да ги поддржи младите момци и девојки кои се многу похрабри од него“.

„Тие млади луѓе во Чациленд (колоквијалниот назив на кампот) не бараат ништо друго освен право на учење, никого во ништо не попречуваат, не блокираат, никого не тероризираат, единственото нешто што го бараат е нивното право да учат“, вели Вучиќ во пораката на својот Инстаграм профил.

Вучиќ пред новинарите во Софија, каде што учествува на самит за Балканот, зборуваше и за барањата на студентите кои блокираат.

Тој рече дека студентите кои се во блокада во следните неколку дена ќе објават дека нивното ново барање е формирање преодна влада и повторно спомена „обоената револуција“, за што не изнесе ниеден доказ.

„Нивното суштинско барање е промена на власта и обоена револуција, во согласност со странските наредби. А тоа ќе им биде јасно на сите во следните неколку дена. Но, нема да има привремена влада. Како што сега стојат работите, ќе се формира влада во согласност со Уставот и законските рокови и ќе ја спасиме Србија“, рече Вучиќ.

Тој оцени дека што и да направат надлежните во однос на исполнувањето на студентските барања, нема да биде доволно бидејќи тврди дека преодна влада е „суштински услов“.

Студентите во блокада, досега не се огласија со такво барање.

Објавувањето на комплетната документација за реконструкцијата на зградата на железничката станица во Нови Сад е клучното барање што студентите го поставија пред институциите на Србија.

До судските органи беа упатени уште две барања на студентите: санкционирање на напаѓачите на учесниците на протестите, како и прекин на кривичната постапка против демонстрантите кои беа уапсени од полицијата.

Се бара и доделените пари за високото образование да се зголемат за 20 проценти.

Надлежните тврдат дека се исполнети сите барања на студентите, ги повикуваат да ги отворат факултетите, а академиците велат дека не се исполнети и дека продолжуваат со блокадите.

Сиљановска-Давкова и Радев разговараа за Кочани и евроинтеграциите на Северна Македонија

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Бугарија, Румен Радев (фотоархива).
Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Бугарија, Румен Радев (фотоархива).

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова денеска (4 април) в Софија оствари средба со бугарскиот шеф на државата Румен Радев, а главна тема на разговорот била трагедијата во Кочани. Но, се разговарало и евроинтеграциите на Северна Македонија кои се закочени поради спорот со Бугарија, за што, претседателката изјави дека се можни компромиси и очекува исчекор на тој план.

Радев, рече Сиљановска-Давкова, бил првиот претседател што и се јавил и понудил секаков вид помош по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани ноќта меѓу 15 и 16 март во која загинаа 60 лица, а околу 200 беа повредени. Дел од повредените беа транспортирани за лекување во болницата „Пирогов“ во Бугарија.

„Ако бугарските граѓани во Софија, Пловдив, Варна со редови чекале за да дадат крв и да помогнат, јас имав должност прво да ги посетам повредените во болницата. Немам зборови и за министерот за здравство кој ме дочека, и за директорот на болницата и за професорката којашто беше таму, сретнав и македонски лекари кои работат во болницата. Имав прилика да ги видам и родителите. Добрата вест е дека има голем напредок, мислам дека уште поголем ќе биде деновиве. Тоа беше главната тема на средбата со Радев“, изјави Сиљановска-Давкова од Софија, пренесе државната агенција МИА.

За втората тема на разговорот – евроинтеграциите, претседателката изрази надеж.

Македонско – бугарските односи се нарушија откако во 2020 година Софија стави вето за старт на преговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ, по што двете земји во 2022 со усвојување на францускиот предлог се согласија Скопје да ги продолжи евроинтеграциите откако во преамбулата од Уставот ќе ја вметне и бугарската заедница.

Сиљановска-Давкова од Софија денеска (4 април) рече дека не е време ниту место за ова, но со Радев заклучиле дека треба многу повеќе да се среќаваат, како тие, така и министрите, луѓето од култура, студентите итн. Компромиси, рече, се можни.

„Ние ги претставуваме граѓаните, мојот легитимитет извира од граѓаните и јас како професорка по уставно право не можам да заборавам на теоријата на мандатот – дека имам право да го правам тоа за што сум добила мандат на изборите од граѓаните, но се разбира дека тука се можни компромиси јас очекувам да исчекориме“, рече претседателката, пренесе МИА.

Сиљановска-Давкова е во Софија на покана на Радев и на кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори, каде учествуваше на состанокот на шефови на држави и влади на „Акаба Процес Балкан III“.

Претседателката со Радев претходно одржаа средба во ноември 2024 на маргините на Конференцијата за климатски промени-КОП29 во Баку, Азербејџан.

Во септември 2024, неколку месеци откако во мај Сиљановска-Давкова ја презеде функцијата, тие имаа средба во Софија. Македонската претседателка тогаш беше во посета на Бугарија каде од публика го следеше настапот на Националната опера и балет со „Набуко“ од Џузепе Верди во Софија.

За време не престојот, таа имаше средба со Радев, но настанот предизвика контроверзии бидејќи бугарскиот претседател ја пречека и се фотографираа пред знамињата на Бугарија и ЕУ, а без македонско знаме. Тоа беше причина тогаш властите во Скопје да испратат и протестна нота до Софија.

УСАГМ укина дел од сателитското емитување на Радио Слободна Европа на руски јазик

РСЕ има програма во 23 земји на 27 јазици и допира до публика од речиси 50 милиони луѓе.
РСЕ има програма во 23 земји на 27 јазици и допира до публика од речиси 50 милиони луѓе.

Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ – USAGM) ги раскина договорите со два сателитски системи кои пренесуваат содржини на руски јазик произведени од Current Time, мрежа управувана од Радио Слободна Европа (РСЕ).

Ова доаѓа во услови кога се води битка за затворање на работата на голем број радиодифузери финансирани од САД.

На 4 април, Current Time објави дека емитувањето преку сателитските системи Astra и Eutelsat, повеќе не се одвива, по потегот на американската владина агенција која ја надгледува работата на РСЕ и Гласот на Америка. Current Time сè уште се емитува на сателитскиот систем Hotbird.

УСАГМ не даде објаснување за својата одлука.

Од Current Time, која беше означена како „непожелна организација“ од руското Министерство за правда, посочија дека публиката може да користи други дигитални средства за пристап до програмата, која продолжува да се произведува. Медиумот во моментов се фокусира на Русија, Украина, Централна Азија, Источна Европа и други региони.

Во обид да презентира независни и непристрасни вести и информации во 23 земји каде што емитува програма на 27 јазици, РСЕ допира до публика од речиси 50 милиони луѓе во држави како што се и Белорусија, Кина, Иран и Русија.

Потегот на УСАГМ да ги раскине договорите за сателитските системи доаѓа три недели по извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп со која се повика во седум агенции – вклучително и во УСАГМ, да се направи редуцирање до „максимална мерка во согласност со важечкиот закон“.

Неколку часа по потпишувањето на извршната наредба, УСАГМ објави дека го прекинува финансирањето на РСЕ од Конгресот за буџетската 2025 година, која завршува на 30 септември.

РСЕ го смета потегот за незаконски и во моментов поради ова ја тужи УСАГМ.

На 25 март, американскиот суд го одобри барањето на РСЕ за привремена забрана за задржувањето на финансиите (TRO), пресудувајќи дека со тоа што го откажала грантот за РСЕ, УСАГМ постапила „произволно и каприциозно“. Следниот ден, УСАГМ испрати допис до РСЕ наведувајќи дека ја поништува објавата за прекин на финансирањето, но дека тоа „не го нарушува овластувањето на УСАГМ да го прекине грантот“.

РСЕ, кое беше принудено од 1 април да испрати голем дел од својот персонал на принуден одмор со намалена плата, сè уште чека официјална потврда од УСАГМ дека финансирањето на грантот ќе продолжи.

Застапниците на медиумските права го нарекоа потегот на Американската агенција за глобални медиуми „безобразен“ посочувајќи дека тоа е победа за авторитарните режими ширум светот.

Комитетот за заштита на новинарите на 1 април предупреди дека ова, исто така, изложува на ризик многу новинари кои работат за радиодифузерите како што е РСЕ.

„Новинарите поврзани со УСАГМ се соочуваат со сериозни закани, затворање и прогон во нивните земји поради известување за политички чувствителни теми“, се вели во писмото, кое го потпишаа ПЕН Америка, Репортери без граници и други. Во писмото се повикува американскиот Конгрес да преземе „итна акција“ за заштита на новинарите кои работеле за јавно финансираните медиуми.

„Нивната заштита е морална обврска и витален став за слободата на печатот и демократските вредности“, напишаа тие.

УСАГМ е независна американска владина агенција која го надгледува емитувањето на вести и информации на речиси 50 јазици за приближно 361 милион луѓе секоја недела.

Вкупното буџетско барање за УСАГМ за фискалната 2025 година беше 950 милиони американски долари – за финансирање на сите операции и капитални инвестиции.

Ова ги вклучува медиумите како што се РСЕ, Гласот на Америка, Радио Слободна Азија, Кубанскиот радиодифузен сервис (Радио Марти), Радиодифузните мрежи на Блискиот Исток (MBN) и Фондот за отворена технологија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG