Достапни линкови

Скопје плаче за ослободување од „современите окупатори“


Аерозагадување во Скопје
Аерозагадување во Скопје

Од загадениот воздух до јавниот превоз и комуналната хигиена, непланската урбанизација, па се до финансиските долгови и политичките пресметки е она што граѓани и советници го посочуваат како проблеми од кои треба да се ослободи Скопје, градот кој денеска, 13 ноември, одбележува јубилејни 80 години од ослободувањето од фашистичкиот окупатор.

Ако во Втората светска војна во 1944 партизаните го ослободија Скопје, 80 години подоцна градот пак плаче за ослободување. Но, поинакво. Ослободување од загадениот воздух, нефункционалниот јавен превоз, од бетонот и неконтролираното градење, од преполните контејнери и валканите улици … На Скопје му треба „ослободување“ и од политичари.

Ова се дел од пораките кои ги испраќаат граѓани и нивните претставници во локалната власт, по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

„Загадувањето е главниот предизвик за Скопје. Ни требаат зелени површини, подобар градски превоз, а помалку автомобили. Треба повеќе мерки ама и подигање на свеста кај нас жителите. Само заеднички, без политикантство, може да го ослободиме Скопје од овој современ ’окупатор‘“, вели скопјанецот Дарко Трајковски.

„Скопје утрово четврти најзагаден град во светот, позагаден и од Мумбаи“ и „Воздухот отровен, здравјето во опасност вечерва во Скопје“ се дел од насловите на вести со кои се будеа и легнуваа скопјани изминативе денови. Тоа е случај со години наназад во периодот на грејната сезона, па загадениот воздух е најчесто прв на листата кај граѓаните и советниците кои ги прашавме „Од што треба да се ослободи Скопје денес?“.

Од сообраќајниот хаос до урбанизацијата

„Некултурата, од фрлањето ѓубре каде што ќе се стигне, паркирањето … Скопје треба да се ослободи од оние што не го сакаат“, додава скопјанката Даниела Трајковска.

Нездравата и незрела градба што се случува во моментов, пак, е проблемот што го потенцира уште еден жител на градот.

„Скопје е убиено од урбанистички аспект. Во некои блокови во центарот на градот се гради на секој слободен квадратен метар. Нема ни ’р‘ од некаква ружа на ветрови“, вели Стефан Јошев.

Ваквите проблеми ги потенцираат и дел од советниците во градското собрание. Горјан Јовановски од редовите на Зелен Хуман Град го потенцира загадувањето и лошите зелени политики.

„Скопје треба да се ослободи од загадувањето односно лошите зелени политики, од тоа што граѓани умираат поради загадениот воздух. Дали може да се ослободи, може секако, но прашањето е дали сака … Градот треба да се ослободи од неконтролираното градење, не од урбанизацијата туку од непланската урбанизација. Треба да се ослободи и од автоцентрализираност зашто Скопје плаче да биде вело град“, вели Горјан Јовановски за Радио Слободна Европа.

Ослободување од политичарите

Градоначалничката Данела Арсовска, која пред неколку дена ја заокружи третата година од нејзиниот мандат, не одговори на нашето прашање. Советникот од ГРОМ, Александар Трајановски, кого таа го постави за заменик-градоначалник, функција која и самиот посочува е само на хартија и не носи никакви привилегии ниту надлежности, вели дека на главниот град му треба ослободување од „политичките партии и нивните преписки“.

„Тоа го кочи функционирањето на градот, во пракса особено овој мандат се докажа дека поради немањето волја да се дејствува во интерес на граѓаните туку исклучиво во интерес на партиите и партиските лидери или високи партиски функционери, Градот Скопје е доведен во оваа ситуација во која се наоѓа. И не зборувам само за Градот туку и за јавните претпријатија и за институциите кои се под негова надлежност“, вели Трајановски за РСЕ.

ГРОМ на минатите локални избори настапи заедно со ВМРО-ДПМНЕ, но потоа излезе од коалицијата и во моментов Трајановски настапува независно од оваа советничка група.

Со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ изборната трка ја трчаше и градоначалничката Арсовска. Меѓутоа, патиштата им се разидоа за помалку од една година од стапувањето на функцијата со обвинувања на јавна сцена за „рачиња во медот“ и фрлање сомнежи од една кон друга страна за криминални активности.

Денес, токму Арсовска, советници од оваа партија ја посочуваат како проблем од кој треба да се „ослободи“ градот.

„Мислам дека дефинитивно Скопје треба да се ослободи од управата што го води градот и од управите во претпријатијата. И вие новинарите сте сведоци, не функционираат институциите кои се во Градот Скопје, претпријатијата не биле во полоша финансиска, но и фактичка состојба на функционирање. Тоа значи дека не успеваат да се менаџираат ниту доволно како што треба“, вели советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојковски за РСЕ.

„Грдата слика на Скопје“

ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска во изборната кампања настапија со програмата „За модерно Скопје“, за што денеска, според опозицискиот СДСМ, синоним е грдата слика на градот.

Советничката од оваа партија, Љубица Јанчева, вели дека на јубилејните 80 години од ослободувањето на Скопје може да се зборува од повеќе аспекти, почнувајќи од тоа дека денес не може да се препознае оти е празник на градот, дека тие како советници на два дена пред празникот не знаеле ниту кој ќе ја добие наградата „13 Ноември“…

„Информации кои барем за малку ќе нè ги оттргнат мислите од сивото секојдневие, од загадениот воздух кој го дишеме, од грдата слика на преполните контејнери, гужвите на автобуските постојки на ЈСП, грдата слика од се она што треба да биде синоним за Скопје како метропола, европска престолнина на културата, за модерно Скопје, како е и насловот на изборната програма на актуелната градоначалничка на Град Скопје“, вели Јанчева за РСЕ.

Јавниот превоз во Скопје - „автобуси нема, нема, па три наеднаш“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:07 0:00

За да може да се ослободи од овие проблеми на градот му требаат пари и добра финансиска кондиција која ја потенцираа и дел од соговорниците. Меѓутоа според податоците од Министерството за финансии, Град Скопје за година и пол го зголемил својот долг за најмалку три пати. Како што пишуваше РСЕ, во првото тримесечје лани градот имал неисплатени сметки во вредност од 3 милиони евра, додека во првото тримесечје годинава доспеаните неплатени обврски изнесувале 9 милиони евра. Веќе во второто тримесечје тие достигнале речиси 11 милиони евра.

Наспроти тоа, пак, Градот уверува дека има стабилен буџет, а неисплатените обврски се долгови од претходните скопски градоначалници.

„Градот е финансиски консолидиран и покрај тоа што активно доспеваат исплати на кредити кои се од минатиот мандат, извршувања од судски спорови кои се за долгувања од 2012-2020 година и останати побарувања од минати години“, велат од Град Скопје.

Градски власт по повод јубилејот од ослободувањето на Скопје за денеска подготвија свечена програма. Делегации положуваат цвеќиња на партизанските гробишта во Бутел, на гробот на генерал Михајло Апостолски и споменикот на ослободителите на Скопје што се наоѓа покрај владината зграда, а на свечена академија ќе се додели и наградата 13 Ноември.

Под мотото „Скопје се буди“, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ синоќа на одделна церемонија го одбележа Денот на ослободувањето на Скопје.

На денешен ден во 1944, 42. дивизија на НОВ на Македонија, заедно со 16. македонска бригада на Кумановската дивизија на НОВ и со помош на вооруженото население, го ослободиле Скопје и го спречиле уривањето на мостовите на реката Вардар и на хидроцентралата „Матка“.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG