Достапни линкови

Филипче за лекарката што замина на Хвар - мислам дека начинот не е добар


Министерот за здравство Венко Филипче
Министерот за здравство Венко Филипче

Македонија промовира партнерство на јавното здравство со приватното, а Хрватска на локалната самоуправа со јавното здравство. Ова мотивираше наша лекарка да замине на работа во амбуланта во Суќурај. Таа е една од многуте кои заминуваат. Министерот Филипче вели дека начинот на избор не и е добар.

Неодамнешното заминување на лекарка од Македонија на работа во гратчето Суќурај, на островот Хвар во Хрватска, за кој многу се пишуваше во медиумите овие денови, министерот за здравство Венко Филипче не го оправдува. Медиумите пишуваа дека на повикот за општ лекар кој бил отворен половина година, единствено се јавила триесет и шестгодишната лекарка од Македонија. На огласот освен плата и стан, општината понудила и годишен бонус од 6.800 евра. Дел од медиумите објавија дека таа во Македонија работела 11 месеци како доктор во село Бојане и имала плата од 330 евра. По вработувањето таа изјави дека таму и понудиле повисока плата, а и оти амбулантата е подобро опремена.

Коментирајќи го овој случај министерот вели дека мисли оти изборот не е добар.

„Мислам дека начинот не е добар, и веднаш ќе ви објаснам зошто сметам дека не е добар. Станува збор за многу мало место. Ја прочитав објавената сторија, меѓутоа станува збор за некое место кое има многу мал број на жители. Практично капацитетот на таа докторка нема да биде искористен, затоа што нема фреквенција на давање на медицинска услуга“, вели министерот Филипче.

Коментирајќи го овоj случај министерот Филипче допoлни дека во државава се разработува модел што треба да обезбеди здравствена заштита за граѓаните во руралните средини и во помалите општини преку мобилни патронажни сервиси на домашна посета. Филипче вели со мобилните сервиси смета дека најрационално ќе се искористи кадарот за да се опфатат што повеќе населени места.

„Ние во нашата земја веќе промовиравме и пилотиравме еден модел кој ќе го прошириме и во други места. Пилот проектот е во општината Кочани, а тоа се т.н мобилни сервиси. Станува збор за доктори и медицински сестри кои се тренирани да даваат медицинска услуга во смисла на пружање итна медицинска помош на самото место. Притоа ја користиме инфраструктурата на амбулантите кои веќе се празни зашто доктори и сестри одамна или си заминале во пензија или затоа што никој не е заинтересиран да работи на ова место, како што е овој пример кој го кажувате“, изјави министерот за здравство Венко Филипче кој е гостин во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Во меѓувреме во континуитет неколку години 170 здравствени работници годишно ја напуштаат земјата, а најмногу одат во Германија, покажуваат податоците.

Арбен Таравари, претходниот министер за здравство, вели дека очекувано е што лекарите продолжуваат да си заминуваат од Македонија затоа што здравството не нуди стратегија.

„Mинистерот не треба да каже жално е што си заминува, тука да каже како да ги задржи докторите тука. Трендот е катастрофален. Министерот треба да излезе со стратегија. Ние не знаеме идната година што ќе се случи или по три години. Си заминуваат доктори поради состојбите во болниците, поради плати, поради начинот на вработување, напредување, добивање специјализации, сè е политизирано“, вели Таравари.

Ресорниот министер Венко Филипе за да го спречи заминувањето вели дека презема мерки, меѓу кои, ги наведе исплатата на специјализантите, 3200 нови вработувања, зголемување на платите и на сумата на пари за дежурства и ноќен труд, како и плановите за инвестирање во новиот клинички центар и за јавно приватно партнерство во здравството. За наводите за делење на позиции според партиска припадност, тој рече дека има обиди за влијанија, но оти се труди тоа да се сведе на минимум и дополни дека на некои клиники се вработени најдобрите студенти по медицина.

Лекарите, пак, подолг период посочуваат дека си заминуваат не само поради плати. туку поради лоши услови за работење, расипани апарати, непотребни гужви, неможност за напредување и делење на позиции според партиска припадност, а не според стручност и знаење.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG