Достапни линкови

Клиничкиот центар и платите на лекарите - болка без лек


Идејно решение за новиот Клинички центар во Скопје
Идејно решение за новиот Клинички центар во Скопје

Политичарите со години ветуваат, а лекарите и пациентите не добиваат. Од бесплатно здравство, преку високи плати за лекари и сестри, до подобрени услови во болниците, се ветувањата кои со години никако да се исполнат до крај. Предизвиците за новата администрација во здравството се големи, а товарот со неисполнети ветувања е прилично тежок, велат упатените.

Изградбата на нов Клинички центар и зголемување на платите на лекарите и сестрите се основните неисполнети ветувања во здравството во изминативе две децении. Политичарите ветуваа и повеќе лекови на државен трошок, поевтино, а некои и целосно бесплатно здравствено лекување, поквалитетни услуги и реконструкции на болници, како и електронска картичка која ќе ги содржи сите потребни здравствени и осигурителни податоци на пациентот. Дел од ветувањата се стари и по десетина години, а некои и по дваесетина години.

Поранешниот претседател на лекарската комора Владимир Борозанов вели дека проблемот со Клиничкиот центар, неговата нова локација, нов објект или пак реорганизација е стар три децении. Досега ниту една политичка гарнитура не се нафатила сериозно да го реши, а причините за тоа ги гледа во недостигот на политичка волја и пари, и секогаш завршува со некаква адаптација и крпеници.

„Прво нема толку пари, второ нема храброст, тоа се и политички одлуки, на таков голем зафат политиката има доста влијание, да не кажам и пресудно, а трето се вмешуваат и суети на одделни важни луѓе и од фелата“, вели пензионираниот професор на Медицински факултет Борозанов.

Поранешниот министер за здравство Имер Османи во 2007-мата година стартуваше трансформација на Клиничкиот центар, која подоцна од фелата беше оспорувана поради недостаток на концепт и се поголемите долгови во кои влегуваа болниците. Неколку години подоцна неговиот следбеник Бујар Османи ветуваше децентрализација на болничките услуги со цел намалување на гужвите на универзитетскиот клинички центар. Но, и тоа заврши без поголем успех. Еден од неговите најголеми проекти за кои призна дека не успеа да ги спроведе е електронското здравствено осигурување. Поранешниот премиер Никола Груевски ветуваше изградба на нов Клинички центар во 2012 година, при што Груевски тогаш не ја отфрли идејата за изградба на уште еден во скопската населба Бардовци. Почетната финансиска проценка за проектот изнесуваше 50 милиони евра, колку што вкупно чинат сите споменици кои се дел од Скопје 2014. Неколку години подоцна, односно во 2014, па и во 2015 година цената за изградбата на Клиничкиот центар уште непочнат порасна на 70 милиони, а според истражувањето на дел од медиумите стигнала и до кредит од 130 милиони евра. Тогаш на министерската фотелја седеше Никола Тодоров.

Само неколку месеци пред примопредавање на власта поранешниот министер Арбен Таравари откри дека во ископаната дупка која зјае со години реално требало да се изградат интерни клиники, а не нов Клинички центар за кој веќе како држава сме се задолжиле 90 милиони евра. Но, во почетокот на мандатот и Таравари вети дека ќе го реши овој проблем со изградба на нов Клинички центар во периферија, каде што ќе има пристап, паркинг, и сите клиники да бидат сместени на едно место. Но, набрзо потоа Таравари се откажа од министерската фотелја во замена за градоначалничката позиција во родното место Гостивар.

Централен универзитетски клинички центар и е неопходен на државата, и тоа со посебни овластувања, финасирања и ингеренции, затоа што тој треба да пружи највисок квалитет на услуги на граѓаните, а од друга страна да е основно место за едукација и доедукација на нашите доктори“, вели Борозанов.

И ова прашање веќе петта година виси неодговорено, дали, каде и кога Македонија ќе добие нов Клинички центар.

„Проблемот е што како држава немаме долгорочна стратегија за средување на проблемите во здравството, нема ама баш од ниту еден аспект. Сакате од струка, од едукација, од положбата на здравствените работници, од стручен од економски и од финансиски аспект. Не сум видел долгорочна стратегија на пример да се направи мапа, колку доктори од кои специјалности се потребни, за да се преземат мерки. Оваа година на пример може да одат во пензија стотина интернисти, што значи дека конкурсите веќе требаше да бидат распишани за нови, да ги стимулирате да се пријават за да може да ги наследат во работата пред да се пензионираат старите“, објаснува Борозанов

Покачување на платите на лекарите беа и дел од причините за штрајкот во здравството во 2012 година. Тогаш Тодоров ветуваше раст на платите преку преговори во замена за мирни лекари кои нема да штрајкуваат. Пет години подоцна, ова прашање и натаму е болно и предизвикува незадоволство кај лекарите и сестрите. Новата владата во својата предизборна програма ветуваше поголеми плати уште во првите шест месеци од нивното владеење. Но, тоа не се случи. Беа ветувани плати до 100 илјади денари до крајот на мандатот, надоместоци за дежурства, но во новиот буџет се предвидени покачувања од само пет проценти. Во Буџетот за 2018–та нема место ни за повеќе од 500 специјализанти и млади лекари.

Дополнително ова ќе го оштети здравствениот систем, затоа што според одредени стататистички пртепоставки, до 2020 година над половина од специјалистите ќе заминат во пензија, а младите лекари уште сега интезивно посетуваат курсеви за странски јазици и си ги пакуваат куферите.

Неодамна премиерот Зоран Заев во Собранието, одговорајќи на пратеничко прашање, изјави дека планот за повисоки плати за лекарите им го изјалови слабата буџетска кондиција.

„Стоиме на нашите ветувања и ќе имаше пари за 15 отсто за здравствените работници во 2018 година, уште од сега да ги најавиме на истекот на 2017 година, ако не се измачивте толку душмански врз државата сиве овие години наназад, па да мораме да имаме плаќање од 60 милиони евра обврска само во здравството во сите 120 здравствени институции, изјави неодамна Заев.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG