Новото раководство на битолската Клиничка болница не е задоволно од состојбата во која ја наследи оваа здравствена установа од претходниот менаџмент. Директорот Зоран Лазаров, запрашан како ја оценува состојбата, кратко одговори нула. Тој не сакаше повеќе да коментира, велејќи дека ќе се обидат со работа да го подобрат функционирањето на установата.
„Ние на почетокот размислувавме дали да свикаме прес-конференција и да види јавноста во каква состојба е болницата. Но, одлучивме да не се жалиме, туку да почнеме од тоа што го затекнавме и со текот на времето да покажеме дека одиме кон подобро“, рече тој.
Прашање: На скала од еден до пет како би ја оцениле состојбата?
„Нула“, рече Лазаров.
Минатото раководство кое со болницата управуваше за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ја уреди фасадата на објектот. Започна со спроведување на постапката за стентирање кај срцеви болни и други значајни оперативни зафати, а беше набавена и нова опрема.
Но, нереализирано до крај останаа ветувањата за отворање на Одделение за зрачна терапија за болните од канцер кое беше најавено дека ќе почне да функционира уште во 2013 година. Во изминатите години често недостигаа и реагенси за одредени медицински испитувања, а од управата објаснуваа дека тендерите ги организира Министерството за здравство.
Пред промената на власта и СЈО влезе во болницата барајќи на увид документи за набавка на медицински апарати.
Вработените во болницата сметаат дека во идниот период неопходна е и внатрешна реконструкција на објектот.
„Најпотребна е внатрешната реконструкција на болницата која беше планирана во третата фаза од минатата Влада. Се надеваме дека и оваа Влада ќе го продолжи тој проект. Фасадата, покривот, тоа е сè обновено заедно со ПВЦ дограмата. Сега е најнеопходна реконструкцијата на подови, ѕидови и санитарни јазли“, вели Билјана Христовска, раководител на Одделението за информатика во склоп на Клиничката болница.
Во меѓувреме стигнуваат донации за Клиничката болница дури од Шведска, а тие покрај апаратура содржат и основни средства за згрижување на пациенти, како кревети, душеци, па и чаршафи зашто болницата има потреба да се поднови и во тој сегмент. Хуманитарката Марија Русенгрен, по потекло битолчанка која денес живее во Шведска, преку НВО „Од рака на рака“, во битолската Клиничка болница донираше медицинска опрема вредна 300 илјади евра.
„Апаратура, постелнина, душеци, многу помагала, електронски апарати. Донацијата е вредна 300 илјади евра. Планираме да донесеме уште една донација пред Нова година во вредност од 300 илјади евра. Нема никакви проблеми, сè што е донесено тука е со најдобар квалитет“, рече Русенгрен.