Достапни линкови

Во Битола годинава умреле четири новороденчиња


Во Битола годинава во болница умреле четири новороденчиња, но има и бебиња кои починале дома од некои компликации. Од друга страна загрижува намалениот наталитетот, се родиле 30 бебиња помалку од лани.

Годинава во битолската болница починале четири новороденчиња, дел предвреме родени, а останатите со други компликации. Ова не е вкупниот број на умрени бебиња во градот, зашто има такви кои на неколкумесечна возраст починале дома. Едно од нив кое предвреме било родено, а успеало да преживее единаесет месеци, од природна смрт почина деновиве во домот на родителите. Неодамна и Платформата за родова еднаквост објави податоци дека во Македонија смртноста на бебињата е три пати поголема од европскиот просек.

Годинава се родени 900, нешто над илјада имаме на годишно ниво. Наталитетот е намален на ниво на Македонија, па не е чудно што е така и кај нас. Секоја година опаѓа наталитетот за 50 до 100 бебиња.
Доктор Мери Џарлиева, раководител на службата за неонатологија во Битолската болница.

Доктор Мери Џарлиева, раководител на службата за неонатологија во Битолската болница, вели дека бројката на умрени новороденчиња во Битола не е голема. Како една од причините за зголемената смртност кај новороденчињата на ниво на држава ги посочува предвремените породувања, кои најчесто се спонтани.

„И поради тоа е оваа бројка на зголемена смртност од многу предвреме родените деца кои не можат да опстанат. Токму заради тоа е и поголема смртноста на новороденчињата, зашто има сè поголемо преживување, односно менаџирање на предвреме родените деца. Некои ќе преживеат, некои не“, вели Џарлиева.

Бебињата кои се раѓаат предвреме се сметаат како деца со ризик. Докторката додава дека не може да се каже до која возраст трае ризикот од смртност кај нив.

„Тоа не може да се кажи. Секое дете се раѓа со свој капацитет. Се случува две деца кои ќе се родат во 28, 29 или 30 гестациска недела, да преживее тоа што е со помала гестација, а другото не. Тоа зависи од склоп на многу околности и никој не може да го каже“, вели докторката .

Понекогаш предвреме родените бебиња тежат и по половина килограм.

„Од пред 15 години за живо новороденче се смета секое бебе кое има 22 гестациски недели и тежи 500 грама. Но, ние немаме услови да ги менаџираме тие. Не зборувам само за тука, туку за многу од нив и на трето ниво од лекување, односно на клиниките во Скопје“, додава Џарлиева.

Но, за смртноста има и други причини.

„Доаѓаат мајки кои воопшто не се подготвени за породувањето. Не соработуваат со гинеколозите при породувањето, па се појавуваат различни компликации. Дури да се роди детето недостатокот на кислород може да го оштети. Причините можат да бидат најразлични“, вели таа.

Од друга страна загрижува намалениот наталитетот, односно бројот на живородени бебиња. Во првите десет месеци годинава има за 30-тина помалку родени бебиња од лани.

„Годинава се родени 900, нешто над илјада имаме на годишно ниво. Наталитетот е намален на ниво на Македонија, па не е чудно што е така и кај нас. Секоја година опаѓа наталитетот за 50 до 100 бебиња. Ако имавме претходната година 1.100, сега ќе имаме 1.050 во просек“, додава докторката.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG