Достапни линкови

Бадијала пари и вино, бебиња пак помалку


Во 2013 година се родиле 341 дете помалку во однос на 2012 година, покажуваат најновите податоци на Заводот за статистика. И покрај сите субвенции се намалува бројот на новороденчиња.

Дури во 52 општини во земјава во минатата година се родиле помалку бебиња отколку во претходната година, покажуваат најновите податоци на Заводот за статистика. Во 2013 година се родиле 341 дете помалку во однос на 2012 година, а особено загрижувачки е фактот што намалувањето на бројот на новороденчиња сега се случува и во општините во кои наталитетот одеше по нагорна линија. Или гледано на регионално ниво, од вкупно осум региони во земјава, во шест е забележано намалување на живородените деца.
Тоа значи дека покрај сите преземени мерки, субвенции, давање помош како паричен надоместок, земјишта, помош за склучување на бракови заради зголемување на наталитетот со дарување на ракија, вино, сепак во 2013 година, за жал, овој број е малку помал.
Дончо Герасимовски, експерт за демографија.

„Тоа значи дека покрај сите преземени мерки, како подготвување на програми, на стратегии, субвенции, давање помош како паричен надоместок, земјишта, помош за склучување на бракови заради зголемување на наталитетот со дарување на ракија, вино и одредени други парични надоместоци, сепак во 2013 година, за жал, овој број е малку помал“, изјави Дончо Герасимовски, поранешен директор на Заводот за статистика.

Ваквата појава е многу сериозна и отвара опасност од појавување на празни простори, предупредува социологот Ѓорги Тоновски. Објаснувањето зошто ни се случува да имаме се помалку новороденчиња најверојатно треба да се поврза со економско-социјалните причини, вели Тоновски.
Белата чума не се однесува само на проблемот на одливот на мозоци, туку се однесува и на проблемот на изворот на наталитетот.
Ѓорги Тоновски, социолог.

„Една од основните причини е така наречената бела чума. Белата чума не се однесува само на проблемот на одливот на мозоци, туку се однесува и на проблемот на изворот на наталитетот, бидејќи има премногу млади луѓе кои се точно во таа фаза кога треба да формираат семејства, а се останати сами“, вели Тоновски.

Споредувањето на збирните податоци за бројот на родени и умрени лица покажуваат дека во однос на 2012 година, бројот на жителите во земјава лани се зголемил за само 600 граѓани. Но,порастот е само резултат на трендот што се појавил минатата година, а според кој во земјава имало значително помал број на умрени деца отколку во минатата година. Ако не се случило ваквото значително паѓање на морталитетот, тогаш практично природниот прираст ќе беше негативен.

„И во Скопскиот и во Полошкиот регион имаме речиси 50 отсто од бројот на природниот прираст во Република Македонија, инаку тој природен прираст според претходните резултати имаме зголемување на населението за 4034.“

Ако се направи анализа по општини ќе се повтори истата слика со која во повеќе од 40 општини, или скоро половина од сите постојни, се намалува бројот на населението. Во нив повеќе се умира отколку што се раѓа, а таква е состојбата источна Македонија, а гледано по региони, само во скопскиот, полошкиот и североисточниот регион се има позитивен прираст на населението.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG