Достапни линкови

Околу 300 битолчани завршиле на ортопедија поради мразот


Замрзнати улици во Битола
Замрзнати улици во Битола

Околу 300 жители на Битола изминатиот месец завршиле на ортопедија откако се лизнале на замрзнатите улиците. Градските власти велат дека улиците редовно се чистат.

Дури 300 битолчани за неполн месец завршиле на одделението за ортопедија при битолската болница, со скршеници и други повреди, во најголемиот дел предизвикани од паѓање на лизгавите улици. Ова е билансот на пациенти со ортопедски повреди после безмалку месец дена поминати со ниски температури, снег и мраз во градот под Пелистер, иако надлежните тврдат дека дека редовно ги чистат патиштата.

„Одев до продавница да купам нешто за дома, одев и се лизнав, паднав. Мислев дека е снег, но под него имало мраз. Паднав, не можев да згазнам на ногата, го скршив колкот и ме донесоа на болница.“

„Како се чистат улиците? Помина багерчето за чистење на снегот и го турна снегот пред влезот не можев да излезам од дома.“

„Иако беше најавен снегот, тој сепак ги изненади јавните претпријатија.“

„Има улици кои не се исчистени, тоа не е убаво, еве се гледа на лице место што се работи во Битола“, реагираат битолчани.

Дел од скршениците се сериозни, па од 300 пациенти, кај десет проценти биле извршени и операции. Се случувало во ден да се направат по пет оперативни зафати, вели ортопедот Благој Неделков од битолската Клиничка болница.

„Дневно имаме по 15 повредени. Од први јануари досега има околу 300 повредени. Најголемиот дел од нив ги решаваме амбулантски, најчесто исчашувања, набиеници, шинувања. Една третина од сите повредени или стотина се со скршеници. Од скршениците ги мобилизираме и ги праќаме дома, но една третина од нив или околу 30 се оперирани“, вели Неделков.

Директорот на јавното претпријатие „Нискоградба“ Кире Крстевски за битолските медиуми изјави дека улиците се чистат по приоритет. За оние кои не се предвидени во програмата, ќе се интервенира по повик.

„Снегот редовно се чисти и уште повеќе ќе го чистиме. Први се улиците од прв приоритет, тоа се главните сообраќајници и пристапите до институциите, од втор приоритет се улиците кои ги поврзуваат главните сообраќајници и пристапите до руралните средини. Од трет приоритет се оние помали улици. Би ги замолил граѓаните да направат еден увид во програмата за да знаат што ги очекува. Но, тоа не значи дека тие улици нема да бидат исчистени и дека на повик на граѓаните нема да интервенираме“, рече Крстевски.

Од „Македонија пат“, пак, велат дека и покрај тоа што машините им се стари по три децении вложуваат големи напори да ги одржуваат патиштата во Пелагонискиот регион проодни.

„Проблем ни се дефектите поради старата дотраена механизација. Секојдневно во од ги поправаме нашите камиони. Очекуваме в година да се подмладиме со механизација и кадровски. Инаку најмладото возило ни е 12 години, а другите од 25 до 30 години“, вели Веселинчо Спасевски директор на битолската подружница на „Македонија пат“.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG