Тоа што за релативно краток временски период Македонија се соочи со големи поплави, серија земјотреси, интензивни врнежи од снег и енормно ниво на аерозагадување, покажа низа системски слабости и грешки, оценува стручната јавност. Иако некои од овие појави не може да се предвидат, задача на институциите е да одговорат професионално и посветено, вели универзитетскиот професор Илија Ацески.
„Се покажа дека одредени работи кај нас не се направени според стандардите, односно не се доволно истражени. Она што е направено е во голема мера неквалитетно и несоодветно. Оние коишто владеат се правдаат дека ништо не можат против природните катастрофи, но тие всушност не знаат што е тоа одговорност и почитување на стандардите,“ вели Ацески.
Системските слабости и грешки се јавуваат кога нема елементарна контрола на моќните политички сили во земјата, вели Ацески. Според него немањето контрола им дава право на надлежните да се однесуваат како што сакаат и како што им одговара.
„Ние говориме за криза на институции, за луѓе коишто ќе се најдат во позиција да носат крупни одлуки, а за тоа не се способни, затоа што дошле на таа позиција не врз база на стручност, туку партиски, политички и преку разни канали. Една од причините зошто така се однесуваат е материјалната корист која некои од тие луѓе ја остваруваат преку позицијата на која се наоѓаат макар тоа било и краткорочно“, вели Ацевски.
Професорот Јонус Абдулау, пак, не смета дека Македонија нема доволно стручен кадар да се справи со стихијните појави, туку проблемот, според него, лежи во тоа што општеството продуцира послушни кадри.
„Тие се исклучиво послушни и затоа не доаѓа до израз нивната професионалност. Друг аспект е што одговорноста изостанува, а и исто така и етиката. Тие работата не ја извршуваат водејќи се од моралните принципи, туку така како што ќе им каже нивниот претпоставен“, вели Абдулау.
Водени од макијавелистичкиот пристап каде што целта ги оправдува средствата, таквите кадри продуцираат системски грешки и слабости, кои најмногу ги погодуваат граѓаните, вели Абдулау. Според него, корекцијата може да ја направат токму граѓаните и тоа на избори.
„Тоа секаде во светот се случува, но кај нас оди бавно. Сепак треба да знаеме дека народот можеби бавно реагира, но сепак на крајот тој го кажува последниот збор и тој треба да ги казни оние од чиешто работење не се задоволни,“ заклучува Абдулау.