Достапни линкови

Не е сè до природата, голем дел е и до човекот


Последиците од поплавите кои долго време ќе се санираат можеа да се ублажат. Поројните дождови на површина ја изнесоа долгогодишната негрижа.

Последиците од поплавите сè уште се видливи, некои семејства останаа без своите жени, деца и родители, а оние што имаа повеќе „среќа“ ги изгубија своите домови и автомобили.

По еден месец од страшното невреме можеше ли епилогот да биде поинаков? Секако дека можеа да се ублажат последиците од поплавите и тоа драстично, смета универзитетскиот професор Ивица Милевски, бидејќи количеството на врнежи од 90 до 95 милиметри во рок од четири часа е голема вредност, но во светот постојат различни решенија и што е потрагично уште во шеесетите и седумдесетите години на минатиот век во Македонија се правеле напори за спречување на такви последици. Според него, по поплава од ваков тип тешко е да се направи нешто во смисла на намалување на штетите, загрозеноста и ризиците, туку потребни се превентивни мерки за нејзино спречување.

„Превентивните мерки требало да направат да не дојде до собирање на толку голема количина на вода, односно таа да биде одведена или барем дел од неа, по наши проценки можело некаде околу 50 до 60 проценти од таа вода да била дренирана кон реката Вардар. Како што некои убаво забележаа, додека овде имаше страшна поплава, коритото на Вардар беше полупразно“, вели Милевски.

Жителите на Стајковци, кои беа едни од најпогодените, велат дека не е прв пат нивниот домови да бидат поплавени.

„Кога и да врне нас мора да не поплави. Не ни е прв пат ова, четврти или петти пат сме поплавувани, само што ова беше страшна работа. Ние сме поплавувани некаде до 80 сантиметри“.

Стајковци: Страв од секој дожд
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00

„Јас сум петти пат поплавуван, така што ми поминал секој страв. Улицата малку ни е повисока, нема водата каде да оди, немаме атмосферски одвод, проблематично е. Досега имало некогаш по 30, 50 сантиметри вода, но ова досега беше најстрашно“, велат жителите на Стајковци.

Даница Павловска, архитект-планер, вели дека се покажало оти Македонија е неподготвена да се заштити од порои. Според неа, не може да се занемари оти се работело за страшно невреме, но дека и човечкиот фактор допринел за големата штета. Во прашање се запуштени приградски канали, запуштена мрежа на атмосферската канализација и неподготвеност за заштита од порои.

„Со сета таа количина на вода којашто одеднаш како природна непогода се случи над еден сегмент од Скопје, се покажа дека неговата инфраструктурна опременост е срамно бедна и запуштена. Инфраструктурните системи во Скопје и неговото опкружување не се соодветни, не се одржуваат во последниот период онака како што би требало и за што не треба многу знаење, туку треба само издвојување на соодветни средства и реализација низ програма“, вели таа.

Таа додава дека градската инфраструктура треба да биде димензионирана и одржувана за да прими голем наплив на вода и да има заштита од порои.

„Она што е вистинска заштита во смисла да не дојде до никакви последици, а можеа да бидат ублажени, тоа е специјална заштита од порои, коишто може да се очекуваат можеби многу ретко, односно на подолги периоди, меѓутоа мора да се очекуваат, мора да преземе градот заштита од тој аспект“, вели таа.

Вода во „Скопје 2014“, ѓубре во Вардар
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:10 0:00

Милевски додава дека главната причина за поплавите е неодржувањето на каналите, како и неодговорноста на државните институции и немањето јавна свест во каналите да не се фрла смет и шут. Според него, во иднина треба да се почитуваат препораките за Македонија да може да се справи со елементарните непогоди.

„Почитување на стратешките определби околу заштита од елементарни природни непогоди пред сè, изградба и одржување на сите потребни објекти, пошумување и поставување на вегетација, не мора тоа да биде шумска вегетација, којашто ќе впие дел од атмосферските врнежи. Значи, сет на мерки и задолжителна соработка и вклучување на соодветни стручни лица, дали ќе биде тоа за свлечишта, дали ќе биде за земјотреси, дали ќе биде за поплави, во донесување на тие документи“, вели тој.

Павловска смета дека потребен е стратешки план за заштита од порои кои ќе ги изготват соодветни експерти, како и стручен тим кој ќе треба да реагира во такви критични моменти и постојано да ги ревидира плановите и програмите за соодветна заштита.

„Едно е заштита од поплави од реката Вардар, а друго е заштита од порои. Тоа е посебен сегмент во науката, а и како посебна обврска на градот“, вели таа.

Леб ќе си купиме, дајте механизација
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

Градот Скопје уште во 2008 година направил Процена на загрозеност на градот Скопје од природните непогоди и други несреќи. Во процената во делот на „Загрозеност од поплави и уривање на високи брани“ е наведено дека градот Скопје и неговата околина се изложени на постојана опасност од поплави. Според проценката, преземени се мерки за трaјна заштита, меѓутоа системот за одбрана од големи води не е целосно изграден, така што на одредени места го прават недоволно ефикасен. Во проценката се наведени и ризичните подрачја, меѓу кои е и Скопска Црна Гора каде се случи поплавата. Според претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора, Никола Велковски, за општините да работат според проценката, потребни им се средства предвидени во нивниот годишен буџет.

„Генерално, размислувањето на секој градоначалник, па и скопскиот, е многу малку пари се двојат на таков вид на студии на согледување и нешто што е во перспектива, нешто што не е видливо за граѓаните и нешто што не можат да го покажат со прст дека еве ова го изработивме. Сите тие сакаат сега и одма тоа што го инвестирале да го покажат на граѓаните и да го отворат пред јавноста. Секој сака да инвестира во неговиот мандат и тоа да биде готово за два, три месеци затоа и Скопје го има проблемот со недостаток на инфраструктурни проекти кои траат по два, три мандати или 4, 8, 10 години“, смета Велковски.

Но, сепак, како што наведува Велковски, тоа треба да биде генерална стратегија и определба на Град Скопје и на останатите општини.

„Тоа се стратешки проекти за кои мора да има средства. Дали ќе бараат дополните средства, европски средства. Тоа е проблемот на нашето невлегување во овие европски асоцијации. Да влезевме таму, вакви проекти од овој вид, екологија, природни непогоди, чиста вода, тука има многу фондови кои може да се искористат. Јас сфаќам дека има проблем со нашите буџети кои не се големи, ама има извори кои може да се искористат за вакви намени“, вели тој.

Милевски истакнува и дека по поплавите се покажало оти институциите не биле доволно координирани и не реагирале брзо.

Стајковци - живот по поплавите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:18 0:00

Но, по поплавите сите искажаа жалење за жртвите и штетите, а недостасуваше одговорност од надлежните чии функции воопшто не беа загрозени. Градскиот татко Коце Трајановски, при посетата на едно од загрозените подрачја, истакна дека чувствува жалење но не и одговорност. Професор Ферид Мухиќ истакнува дека не само што заборавиле на моралната одговорност, туку воопшто не им е важна.

„Ние веќе не се чудиме на неморалноста и неодговорноста и тоа ни се чини сосем нормално. Веќе почнува да нè чуди спротивното кога некој кои има прилика да биде корумпиран и ќе одбие да го направи тоа, а не кога некој политичар може без двоумење да го игнорира секој притисок на јавноста или совеста и кај нас мислам дека од деведесеттите години немало оставки“, вели Мухиќ.

Никако да стигне и паричната помош до сите оние кои претрпеа штети од поплавите. На дел од погодените им биле исплатени 500 евра авансна помош, а на дел не. Црвен крст соопшти и дека ќе обезбеди по 250 евра за настраданите. Во меѓувреме во Собранието во тек е и расправата за ребаланс на буџетот во кој се предвидени дополнителни 36,4 милиони евра за целосно обесштетување на поплавените. Професор Зоран Ивановски вели дека ребалансот е само алиби, оти сè уште не се знае точно колкав е износот на штетите и колку ќе бидат покриени.

„Според мене, не постојат солидни и издржани економски параметри кои би биле основа за покренување на ребаланс по таа основа. Впрочем, и предлагањето на буџетот покажува дека таму се предвидуваат и некои други ставки кои всушност се наменети за дополнителна потрошувачка од страна на буџетските корисници и кое досега не е поврзано со она што се наведува како главен мотив за ребалансот, а тоа се поплавите во скопскиот регион“, вели тој.

На Италија ѝ требаат пари за заштита од земјотреси

Како против природните катастрофи?
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:44 0:00

И Италија неодамна се соочи со елементарна непогода која однесе човечки животи. Во земјата од 1900 година досега имало 36 земјотреси со магнитуда над 5 степени. Скоро сите донесоа смрт и уништување. Последниот земјотрес со сила од 6 степени кој разурна цели градови во централниот дел на земјата повторно го отвори прашањето зошто досега владите не направиле нешто да го спречат тоа.

Гоце Атанасов

Црквата Свети Бенедикт во стариот град Норчија само се заниша, но не падна од земјотресот со сила од над 6 степени што го зафати централниот дел на Италија. Само 24 километри подалеку, во Аматриче, град во кој има сто цркви, историскиот центар беше срамнет со земја, а ниту едно свето место не остана цело. Некои велат дека тоа било поради епицентарот и специфичната конфигурација на тлото. Сепак, повеќето сметаат дека живописната Норчија била зачувана поради тоа што постојано инвестира во сеизмичка заштита на куќите, за разлика од соседното Аматриче.

Она што ги загрижува експертите е тоа што Норчија е исклучок, а не правило во Италија каде што повеќето од зградите се направени пред еден век, многу пред да бидат воведени асеизмичките стандарди. Прашањето е дали оваа многу задолжена земја има пари и волја да инвестира во заштитата од природни катастрофи.

„Италија може да очекува земјотрес со сила од над 6 степени во просек на секои 15 години. Тоа треба да биде поттик за сеизмичка заштита, односно заштита на граѓаните“, оценува Фабио Торторичи, шеф во италијанскиот Геолошки институт, додавајќи дека две третини од италијанските општини се наоѓаат во трустни подрачја.

Во Италија од 1900 година досега имало 36 земјотреси со магнитуда над 5 степени. Скоро сите донесоа смрт и уништување. Последниот земјотрес повторно го отвори прашањето зошто досега владите не направиле нешто да го спречат тоа.

Премиерот Матео Ренци, како и оние пред него, веднаш по несреќата вети заштита против земјотреси. Но, како и повеќето Италијанци, тој е и фаталистички расположен.

„Илозорно е да мислите дека можете сè да контролирате. Тешко е да се замисли дека ова несреќа ќе можеше да се спречи само со користење различна технологија на градење“, рече тој.

Но, експертите не се согласуваат со него, наведувајќи дека е можна заштита, се разбира, доколку се има доволно пари. Според некои проценки, на Италија годишно ќе и бидат неопходни по 4 милијарди евра во наредните дваесет години на програми за превенција на катастрофи. Друго е прашањето дали тие пари ќе бидат паметно потрошени или ќе завршат во бирократските ходници и во рацете на мафијата.

„Ако овие куќи беа градени или заштитени како оние во Јапонија, тие никогаш немаше да се урнат“, вели јавниот обвинител Ѓузепе Саива, кој ја води истрагата во врска со земјотресот во централна Италија.

Од друга страна, во последно време зајакна новооткриениот ентузијазам дека последните технолошки средства како дроновите и смартфоните можат да го подобрат начинот да им се помогне на луѓето во подрачјата погодени од природни непогоди. Имено, дроновите можат брзо да го истражат местото, а смартфоните преку социјалните медиуми да ја подобрат комуникацијата со евентуалните преживеани. Сепак, има и такви кои велат дека станува збор за претенциозен ентузијазам, наведувајќи дека новите технологии не можат да бидат замена за основната инфраструктура.

„Во Африка на пример нема доволно патишта и аеродроми преку кои би дошла помошта и тоа ниту еден смартфон или дрон не може да го подобри“, вели Матијас Гершаген, експерт на Обединетите нации.

Затоа, според него, е неопходна цела мрежа во која технологијата ќе биде само еден дел од напорите за давање помош. Притоа се спомнува системот за брзо предупредување што беше инсталиран во Индонезија по катастрофалното цунами во 2004 година. Системот воопшто не проработе во 2010 година кога регионот повторно беше погоден од цунами.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG