Достапни линкови

Обесштетувањето на поплавените заглавено во бирократски лавиринти


Стајковци: Страв од секој дожд
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00

Стајковци: Страв од секој дожд

Жителите на улица 21 во Стајковци велат дека само две куќи добиле авансно обесштетување од 500 евра, но останатите сè уште мака мачат со бирократските лавиринти. Се жалат дека сопственоста, наместо да ја докажуваат со имотен лист од катастар, мора на нотар да потпишуваат изјави и да чекаат дополнителни седум дена за одобрување на парите.

Навидум животот во Стајковци по само еден месец од поплавите како да се вратил во нормала, но не е така. И по еден месец од големата поплава која однесе над 20 жртви, жителите на ова село сè уште ги чистат своите домови. Мирисот на влага и кал сега е заменет со мирис на тазе малтерисани и варосани ѕидови кои поради влажното време со денови не може да се исушат. Калта во многу домови навлегла и под паркетот, па само стругањето на паркетот не завршило работа, стариот мебел е оддамна исфрлен, а подрумите испразнети и од кал, но и од се она што со години секој домаќин го чува.

Уморни домаќини не пречекаа на вратата на улица 21 во Стајковци.

„Право да ви кажам, после месец дена многу тешка и напорна работа, многу сме уморни, разочарани, имаме изгубено морал, волја, сè имаме изгубено. Знаеме дека никогаш нема да се врати како што било. Велат ќе нè обесштетат, и да не обесштетат, она што ние го имаме преживеано, не може да се надомести ни со пари, ни со ништо“, вели Марјан Ѓорѓиевски, кој додава дека сè уште не можат да живеат нормално во својот дом. Додека чекаат да се исуши новата кошулица, спијат на душек.

Неговиот сосед Владо Милошески вели дека за разлика од пред 30 дена, видливи се промените, улиците се калливи, но проодни, но искуството со поплави веќе не му дозволува да се плаши на секој нов дожд.

„Јас сум петти пат поплавуван, така што ми поминал секој страв. Улицата малку ни е повисока, нема водата каде да оди, немаме атмосферски одвод, проблематично е. Досега имало некогаш по 30, 50 сантиметри вода, но ова досега беше најстрашно“, вели Милошески.

За разлика од него, Ѓорѓиевски вели дека при секој дожд се вознемирува.

„Сега да врне во Гевгелија или во Тетово, ние ќе пазиме дома. Еве синоќа почна малку да врне и одма излегуваме надвор да дежураме. Сега сме многу исплашени, а сега и да дојде мала вода, пак ќе не поплави. Патот е направен многу малку, колку да може да поминуваме, инаку не е направено ништо“, вели тој.

Жителите на улица 21 во Стајковци велат дека само две куќи добиле авансно обесштетување од 500 евра, но останатите сè уште мака мачат со бирократските лавиринти. Се жалат дека сопственоста, наместо да ја докажуваат со имотен лист од катастар, мора на нотар да потпишуваат изјави и да чекаат дополнителни седум дена за одобрување на парите, па потоа повторно да се бараат на списоци и во месната заедница и во банките. Во меѓувреме губат надеж дека Владата целосно ќе ги обештети па пари за реновирање позајмуваат.

„Целата куќа беше реновирана пред една година и сега повторно истото, нови прозорци, нови врати, нова кошулица, покуќнина, сè. Се снаоѓаме, од пријатели, роднини, комшии, сите помагаат, се работи“, вели Јовица Стојановски.

Рокот за пријавување на штети од поплавите истекува утре.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG