Достапни линкови

Ребалансот се удави во поројните дождови


Со новиот ребаланс, кој според власта е наменет за санирање на последиците од поплавите во скопскиот регион, се предвидуваат повеќе пари за стоки и услуги. Сепак, само еден месец по веќе направениот ребаланс, сега се предвидуваат повеќе пари и за плати и надоместоци и за социјални трансфери, додека ќе има помалку пари за субвенции и за капитални расходи.

За само еден месец пратениците по втор пат го прекројуваат државниот буџет. Власта тврди дека главната причина за тоа е неколкучасовниот пороен дожд кој на почетокот на август предизвика поплави во неколку скопски села. Опозицијата, пак, се сомнева во намерите на власта, затоа што, како што велат, начинот на кој власта сака да обезбеди пари за санирање на штетите е расипнички и наместо штедење, повторно ќе се зголемува дефицитот, а ќе се трупаат и долгови.

Со ребалансот се предвидува обезбедување на дополнителни 36,4 милиони евра за целосно обесштетување на поплавените. Приходите во овој ребаланс остануваат непроменети, односно ќе изнесуваат 2 милијарди и 834 милиони евра, но ќе се зголемат расходите за 32 милиони евра, а буџетскиот дефицит ќе порасне од 3,6 на 4 проценти, што значи дека за покривање на минусот со предвидениот ребаланс сега ќе бидат потребни 376 милиони евра.

Со новиот ребаланс, кој според власта е наменет за санирање на последиците од поплавите во скопскиот регион, се предвидуваат повеќе пари за стоки и услуги. Сепак, само еден месец по веќе направениот ребаланс, сега се предвидуваат повеќе пари и за плати и надоместоци и за социјални трансфери, додека ќе има помалку пари за субвенции и за капитални расходи.

Според предложениот ребаланс, не е предвиден ниту еден дополнителен денар кој ќе легне на сметка на општините за водовод и канализација. Единствено предвидени се пари за оваа ставка за технолошките индустриски развојни зони.

Експертската јавност предупредува дека власта прави нов обид за манипулација и тоа само еден месец откако се задолжи на странскиот пазар со 450 милиони преку издавање на еврообврзница.

Претседателот на Асоцијацијата на менаџери во Македонија Зоран Витанов вели дека никој нема дилеми дека оваа влада е популистичка влада и дека популизмот расте пред избори.

„Изговорот дека поплавите се причина се смешни и сега и малите деца и врапците, да се изразам вмровски, на гранчињата, знаат дека тоа не е така. Ни требаат радикални промени, ни треба храбар човек што ќе каже дека веќе резовите ќе болат, бидејќи секој добар лек горчи. Сето останато е популизам, од популуизам не се живее, се раѓа надеж само, но надежта е добар појадок, но лоша вечера. А сега е дојдено време за вечера, стомаците ни се празни а ние не можеме да си легнеме да спиеме затоа што немаме веќе храна“, вели тој.

Тој вели дека клучната причина за ребалансот е што тонеме како бунар без дно, долговите растат, имаме и камати на камати, индустријата стагнира, бруто домашниот производ расте само на 4 компании во Македонија, но глобалното во државата ако се исклучат овие компании паѓа за 6 отсто годишно.

Економистот Висар Адеми вели дека власта е нетранспарентна кога е во прашање буџетот, а последните две одлуки за ребаланс и за трансфер на буџетски пари во висина од 5 проценти без дозвола на Собранието само покажува дека не дозволува друг да има увид во трошењето на државните ресурси.

„Можат да ги надујат тие буџети, нивниот коалиционен партнер нема апсолутна контрола врз овие финансиски извештаи и буџети и мислам дека тоа ќе го реализираат на многу фин и перфиден начин за да не само да ги пренасочат парите околу кризните места, туку и да ги финансираат и другите некапитални проекти за коишто јавноста имаше голем отпор“, вели Адеми.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG