Достапни линкови

Владата не сака парламентарна контрола на државните пари


Пред пратениците се измените во Законот за буџети, според кој, до 5 отсто од парите ќе може да се префрлаат од едно во друго министерство или институција, што годишно може да бидат до 150 милиони евра. Економистите велат дека со тоа владата си создава простор за да прави ребаланси без да ги праша пратениците за тоа.

Пратениците во Собранието по брза постапка треба да одлучат за измените на Законот за буџети по предлог на Министерството за финансии, со коишто на министерствата ќе им се овозможи во кризни состојби да можат да направат прераспределба на средства од 5 отсто во буџетот, односно ќе можат толкави средства да пренаменат во друго министерство. Ваквиот предлог на Владата го отвора прашањето дали таа си создава простор во иднина да прави ребаланси без да ги праша пратениците. Економските аналитичари освен тоа велат дека ваквите измени се противуставни.

Владата ја злоупотребува моменталната состојба на граѓаните од подрачјата коишто се зафатени од поплавите, за да спроведе мерки кои во нормални услови ќе предизвикаат поголемо внимание во јавноста, коментира аналитичарот Слободан Најдовски. Тој вели дека Собранието на Македонија, според Уставот, е во постојано заседание и во секој момент може да свика седница за да се изврши ребаланс или пренамена на средства во рамките на Буџетот.

„Според мене, ова е директно кршење на Уставот според којшто Собранието е единствено надлежно да го донесува буџетот и да врши прераспределба на финансиите во државата. Тоа е менување на политичкиот систем во Република Македонија и ние од парламентарна демократија, веќе потврдуваме дека преминуваме во тоталитарна држава на којашто на врвот на таа пирамида е претседателот на политичката партија која е на власт“, вели Најдовски.

Тој посочува дека досега Владата практикувала и без измена на законот, да врши големи прераспределби без да ги праша пратениците, односно премолчено ребалансирање на буџетите.

„Од денеска слободно може да се каже, доколку се изгласа овој закон, дека на Република Македонија не и треба Парламент“, вели Најдовски.

Економистот Висар Адеми истакнува дека Владата досега во голем број случаи ја покажала својата нетранспарентност кога станува збор за Буџетот.

„Нивната одлука да може да се пренаменат 5 проценти од годишните буџети на министерствата покажува дека таа сака да го протне ребалансот на буџетот на мала врата. Сите тие големи стратешки и некапитални инвестиции што ги планираа со Буџетот од 2016 година, а за кои имаше отпор во јавноста, сега е време со овие мерки да ги протнат овие проекти“, вели Адеми.

Експертите велат дека со ваквите потези на Власта станува уште повеќе јасно дека економската ситуација во земјата е многу полоша отколку што тоа изгледа на прв поглед.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG