По последното вреднување на рејтингот на Македонија од агенцијата Фич, извесно е дека во наредниот период уште повеќе ќе поскапи позајмувањето пари од меѓународните пазари, велат економистите и додаваат дека ова ќе има последици врз економијата и врз граѓаните.
Поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев потсетува дека поскапувањето на кредитите за Македонија започнало уште минатата година и оценува оти тоа е резултат на постојаното зголемување на јавниот долг и политичката криза. Исто така и економскиот раст во првиот дел од годинава падна за половина од проектираното, укажува Гошев и додава дека тоа е дополнителен ризик кој го проценуваат агенциите, а оти тоа значи натамошно зголемување на трошоците на Македонија за позајмување од надвор.
„И штом се поскапи кредитите, трошоците за економијата се поголеми и тие негативно ќе се одразат во сукцесивен период што ќе следи, врз економскиот раст и врз стандардот на граѓаните, сето тоа поврзано во еден комплетен економски циклус. Македонија ќе треба да плати многу повеќе за да добие исти износи на позајмени средства. Истовремено тоа е сигнал за недобри состојби и тоа ќе влијае и врз потенцијалните инвеститори“, вели тој.
Гошев посочува дека постои реална опасност во наредниот период во Македнија да има уште побавна стапка на економски раст и побавно подобрување на животниот стандард и негово стагнирање или намалување ако ваквиот тренд продолжи.
Зоран Витанов вели дека граѓаните најмногу треба да бидат загрижени од рангирањето на агенцијата Фич и оти тие ќе плаќаат поголеми камати. Според неговите зборови, со намалување на кредитниот рејтинг од ББ+ на ББ, Македонија покажала дека е неликвидна, но исто така дека не може да ги покрива трошоците.
„Владата само купува време додека е на власт, затоа што друг ќе ги плаќа тие долгови. Но, тој друг се граѓаните. Нека размислат граѓаните во чие име се задолжува владата и кој ќе ги отплаќа тие долгови и нека погледнат што случува во Грција“, вели тој.
Витанов подвлекува дека големата задолженост претставува реална закана за државата и нејзината економија. Тој вели дека не е чесно да се очекува оти државата нема да банкротира доколку владата веднаш не направи мораториум за задолжувањата. Тој додава дека треба да се скратат и непродуктивните трошења и оти државата треба да инвестира во енергетиката.
„И ако веќе правиме ребаланс, а не направиме за Чебрен и Галиште, ние сме изгубен случај, ние сме банкротирано претпријатие. Македонија има огромен енергетски потенцијал, а ништо не правиме“, вели тој.