Достапни линкови

Двоцифрен раст и без задолжување па да нè биде


„Оваа влада нема некоја јасна економска програма. Ги финансира нејзините оперативни економски работи, како плата, субвенции, пензии и слично“, анализираат економисти. Вистинскиот животниот стандард, според нив, може да се подобри само со двоцифрен економскиот раст во следиве 10 години и без континуирано задолжување.

И покрај тоа што оценките на надлежните за растот на домашната економија упатуваат на солидни остарувања и очекувања за иднината, дел од домашната бизнис заедница смета дека животниот стандард на граѓаните може да се подобри само со двоцифрен процент на Брутодомашниот производ. Поранешниот претседател на Сојузот на стопански комори, стопанственикот Венко Глигоров вели дека за мали економиии како македонската, која има низок Брутодомашниот производ, многу е важна и структурата на растот.

„Ако структурата е само во индустриските зони со извоз тогаш бенефит гледаат пет или 10 илјади вработени и нивните семејства. Но, ако структурата на БДП е илјадници фирми да работат профитабилно и да вработуваат, тогаш тоа можат да го осетат многу поголем број на луѓе“, вели стопанственикот Венко Глигоров.

Токму затоа Глигоров сугерира два модели кои се применливи за успешен раст на економијата. Или се прави двоцифрен раст во одредени мали индустриски сегменти или се оди со проекции од седум до осум проценти, но тоа да се рашири низ различни индустриски гранки па дури и територии. Од овие два модела кај нас ги има индустриските зони, но тие не вработуваат многу луѓе, посочува Глигоров.

Eкономскиот аналитичар Висар Адеми вели дека дури и под претпоставка економскиот раст да достигне пет проценти следните десет години, тој нема да се почувствува се додека земјата континуирано се задолжува и го зголемува јавниот долг.

„Тоа значи дека во овие десет години ние не би требало да се задолжиме со нови и други пари, што мислам дека е невозможно. Оваа влада нема некоја јасна економска програма. Ги финансира нејзините оперативни економски работи, како плата, субвенции, пензии и сл. Со задолжувањата ги покрива буџетските дупки и ги поткупува овие групи на интерес коишто се многу влијателни кога доаѓаат избори“, вели Адеми.

Адеми посочува неколку мерки кои државата треба да ги преземе за да го зголеми растот. Во фокусот, вели треба да се иновациите во информациската технологија и субвенции за младите и креативни луѓе. Од друга страна финансиите во извозно ориентираните гранки се секогаш добра основа за раст, смета Адеми.

„Третата работа е да се поттикнат странските компании да ги интегрираат нивните капацитети со локалните снабдувачи и продавачи во Македонија. Но не преку креирање на слободни економски зони кои воопшто функционираат како изолирани острови и воопшто не се интегрирани со локалната економија“, изјави Адеми.

Во меѓувреме, од Народната банка информираат дека показателите за првиот квартал од годинава во комбинација со надворешните и домашни фактори упатуваат на економски раст од 3,5 проценти во 2016 година и забрзување на растот и негово искачување до околу четири проценти што е во согласност со октомвриската проекција.

„Во вакви услови и при претпоставки за подобрување на глобалниот амбиент, во следните две години се очекува дека извозот и инвестициите ќе бидат носечки фактори на растот. Овие движења соодветно ќе се одразат и врз растот на личната потрошувачка преку натамошно зголемување на платите и вработеноста. При вакви претпоставки за релативно солиден раст на сите компоненти на домашната побарувачка, се очекува и забрзан раст на увозот“, стои во извештајот на НБРМ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG