Новото задолжување на Владата преку еврообврзница до 650 милиони евра може да се спречи единствено доколку Владата се предомисли и со нова одлука ја спречи оваа постапка, велат дел од економските експерти. Затоа сметаат дека домашниот притисок, петициите на граѓаните и протестите на активистите против новото задолжување треба да продолжат со поголем интензитет.
Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека на веќе отпочната постапка тешко може да се очекува враќање назад и дека Министерството за финансии не ги почитува измените на законот за Влада според кои за задолжувањата треба да има согласност од дополнителниот заменик министер за финансии.
„Во овој момент кај нас е толку измешано и сметам дека Министерството за финансии го користи овој вакуум за енормно задолжување на државата. И кога би имало законско решение, кај нас институциите функционираат диригирани од партијата на власт, така што мислам дека во овој момент нема правно да се стопира емитувањето на новата обврзница“, вели Најдовски.
Но, според Најдовски, добро е што граѓаните се освестени и почнуваат преку разни облици на револт и протести да го креваат својот глас против економските политики на Владата. Најбезболно решение сега би било Владата да се повлече, вели Најдовски, иако тоа би чинело, затоа што банките кои во овој момент работат на обезбедување на инвеститори ќе си ги наплатат своите услуги и трошоци за досегашната работа.
„Но, најдобриот начин е промена на оваа власт. Тогаш ќе се промени пристапот на трошење на државните пари, пристапот на изработување на буџетот, но тоа е веќе политичка тема“, изјави Најдовски.
И според економскиот аналитичар Фатмир Битичи, не постои правен начин да се прекине емитувањето на еврообврзницата, но со добра политичка волја од страна на Владата, работите може да се сменат.
„Значи, овде останува добрата волја и волјата на мнозинството, а тоа е дека не сакаме такво големо задолжување без да знаеш колкава е сумата и за што ќе се искористат тие средства. Значи сметам дека сега најважна е политичката волја на партиите во Владата за да можат да ја одложат оваа одлука, отколку на што било друго“, изјави Битичи.
И за него се нормални и добредојдени реакциите на јавноста околу новото задолжување за кое не постои широка согласност. Не е спорно дека оваа одлука е правно поткрепена, вели Битичи, но вели дека вакво големо задолжување во период на функционирање на техничка влада која треба да има широко разбирање за проблемите, без никаква дискусија со бизнис заедницата и пошироко е неприфатливо.
Одлуката да се задолжува преку еврообврзница владата веќе ја објави во Службен весник, а денеска веќе се очекува да пристигнат и првите инвеститори. Претставници на Министерството за финансии заминуваа на роуд-шоуа во Европа и во Америка, каде ќе се сретнат со потенцијалните инвеститори на коишто им ги изнесуваат своите аргументи за да ја купат еврообврзницата.