Владата издава нова еврообврзница тешка до 650 милиони евра, а одлуката за новото задолжување е објавена во Службен весник. Владата задолжувањето ќе го реализира годинава, а парите земјата ќе ги враќа 10 години. Обврзницата ќе биде издадена преку Дојче банк.
Од Министерството за финансии потврдија дека по одлука на Владата во Службен весник е издаден проспект за издавање на еврообрврзница до 650 милиони евра и во зависност од понудата и побарувачката ќе се знае крајниот износ на новото задолжување.
Освен тоа, согласно побарувачката ќе се утврди и висината на каматата за задолжувањето, велат од Министерството за финансии.
Владата во 2009 година издаде еврообврзница од 175 милиони евра, а потоа во 2014 година од 500 милиони евра. Минатата година Владата сакаше да издаде нова еврообврзница од 500 милиони евра, но по инсистирањето на тогашниот заменик министер за финансии од СДСМ, Кире Наумов, задолжувањето беше 270 милиони евра.
Доколку ова задолжување биде во висина од максималните 650 милиони евра, тоа значи дека за седум години Владата ќе направи долг од една милијарда и 600 милиони евра.
НСДП излезе со реакција посочувајќи дека со издавањето на новата еврообврзница и задолжувањето на граѓаните на Република Македонија со нови 650 милиони евра, Никола Груевски порачува дека по неговото заминување од политичката сцена ќе следи потоп.
„Во последните мигови од својот политички живот на идните генерации им скрои „грчко сценарио“, со единствена цел да го финансира клиентилизмот и да троши пари на забегани проекти од типот на Скопје 2014“, се вели во соопштението.
СДСМ, пак, оценува дека со издавањето на еврообврзницата од 650 милиони евра, власта намерно бега од ИПА фондовите и достапните европски пари за да може парите да ги троши без контрола.
Во соопштение СДСМ наведува дека доколку биде издадена еврообврзницата јавниот долг ќе достигне 54 проценти од БДП и оти одлуката за еврообврзница е криминална во моментот на изгласување, бидејќи ребалансот со кој се планира зголемување на сумата на странски задолжувања не бил предложен до Собранието.
„Одлуката ќе биде незаконска и по изгласувањето на ребалансот на буџетот бидејќи сумата од 650 милиони евра ја надминува ставката за странски задолжувања и со предлогот на ребалансот, стои во соопштението.
Од Летниот камп на СДММ во Охрид се огласи и претседателот на СДСМ Зоран Заев: „Апелирам и замолувам и до „Сити Банк“, и до „Дојче банка“ и до сите потенцијални купувачи на обврзницата, во името на децата на граѓаните на Македонија да не ја купуваат евро-обврзницата од 650 милиони евра, ако сакаат да имаат разбирање за сите идни генерации во Република Македонија“, рече Заев.
На соопштението на СДСМ реагираше ВМРО – ДПМНЕ истакнувајќи дека еврообврзницата се издава како реакција на политичката криза која СДСМ во етапи ја прави за да се спаси од политички пораз на избори.
Според владејачката партија издавањето на еврообврзницата од 650 милиони евра е внесување свеж капитал во земјата, кој ќе го гарантира нормалниот тек на економијата во услови на криза која СДСМ сака да ја продлабочи.
Во реакцијата исто така се вели дека еврообврзнцата е финансиски механизам кој се применувал и ќе се применува во Македонија, како и во сите европски земји, а првпат е издадена од СДСМ во 2005 година.
„Министерството за финансии со ребалансот на буџетот објави дека ќе го намали домашното задолжување, односно двојно помалку ќе ги користи домашните извори за финансирање што ќе остави повеќе средства за кредитирање на домашниот бизнис сектор, истакнува ВМРО-ДПМНЕ.