Достапни линкови

Нова еврообврзница за купување гласачи?


Власта молчи колку пари планира да позајми на странските пазари. Економистите велат дека задолжувањата служат за предизборна корупција. Не е потребна економска, туку психолошка анализа, вели економистот Зоран Витанов.

Ново задолжување со еврообврзница не ѝ е потребно на Македонија, но ѝ е потребно на владата за да може да се одржи на власт, велат критички настроените економисти со кои разговаравме.

Ваквите прашања веќе ниеден економист не е компетентен да ги одговара, ова се веќе прашања за психолози, не би сакал да кажам и за психијатри. Овде се работи за психичка, а не за економска состојба.
Зоран Витанов, поранешен заменик министер за економија

Новинската агенција Ројтерс пред три дена објави дека Македонија планира да издаде нова еврообврзница и оти веќе побарала понуди од банките. Министерството за финансии сè уште молчи колкаво задолжување планира.

Владата, според буџетот, годинава планира да позајми 371 милиони евра од странство, но во првите четири месеци од годинава на странските пазари се задолжила само за 36 милиони евра. Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, вели дека владата веројатно ќе побара над 300 милиони евра на странските пазари. Со оглед на тоа што растот на економијата ќе биде помал од планираното, а владата не сака да ги скрати непродуктивните трошоци, Гошев се сомнева дека задолжувањата ќе бидат поголеми или ќе се крати на капиталните инвестиции.

„Поранешниот премиер оди од село во село, од град во град и постојано на лице место произведува нови расходи. Од пропагандистички и популистички цели и за политичка корупција на гласачкото тело, тој секојдневно произведува нови и нови расходи. Бидејќи постојано се борат за избори и за купување на гласови, тие тешко дека ќе скратат од оние расходи коишто се континуирано наменети за политичка корупција, за пропаганда и демагогија“, вели Гошев.

Дел од медиумите претходно објавија дека странските банки не ѝ даваат веќе кредити на Македонија, но вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за ТВ Нова пред месец и половина вели дека вратите на меѓународните финансиски институции не се затворени за Македонија, туку дека владата не смее да се задолжува два месеци пред избори, а изборите се одложија па тоа се одолговлекува.

Поранешниот заменик министер за економија Зоран Витанов вели дека новите задолжувања ѝ требаат да на владата за да продолжи да купува гласови. Тука не помагаат економски анализи, вели тој.

„Ваквите прашања веќе ниеден економист не е компетентен да ги одговара, ова се веќе прашања за психолози, не би сакал да кажам и за психијатри. Овде се работи за психичка, а не за економска состојба“, вели тој.

Витанов посочува дека опозицијата мора на наједноставен начин да му објасни на народот што се случува во економијата.

Според податоците на Министерството за финансии, јавниот долг на Македонија на крајот на март годинава бил 4,332 милиони евра или 45 отсто од БДП-то. Буџетскиот дефицит во првите четири месеци од годинава бил скоро 100 милиони евра. За целата година, владата планира да потроши 308 милиони евра повеќе отколку што ќе прибере од даноци и други давачки. Овие пари треба да се обезбедат од задолжување.

Првата еврообврзница Македонија ја издаде во 2005 година, кога се задолжи за 150 милиони евра. Во 2009 година беше издадена еврообврзница од 175 милиони евра, а во 2014 година од 500 милиони евра. Владата минатата година сакаше да издаде нова еврообврзница од 500 милиони евра, но по инсистирањето на тогашниот заменик министер за финансии од СДСМ, Кире Наумов, задолжувањето беше 270 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG