Со најновите задолжувања од десет милиони евра на вчерашната аукција на државни хартии од вредност, Владата го продолжи трендот на нови задолжувања. Она што е симптоматично е тоа што во последните неколку наврати таквите заеми се нетранспарентни, односно нема никакви објаснувања за која намена ќе се користат средствата од новите задолжувања. Политичкиот аналитичар Висар Адеми вели дека буџетската нетранспарентност е заштитен знак за актуелната Влада.
Се задолжуваат затоа што сакаат да ги поткупат сите групи на интерес, затоа што сакаат да ја спасат сопствената кожа. Второ, економијата не произведува. Немаме функционална држава и економија и само со овие задолжувања може да се поткупат овие групи на интерес. Мислам дека задолжувањата се во служба на купување време.Висар Адеми, економски аналитичар
„Се задолжуваат затоа што сакаат да ги поткупат сите групи на интерес, затоа што сакаат да ја спасат сопствената кожа. Второ, економијата не произведува. Немаме функционална држава и економија и само со овие задолжувања може да се поткупат овие групи на интерес. Мислам дека задолжувањата се во служба на купување време“, вели Адеми.
Економските експерти предупредуваат дека во недостиг на буџетска транспарентност, задолжувањата се прават за да се создаде одредена финансиска резерва, за моментот кога ќе дојде решението дека не смее да се задолжува повеќе. Тие уверуваат дека задолжувањата се само доказ дека буџетот е во лоша финансиска состојба односно дека државата ги проектира трошоците на повисоко ниво отколку што може да оствари приходи.
„Македонија стрмоглаво се задолжува и мора системски да се бараат решенија. Мора да се бара НЗС и црвена линија на сите. Мора да најдеме економски консензус. Без него и нашите внуци ќе бидат задолжени“, вели поранешниот заменик министер за економија Зоран Витанов.
Дека последиците ќе бидат алармантни, доколку овој тренд на задолжувања продолжи, се согласува поголемиот дел од економските аналитичари. Тие предупредуваат дека сето ова води кон една динамика на задолжување повеќе од фискалната продуктивност на државата. Нашите соговорници велат дека доминира непродуктивната потрошувачка, а веќе неколку години наназад во секој предизборен циклус е забележано огромно зголемување на буџетскиот дефицит, на зголемено трошење за некапитални проекти, а сето тоа за дневно политички потреби.
„Нашите компании зависат многу од тие пари на државата. И кога тие пари ќе секнат, кога ќе има промена на политиките на некоја нова Влада, тие компании ќе ја загубат конкретната позиција. Второ, макроекономските индикатори ќе бидат многу лоши зашто ние сега ги поткупуваме странските инвеститори преку давање субвенции. А тие ги даваме преку задолжувањата кои се домино ефект за самата економија“, вели Адеми.
Преку соопштение до јавноста, дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов вчера потсети дека нетранспарентноста на буџетските трошења и темпото на зголемување на јавниот долг се двете најизразени забелешки во сите извештаи изготвени од страна на меѓународните финансиски институции и Европската комисија за економската состојба во земјава.