Достапни линкови

Парите на граѓаните во банките се сигурни


Нема опасност од девалвација на денарот, граѓаните да си ги вратат заштедите во банка, апелира гувернерот Димитар Богов.

Со апел граѓаните да си ги вратат заштедите во банките и да не веруваат на шпекулациите дека има опасност од девалвација на денарот, гувернерот на Народната банка, Димитар Богов и првиот човек на Банкарското здружение Коста Митровски уверуваат дека состојбите во банкарскиот сектор се стабилизирани.

Во текот на април беа повлечени 1,6 проценти од депозитите на населението или 3,6 милијарди денари, а Народната банка интервенираше со 77 милиони евра на девизниот пазар. Но, поради високата ликвидност, добрата капитализираност и високото ниво на девизните резерви, банките релативно добро се справија со овој предизвик.
Димитар Богов, гувернер на Народна банка на Македонија

„Во текот на април беа повлечени 1,6 проценти од депозитите на населението или 3,6 милијарди денари, а Народната банка интервенираше со 77 милиони евра на девизниот пазар. Но, поради високата ликвидност, добрата капитализираност и високото ниво на девизните резерви, банките релативно добро се справија со овој предизвик“, рече Богов.

Тој не негира дека има повлекувања и кај фирмите, но, според него, тоа не може да се поврза со конкретната ситуација, бидејќи кај фирмите движењата се нестабилни од месец во месец. Интервенцијата на Народна Банка не се смета за штета во однос на девизните резерви, вели гувернерот бидејќи девизите не се изнесени надвор од земјата како што беше случај со поранешни кризи во земјава.

Богов повтори дека опасност од девалвација на денарот немало во ниту еден момент. Со мерките кои неодамна ги презеде Народната банка само се намали недовербата кај оние кои, како што рече гувернерот, биле заведени од таквите шпекулации.

„Ситуацијата се нормализира. Сè уште побарувачката на менувачкиот пазар не е на оние нормални големини, но е многу блиску до нив“, вели Богов.

Во однос на опасноста од зголемување на каматните стапки на потрошувачките и станбените кредити, гувернерот вели дека тоа ќе зависи од деловната политика на банките, но истовремено не ја исклучи таквата можност.

„Секако дека референтната каматна стапка на НБРМ влијае на сите каматни стапки понатаму. Кога Народната банка ги зголемува каматите, тоа може да се трансферира и кај каматните стапки кај кредитите, но и на депозитите, што би значело и поттикнување на штедењето“, изјави Богов.

Првиот човек на Банкарското здружение, Коста Митровски вели дека се размислува за воведување на денарски депозит со поатрактивна каматна стапка и дека сè уште се прават анализи кои ќе покажат дали банките ќе ги зголемат каматните стапки.

„Во овој момент не мислиме дека ќе ги зголемиме каматните стапки на кредитите. Сепак, велам дека во наредниот период од анализите ќе произнесат и нашите одлуки“, изјави Митровски.

Богов минатата недела предупреди дека продолжувањето на политичката криза може да има влијание на економијата, поради што Народната банка изготви и алтернативно сценарио за економските движења. Проценките се дека економскиот раст ќе се намали од 3,5 на 1,6 проценти. Ќе се намали и потрошувачката, како и инвестициите, ќе дојде до забавена кредитна активност, помал извоз и намалување на девизните резерви. Како одговор на влошените очекувања поради политичката состојба, НБРМ изврши и зголемување на основната каматна стапка од 3,25 на 4 проценти.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG