Достапни линкови

Зошто капиталот бега од Македонија?


Македонските компании инвестираат во земјите од регионот, па помалку чудно е што во исто време швајцарски фонд за само 1,2 милиони евра купува банка во земјава.

Неколку македонски компании својот капитал го инвестирале во регионот. Тоа што на мала врата неодамна ни се прелеа капитал од Македонија во странство е сериозен показател за нестабилен пазар и дека бизнисмените развојот на својот бизнис го бараат во странство, вели поранешниот министер за финансии и универзитетски професор Никола Поповски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе биде објавено в недела.

Ние веќе имаме одлив, во здравството имаме одлив од 100 до 150 милиони долари во Бугарија, тоа знак дека некој својот бизнис го гледа во странство, тоа е голем одлив на девизи од Македонија, уште неколку ќе слушнете во медиумите дека некој сака да отвори фабрика во Бугаррија, Србија, во Косово.
Никола Поповски, поранешен министер за финансии

„Ние веќе имаме одлив, во здравството имаме одлив од 100 до 150 милиони долари во Бугарија, тоа знак дека некој својот бизнис го гледа во странство, тоа е голем одлив на девизи од Македонија, уште неколку ќе слушнете во медиумите дека некој сака да отвори фабрика во Бугарија, Србија, во Косово, што е тоа? Тоа е еден од сериозните знаци, ако домашниот пазар не ви е добар, бегате со капиталот во странство. Е сега замислете странци со свој капитал во Македонија“, вели тој.

Поранешниот пратеник Слободан Најдовски смета дека ваквиот одлив е само потрага по подобар начин на оплодувањето на капиталот и дека е добро да инвестираат во странство и додава дека не мора да значи дека причина за тоа е политичката криза.

„Можеби кај одредени фирми изнесување на дел од капиталот што го заработиле во Македонија надвор со цел да доколку биле поврзани непосредно со власта и нивното работење го засновале на блискоста со партиите кои што се на власт, во тој случај доколку почувствуваат загрозеност со промена на власта, тие може да направат одредено селење на капиталот“, вели тој.

Едни бегаат, други купуваат банки за „багатела“

Истовремено во изминатиов период беше актуелна и инвестицијата во македонскиот банкарски сектор која се случи зад затворени врати. Станува збор за контроверзен купувач на Алфа банка. Поповски смета дека продажбата на банка за вредност од 1,2 милиони евра, односно колку што чинат 16 станови во Скопје, влева сомнеж за тоа како е изведена трансакцијата и што се случува со банкарскиот сектор.

„Една мала четирикатна зграда во Скопје вреди 1,2 милиони евра. Толку се продаде една од помалите банки во Македонија, само да потсетиме, основачки капитал по законот за банки е 9 милиони, да потсетиме дека според тоа што е објавено за таа банка на берзата е дека позитивата на банката е 90 милиони евра. Дали имаме и во други банки вакви проблеми? Зошто оваа банка се продаде на човек кој што минатиот гувернер два три пати го одби да купи банка во Македонија?“, прашува тој.

Според истражувачката сторија на БИРН, Алфа банка е купена од Швајцарскиот фонд Silk Road Capital AG, кој е основан со акции на доносител во вредност од 100 илјади швајцарски франци, односно 90 илјади евра, на анонимни сопственици. Во нивната сторија е наведено дека претседател на Управниот одбор на Silk Road Capital AG, којшто е основан само пред седум месеци е Анисур Реман Кан. Тој на вчерашната прес-конференција за ребрендирањето на банката изјави дека тој е единствениот сопственик на 100 отсто од капиталот во Алфа банка. Обвинувањата дека постапката била нетранспарентна ги нарече гласини. Тој не сакаше да зборува за цената по која се купени акциите, но посочи дека Алфа банка во Бугарија била купена за едно евро и дека е постигната пазарна цена.

Богов на таа прес-конференција изјави дека Народната банка ја поседува комплетната документација за сопственикот на акциите и посочи дека се работи за фонд кој работи и на регионалните и на европските финансиски пазари.

„Ние имаме документ во којшто се легитимира сопственикот на тие акции. А, да ве потсетам дека во Македонија веќе повеќе од десетина години имаме ист таков случај кога 2 фонда од Швајцарија со акции на доносители се сопственици во една македонска банка. И во тој случај НБРМ постапила на истиот начин. И го идентификувала крајниот сопственик, така што имаме добра соработка и со тој сопственик и со новиот инвеститор. Тука не очекувам никакви проблеми, оваа трансакција го намалува системскиот ризик во банкарскиот сектор и ќе биде успешна приказна“, објасни Богов.

Поповски смета дека во овој момент Народната банка не требала да ја дозволи продажбата, односно да ја одложи продажбата затоа што гувернерот имал законско овластување да го одбие инвеститорот за да го стабилизира пазарот за да не мислиме дека банката вреди 1 милион евра, иако работела со загуби во последните неколку години.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG