Достапни линкови

Задолжување: Нов министер, иста шема


Банките ѝ позајмија на владата 5 милиони евра помалку од што бараше. Економистите велат дека е прерано да се извлекуваат заклучоци дека ѝ го вртат грбот на власта.

Владата остана покуса за 5 милиони евра на вчерашното задолжување. Министерството за финансии се пофали дека го намалува долгот, СДСМ реагира дека „банките почнаа да ги препознаваат матните политики“ на власта, но економистите велат дека не може да се извлече заклучок дека ѝ го вртат грбот на владата.

Министерството за финансии вчера сакаше да се задолжи за 14,6 милиони евра, но банките му дадоа само 9,3 милиони евра. Од почетокот на годината, на речиси секоја аукција на државни записи владата се задолжуваше, понекогаш и неколкукратно повеќе од најавеното.

Власта планира да издаде и нова еврообврзница, но сè уште не соопштила колку пари планираат да се задолжи на странските пазари.

Ова не е прв пат годинава, домашните банки да ѝ позајмат на владата помалку пари од што бараше. На 1 март, владата позајми 2,5 милиони евра помалку од најавеното, но веднаш, наредната недела, позајми 5 милиони евра повеќе од што бараше.

Професор Мирољуб Шукаров вели дека е премногу рано да се извлекуваат заклучоци дека банките се воздржани. Тие на владата и онака ѝ ги позајмуваат само оние пари кои не можат да ги пласираат на друго место, каде што каматите се повисоки, вели тој и додава дека во прашање е флуктуација којашто е нормална секаде во светот, па и кај нас.

„Сè уште е рано да се говори за какво било воздржување. Таков коментар би можеле да дадеме доколку ваква појава се појавува сукцесивно во подолг временски период. Еднаш ништо не значи“, вели Шукаров.

Тој посочува дека на банкарите им флуктуираат слободните средства коишто тие не ги планираат исклучиво за купување државни записи, туку купуваат само доколку имаат голем вишок на ликвидност.

Со речиси идентичен став е и поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Тој вели дека е прерано да се извлекуваат големи заклучоци кога се работи за релативно мали суми.

„Банките се водат од нивниот интерес. Може да е сигнал, но ќе видиме понатаму како ќе се развиваат работите. Сигурно дека банките ја следат и ситуацијата и политиката, но тоа што го должи буџетот всушност го должат граѓаните на Македонија, а не владата и тие пари мора да се вратат, кога-тогаш“, вели Хајредини.

Министерството за финансии вчера соопшти дека само оваа недела го намалува долгот за 24,5 милиони евра, односно дека позајмиле 9,3 милиони евра, а враќаат 33,7 милиони евра. Според податоците на Министерството за финансии, јавниот долг на крајот на март годинава бил 4,332 милијарди евра, односно околу 45 отсто од БДП-то.

Опозицискиот СДСМ, пак, реагира дека власта крие со чиј потпис е нарачано новото задолжување, со оглед дека проспектите за аукцијата беа објавени кога поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески веќе имаше депонирано оставка, а неговиот наследник Кирил Миновски сè уште не беше избран од Собранието. СДСМ смета дека „малиот одѕив“ на банките се должи токму на тоа и оти „банките почнаа да ги препознаваат матните политики на власта на Груевски и соработниците“. Најголемата опозициска партија предупредува дека „незаконските задолжувања не смеат да бидат признаени како законски јавен долг на товар на граѓаните“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG