Процените од природни непогоди остануваат само на хартија, бидејќи елиминирањето на пронајдените ризици чини многу пари, трае со години и не е видливо за да можат локалните власти да се пофалат за сработеното, велат упатените. Уште во 2008 година била направена Процена на загрозеност на градот Скопје од природните непогоди и други несреќи. Во процената во делот на „Загрозеност од поплави и уривање на високи брани“ е наведено дека градот Скопје и неговата околина се изложени на постојана опасност од поплави. Според проценката, преземени се мерки за трaјна заштита, меѓутоа системот за одбрана од големи води не е целосно изграден, така што на одредени места го прават недоволно ефикасен.
Како ризично подрачје е наведена и Скопска Црна Гора каде викендов поради поројниот дожд животот го загубија 22 лица и е причинета голема материјална штета. Според претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора, Никола Велковски, за општините да работат според проценката, потребни им се средства предвидени во нивниот годишен буџет.
„Генерално размислувањето на секој градоначалник, па и скопскиот, е многу малку пари се двојат на таков вид на студии на согледување и нешто што е во перспектива, нешто што не е видливо за граѓаните и нешто што не можат да го покажат со прст дека еве ова го изработивме. Сите тие сакаат сега и одма тоа што го инвестирале да го покажат на граѓаните и да го отворат пред јавноста. Секој сака да инвестира во неговиот мандат и тоа да биде готово за два, три месеци затоа и Скопје го има проблемот со недостаток на инфраструктурни проекти кои траат по два, три мандати или 4,8, 10 години“, смета Велковски.
Но, сепак, како што наведува Велковски, тоа треба да биде генерална стратегија и определба на Град Скопје и на останатите општини.
„Тоа се стратешки проекти за кои мора да има средства. Дали ќе бараат дополните средства, европски средства. Тоа е проблемот на нашето невлегување во овие европски асоцијации. Да влезевме таму, вакви проекти од овој вид, екологија, природни непогоди, чиста вода, тука има многу фондови кои може да се искористат. Јас сфаќам дека има проблем со нашите буџети кои не се големи, ама има извори кои може да се искористат за вакви намени“, вели тој.
Во процената на Град Скопје е посочено и дека е потребна изработка на однапред подготвен план за интервенција при појава на големи води, со цел да се спречат или ублажат штетите предизвикани од поплави.