Достапни линкови

Кога е загадено седи дома, кога е студено пак седи дома


Снегот донесе почист воздух во Тетово, но сепак тетовци не излегуваат надвор, оти улиците се тешко проодни. Надлежните велат дека со полн капацитет работат на расчистување. Студот ги испразни и градинките.

Студот и снегот овозможија воздухот во Тетово да биде почист, но од друга страна жителите деновиве претежно остануваат дома поради екстремно ниските температури, а воедно и поради неисчистен снег по улиците и тротоарите. За да се заштитат од студот и други несакани последици излегуваат само по најитните потреби. Сметаат и дека не е доволно проодно поради снежната покривка за да се движат низ Тетово.

„Главните улици се чисти, тротоарите треба повеќе да се чистат.“

„Како чистат, видите сами.“

„Не, какви чистени улици“, велат анкетираните граѓани.

Ука Алити, командант на тетовската пожарна служба, која е дел од Кризниот штаб активиран за справување со снегот, тврди дека сите мерки се преземени со цел да се овозможи на граѓаните слободно да се движат и покрај зимските услови.

„Сите патишта во градот, мислам на Општина Тетово, се проодни, тука земајќи ги во предвид и патиштата кон шарпланинските села. Ние продолжуваме оваа состојба да ја следиме од страна на Кризен штаб 24 часа и да работиме. Нормално, мобилизирани сме целосно и со механизација и со луѓе. Приоритет сега моментално им даваме на тротоарите во Тетово. Не сакаме ни еден наш граѓанин да има несакани последици“, вели Алити.

Само 100 од 800 деца редовно одат во градинките во Тетово. Од раководството се свесни дека студот е најверојатната причина родителите што не ги носат децата во градинките, за кои велат дека работат со целосен капацитет и се подготвени за детското згрижување и во овие прилики.

„Родителите сметаат дека е многу ладно и не ги носат децата во градинка. Мал е бројот на деца кои се во градинка. Имаме објекти каде се грее, се подготвува храна и тоа само за седум деца. Може родителите размислуваат на тоа дека е ладно и во градинките. Би им препорачала ако имаат потреба да ги носат слободно децата, бидејќи градинките согласно Законот за детска заштита, имаат обврска да им обезбедат греење, исхрана и згрижување на деца кои посетуваат градинка“, вели Рамие Даути, директорка на градинките Младост во Тетово.

Деновиве најниска измерена температура во Тетово беше минус 22 степени.

XS
SM
MD
LG