Достапни линкови

Цела 2016 Тетово со загаден воздух


Загаден воздух во Тетово.
Загаден воздух во Тетово.

Во 2016 во 298 денови загадувањето било над дозволените 50 микрограми пи-ем 10 честички на кубен метар. Чист воздух имало само во 67 денови. Според здравствените стандарди во текот на една година не треба да има повеќе од 35 дена кога загадувањето е над границата.

Жителите на Тетово проживеаја уште една цела година со загаден воздух, а градот во текот на 2016 постојано беше прв на листата на места со високо аерозагадување. Во 2016 година мерењата за квалитет на воздухот бележат 298 денови во кои било забележано дека присуството на отровните материи е далеку над дозволените 50 микрограми пи-ем 10 честички на кубен метар. Чист воздух имало само во 67 денови, додека останатите поминале со високо ниво на штетните честички.

„Најголем учесник во ова аерозагадување се ложиштата домашни кои учествуваат со 45 до 50 проценти, сообраќајот учествува со околу 15 проценти, индустријата со 25 проценти. Останатиот процент е комуналната нехигиена, зелените површини, годишните прилики“, вели доктор Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија од Центарот за јавно здравје, за карактеристиката на тоа кој и колку загадува во Тетово.

Да се има чист воздух за тетовци стана дури и новогодишна желба. Анкетираните велат дека во 2017 година најпотребно е да се има чиста средина.

„Само надеж за подобро, друго ништо. Ако бог дарува нешто добро, ако не ќе трпиме.

„За овој град треба малку хигиената да се подобри и среќа на сите.“

„Исто се ќе биде. Немам никакви желби. Како што беше 2016 така ќе биде и 2017.“

„Вака да остане, да не иде понатаму.“

Постојаното изложување на отровен воздух значи потенцијална опасност од заболувања на секој орган, вели докторот Давидовски. Според него последици веќе се чувствуваат и, за жал, носат смртни исходи.

„Нашите испитување за морбидитетот на респираторни заболувања кај предучилишни и училишни деца за 2016 година ќе биде некаде готов кон крајот на февруари. Очекуваме трендот на зголемување да продолжи како и во претходните години. Имаме појава секоја наредна година морбидитетот на респираторни заболувања да бидат поголеми во однос на претходната“, истакнува Давидовски.

Инаку според здравствените стандарди во интерес на јавното здравје потребно е во текот на една година да нема повеќе од 35 дена со надмината гранична вредност на присуство на отровните честички во воздухот.

XS
SM
MD
LG