Мерната станица во Тетово оваа година регистрирала вкупно 289 денови со недозволено високи концентрации на ПМ10 честички. Во Скопје има повеќе мерни места: во Гази Баба се регистрирани 168 надминувања на 24 часовните гранични вредности, во Лисиче 150, во Центар 138, во Карпош 125. Слични се бројките во Битола и во Куманово.
Законот предвидува максимално дозволените концентрации на загадувачи во воздухот од 50 микрограми на метар кубен, да не бидат надминати повеќе од 35 дена во годината.
Надминувањата во земјава се за неколку пати повеќе од она што го дозволува прописот и европската директива. Граничните вредности се најстрогите правила во законодавството на Европа.
Според законите, при надминување на граничните вредности властите се должни да дефинираат мерки за намалување на концентрациите на загадувачката супстанција.
„Доколку имате надминувања на граничните вредности треба да бидат воспоставени таканаречените акциони планови, во кои секоја агломерација, односно општина во зависност од каде потекнува загадувањето, има три типа планови: едниот е за вонредни ситуации кога има енормно загадување и има активности кога има мало надминување. Кај нас проблемот е што институциите едни на други си ја префрлаат топката на одговорност“, вели Александра Бујароска од еколошката организација „Фронт 21/42.“
Во тие планови, вели Бујароска, треба да биде наведена надлежноста на секој државен орган, на пример дали МВР ќе биде надлежен за пренасочување на сообраќајот, што и како ќе треба да се преземе со градежништвото и со домаќинствата, како ќе треба да се третира индустријата во однос на загадувањето.
„Доколку немате ваков план, односно обврски и надлежност за институциите и заедничко институционално решавање на проблемот, секоја година ова ќе се случува. Имате алармантно надминување, никој не презема ништо, сите си ја префрлуваат топката, сите викаат чекаме да падне дождот или да дувне ветрот, што во 21 век е недопустливо“, вели Бујароска.
ПМ честичките се најголемиот проблем за воздухот во Македонија, тие не се гледаат со голо око, а нивното присуство во воздухот сериозно го загрозува здравјето и доведува и до нарушен имунолошки систем кај граѓаните.