Достапни линкови

Загаден воздух - партиите ќе си ја искашлаат кампањата


Архивска фотографија - Граѓани на протест против загадувањето на воздухот во Скопје.
Архивска фотографија - Граѓани на протест против загадувањето на воздухот во Скопје.

Додека партиите ветуваат мерки за намалување на аеро-загадувањето, граѓаните се жалат дека тешко се справуваат со проблемот со загадениот воздух кој го загрозува нивното здравје. Партиите ветуваат мерки за намалувење на аерозагадувањето.

Влеговме во периодот од годината кога скоро во сите населени места во земјата, посебно во Скопје, Тетово, Битола или Куманово, концентрациите на загадувачи во воздухот достигнуваат ниво, како во високо индустријализираните градови со десетици милиони жители.

Во воздухот во скопската населба Лисиче деновиве беа концентрирани скоро 700 микрограми ПМ10 честички на метар кубен. Во Карпош и во Центар беа измерени над 300, во Тетово над 400, во Куманово алармантни 900 микрограми на метар кубен.

Еколошки геноцид – вака некои граѓани на социјалните мрежи ја коментираа состојбата. Оние, пак, со кои разговаравме во центарот на Скопје велат дека тешко се справуваат со аерозагадувањето и оти стравуваат за нивното здравје, бидејќи некои од нив се хронично болни.

„Имам респираторни проблеми и многу тешко се справувам со загадувањето. Ние возрасните треба да си седиме дома, ама мора да излезеш. Не знам зошто деновиве навистина воздухот е многу загаден“, вели жителка на Скопје.

Граѓаните велат дека надлежните ништо не преземаат за проблемот. Некои велат дека е проблем што луѓето сами се возат во автомобилите, други дека за греење се горат гуми и канцероген отпаден материјал.

„Кога ќе почне греењето, автоматски почнува загадувањето на воздухот. Треба да излегуваме со маска во градот, тоа е проблем. Не можете слободно да излезете, еве гледам дека некои луѓе веќе носат маски, а ова е само почеток“, вели жител на Скопје.

Решение мора да се најде, велат граѓаните, посочувајќи и оти свеста треба да биде на повисоко ниво.

„Треба нешто и самите да придонесеме, а не да бараме некој друг нешто да направи“, вели граѓанин.

Во изминатите години властите на локално и на централно ниво предлегаа мерки, како на пример прскање на улиците со хемиски средства или бесплатен јавен превоз. Оваа годинава не се предложени ниту овие мерки. Надлежните се уште ги немаат изработено ниту студиите за точните податоци за тоа кој загадувач со колкав процент учествува во загадувањето.

Но, познато е дека најголеми загадувачи се индустријата, сообраќајот, урбанизацијта, депониите, и со оглед на тоа дека концентрациите драматично растат со почетокот на грејната сезона, логично е дека големо влијание има енергетската сиромаштија.

Борбата против загадувањето дел и од партиските програми

Политичките партии влегоа во изборната кампања за претстојните избори на 11 декември. Тие во партиските програми ветуваат мерки за намалувење на аерозагадувањето.

Во однос на тоа, ВМРО-ДПМНЕ во својата програма ветува зелена архитектура за намалување на аерозагадувањето; засадување на растенија покрај градските сообраќајници; изработка на проекти за управување со отпад; отстранување на депониите со линдан на ОХИС; модуларен мониторинг преку набавка на нови мониторинг станици за поквалитетно следење на аерозагадувањето покрај училишта, болници и густи урбани зони; субвенции за набавка на електрични автомобили; ваучери за инсталирање на плински уреди во автомобилите; субвенции за греење со пелети...

СДСМ, пак, имаат цел да ги спроведат законите за заштита на животната средина. Партијата ветува зајакнување на системот за издавање на ИСКЗ дозволите и контрола врз нивното спроведување; обезбедување на поволни кредити за замена на еколошки застарената технологија на индустријата; засилување на инспекциите; редефинирање на одлуката за увоз на стари автомобили; воведување на нови режими на сообраќај во поголемите градови; воспоставување на фонд за животна средина; дооформување и непречено работење на мерните станици; изградба на регионални центри за управување со отпад...

Во Македонија на годишно ниво умираат по 1.350 луѓе како резултат на аерозагадувањето. Ова се проценките на Светската банка, според кои истиот проблем ја чини македонската економија загуби од 250 милиони долари годишно.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG