Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ побара јавноста да ја добие на увид целокупната документација за постапувањето на институциите за работата на дискотеката „Пулс“ во изминатите за 13 години, во која животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени. Протестот беше организиран пред Собранието во знак на револт кон пратениците кои решија две недели да не работат, да не одржуваат седници, ниту да работат собраниските комисии.
Ова барање го искажаа на собирот пред Собранието, кој започна со едноминутно молчење во чест на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани.
Сомневајќи се дека правдата за несреќата ќе излезе на виделина, од „Кој е следен“ бараат јавност на документацијата и записниците од сите засегнати институции во случајот - Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Државниот градежен инспекторат, МВР, Државниот инспекторат за урбанизам, општина Кочани и локалниот градежен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, УЈП и телото за безбедност и превенција при градот.
Според Борјан Ефтимов, кој е дел од иницијативата „Кој е следен“, ова барање е во рамки на законите и треба јавно да се објави.
„Не сметаме дека администрацијата, државните институциите и правосудните органи треба да останат неми под изговорот дека овие докази се тајна. Нека институциите одговорат и образложат зошто и дали воопшто не смеат да ги објават овие документи, па потоа ние и целата јавност ќе го цениме одговорност. Потребна е и морална одговорност од здруженијата и коморите на угостители. Тие мора да работат и проактивно, да ги информираат членките за одговорностите кои ги имаат согласно законите и заедно да соработуваат. Не е целта тие да се јавуваат само кога имаат потреба од финансиска помош“, рече Ефтимов пред насобраните граѓани.
Но, не е само дискотеката „Пулс“. Од граѓанската иницијатива побараа одговорност и за други несреќи кои се случија изминатите години.
Станува збор за случаите со „Беса транс“, чиј автобус на автопатот „Струма“ во Бугарија во ноември 2021 година загинаа 45 лица, потоа „Дурмо турс“, чиј автобус на компанијата на 13 февруари 2019 излета од патот, при што загинаа 16 луѓе, а над 30 беа повредени, како и модуларната болница во Тетово, каде животот го загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени при нивното лекување од Ковид - 19.
Според граѓанската иницијатива, во овие случаи, правдата не била задоволена.
Како што рече Игор Антов од иницијативата, потребно е да се создаде и граѓански сервис на е-инспекторат, сметајќи дека по несреќата во Кочани, „тешко е да се замисли свет во кој инспекторатите ќе продолжат да работат како до сега“.
„Поголема транспарентност е клучно за да луѓето повторно имаат верба во нивното работење. Преку е-сервисот ќе можеме да имаме увид каде и во кој објект ние како граѓани сме небeзбедни. Ќе може да се подобри ефикасноста на инспекциските служби и граѓаните да пријавуваат нерегуларности. Ова ќе значи поголема одговорност и подобри решенија. Притоа, неопходно да се зголеми бројот на стручни инспектори“, рече Антов.
Барања за урбанизација и похумано живеење во градовите
Покрај барањата за расветлување на пожарот во дискотеката во Кочани, организаторите наведоа и други барања до општинските власти и градот Скопје. Истакнаа дека сообраќајниот хаос, загадувањето и инфраструктура не се во чекор со потребата на граѓаните.
Побараа зони без автомобили, поздрава и помирна животна средина, безбедни улици за пешаци, светлосна сигланизација, подигнати пешачки премини, а главниот град да добие и железнички јавен превоз.
„Потребно е заедничко тело која ќе ја следи имплементацијата на овие мерки и да биде составено од експерти од академската заедница, активисти. Урбаниот хаос може да биде надминат. Собранието да го стави ова како приоритет. Време е за нов сервис, број за итни случаи налик 112. Каде секох граѓанин може да пријави потенцијална опасност и да бара итен инспекциски надзор. Со ова да се осигурваме дека институциите ќе одговараат навремено“, рече Анастасија Митревска од „Кој е следен“.
„Кој е следен“ контра политичките партии
Во пресрет на денешниот собир, од граѓанската иницијатива им порачаа на политичките партии и од власта и од опозицијата да ги тргнат рацете од нив и дека не ја сакаат нивната поддршка, обвинувајќи дека тие се сржта на нефункционалноста на системот и виновници за состојбата во која се наоѓа државата. Апелираат дека не бараат политичка, туку институционална поддршка.
Граѓанското движење „Кој е следен?“ настана по прегазувањето на младата Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, на 29 февруари. Неа ја прегази 21-годишниот Васил Јованов кој возел без возачка дозвола, со 0,8 промили алкохол во крвта, поминувајќи на црвено светло на семафорот со брзина двојно поголема од дозволената.
Од движењето тогаш рекоа дека реагираат на системското нефункционирање на институциите во државата.
На 28 март, еден месец по несреќата, Обвинителството поднесе обвинение против Јованов за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Максималната казна е 20 години затвор.
По смртта на Фросина, „Кој е следен“ организираше неколку протестни маршови во Скопје и во Неготино, родниот град на прегазената девојка, на кои бараше правда за Фросина, но и реформи во правосудството, одговорни институции и „стоп“ за корупцијата.
Тодор и Росица, таткото и сестрата на Фросина на 28 март се оградија од движењето „Кој е следен“ и обвинија дека „политички некрофили“ ја злоупотребуваат нивната болка за да остварат профит.
„Веќе на вторите протести се почувствува дека нешто не е во ред. Протестот веќе не беше на народот - имаше јасен организатор, агенда, насока. И да бидам искрена, тогаш сè уште верував. Таа поддршка ми значеше. Мислев дека некој вистински се грижи, дека можеби има надеж. Но денес ми е жал што морам да кажам дека видов и доживеав сосема спротивно“, напиша сестрата на Фросина на мрежата Фејсбук.
По ова, движењето „Кој е следен“ објави соопштение во кое тврди дека „нема никаква поврзаност со политички партии ниту собира политички поени“.
Исто така, се огради од сите партии, опозициските СДСМ и ДУИ и владејачките ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ и посочи дека сите заедно креирале, развиле и одржувале ваков „трул систем кој со децении ја крои и пеплосува македонската општествена реалност“.
„Ние бараме правда, отчетност и темелни промени во системот - нешто што ниту една од политичките партии не успеаа да го испорачаат. Наместо поддршка на хартија и празни зборови, очекуваме конкретни дела и одговорност. „Кој е следен“ не е и нема да биде платформа за партиско поентирање. Ова е автентичен граѓански повик за правда и градење на систем кој ќе служи на сите, а не само на партиите“, соопштија од движењето.
Премиерот Христијан Мицкоски на 24 март изјави дека има разбирање за оние кои решиле преку демократската алатка како што е протестот да го изразат својот гнев, но не ги оправда, како што рече, политичките глодари и лешинари кои сакаат да добијат политички поени.
Тоа го изјави пред протестниот марш во Скопје истиот ден, во врска со трагедијата во Кочани, но и сите трагедии со човечки жртви низ годините назад.
„Апсолутно се придружувам на изразувањето на револт и гнев, затоа што уште многу работи останаа пред нас да се решат. Но, ќе се бориме со последниот атом енергија да исправиме нешто во името на идните генерации. Преку ноќ не може ништо да се направи, иако направивме многу работи изминатиот период. Поразивме неколку мафијашки здруженија кои, за жал, функционираа во државата. Ќе продолжиме и во периодот што следува. Но, од сега па натаму, само би посакал сите да останеме фокусирани и обединети во решавањето на проблемите“, рече Мицкоски.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени. Повеќе од половина од повредените беа испратени на лекување во странски медицински центри.
Во моментов, на клиниките во Скопје од повредите во пожарот се лекуваат уште 14 пациенти, а на лекување во странство останаа уште 91 пациент.