Достапни линкови

Македонија во сенка на мапата на зимски туризам


Архивска фотографија: Скијачки центар Попова Шапка
Архивска фотографија: Скијачки центар Попова Шапка

Македонските ски центри се во сенка на поразвиените зимски одморалишта во Србија и во Бугарија, иако имаат исклучителен природен потенцијал. Неопходни се инвестиции, велат упатените.

И покрај исклучителните природни потенцијали за планински туризам што Македонија го има и кои биле констатирани од странски агенции уште во раните 70-ти години, Македонија и натаму живее во сенка на ски-центрите во опкружувањето како Копаоник и Златибор во Србија и Боровец и Банско во Бугарија. Македонија сè уште не е интересна дестинација за странски туристи со исклучок на блиското соседство меѓу кои најчести се гостите од Косово и Албанија кои во последните неколку години ги откриваат Маврово и Попова Шапка. Туристичките работници велат дека без дополнителни инвестиции во инфраструктурата, нови жичарници и вештачки снег, туристите и натаму ќе ја заобиколуваат Македонија и домашните туристи ќе чекаат да падне првиот снег за отворање на скијачката сезона.

„Има прилично барања од Косово и Албанија, но Маврово е пополнето и сега сите го чекаат снегот. Ратракот работи, но не доволно со сигурност да кажеме дека утре ќе почне сезоната. Од 3 јануари е најавен снег кога може да почне сезоната“, вели Нахар Селим, сопственик на туристичка агенција.

Професор Науме Мариновски од Факултетот за туризам во Охрид посочува дека клучен фактор за развој на зимскиот туризам е взаемна соработка меѓу јавниот и приватниот сектор со цел да се обезбеди грижа за скијачките центри и поголема посетеност. Тој нагласува дека за жал најатрактивните центри се оставени во инфериорна позиција и доколку и натаму не се интервенира не ќе може да ги обезбедат ниту основните услови за престојување, иако станува збор за планини со височина од над 2 илјади метри

„Многу е важно да се обезбеди јавно-приватно партнерство. Преку него ќе се обезбеди грижа за скијачките центри и форма на посетеност. Некои напори се направени во Тетово, но во Шапка има големи аномалии, а тоа е еден од најреномираните центри во Македонија, а слично е и на Пелистер“, вели професор Мариновски.

Тој укажува и на нестручни планирања на туристичкиот развој кои може да нанесат големи штети особено на природата. Професорот вели дека има и нелогичности во одредени чекори што се преземени и поради нив некои туристички центри остануваат отсечени и недостапни за посета.

„Се градеше скијачки центар во Кожуф, а пристапноста остана многу лоша и тој не може да функционира. Се отвора мала жичарница на Галичица, а никој не констатира дека тоа можеше да се направи на Петрино. Не ми е јасно зошто се определија веднаш за еден многу важен заштитен појас кој би се претворил во мегаломанска скијачка подлога“, вели тој.

Добра вест е што популарните цени што во декември ги понудија некои од хотелските сместувачки капацитети на Маврово привлекоа поголем број домашни туристи и поради тоа некои од нив за прв пат годинава речиси во целост беа пополнети. Нехар Селим вели дека вистински успех и резултати може да се очекуваат доколку државата посериозно го субвенционира зимскиот туризам, не само на Маврово, туку и во останатите центри.

„Ние како агенција направивме групи кои во декември заминаа на Копаоник и во Банско на отворање на ски сезоната. Во тие два региона оди добро продажбата, но ние сакаме тоа да се наши гости. Ако во Маврово државата влезе во тој бизнис, Маврово може да функционира уште од декември до Велигден. Ако се продолжи ски сезоната, тогаш и цените на сместување и кај нас може да паднат“, вели Селим.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG