Достапни линкови

Навремени мерки, помали последици од елементарни непогоди


Рибар се обидува да ослободи птица заглавена во замрзнатото Дојранско Езеро на 11 јануари 2017
Рибар се обидува да ослободи птица заглавена во замрзнатото Дојранско Езеро на 11 јануари 2017

Кога ќе се случи проблем, надлежните се правдаат со елементарни непогоди и ги санираат последиците, но не прават ништо за да се спречи да дојде го штети.

И оваа година почна со наследени проблеми меѓу кои застарена инфраструктура, дефекти во енергетскиот систем, блокирани патишта поради снегот, а за кусо време откако поларниот студ малку попушти се врати и екстремно високото загадувањето на воздухот. Граѓанскиот активист Никола Писарев вели дека за тоа влијание има игнорантскиот однос на властите кон проблемите, но и оти не се извлекуваат никакви поуки од грешките што ни се случуваат последните 15 години. Јавноста е сведок дека ова што се случува со колапсот на инфраструктурата зашто 6-7 дена температурата е под нула, не е првпат. Писарев точно памети дека минатата година дебарско-реканскиот крај беше без струја 15 дена од пред Нова Година до Василица

„Надлежните многу сакаат да се вадат на елементарни непогоди. Се санира само ургентно и моментално. 70 илјади луѓе во Аеродром каде пукна цевка 20 саати немаа вода. Вчера немаше парно. Тоа е затоа што сè е крпено. Македонија е станата земја на крпарење и само нешто се крпи и ништо не се прави како што треба. Генералната инфраструктура е правена пред 20 години и ако не се преземе нешто ќе има хаварии“, изјави Писарев.

Деновиве има најави за нови снегови. Потсетувајќи на случајот од пред повеќе години кога паѓаа големи лавини кај Бигорскиот манастир, Писарев укажува дека повторно ништо не е се презема тие да се санираат. Има лавинобрани кои датираат многу одамна, но никој не се качил да види во каква состојба се, вели тој.

Другата проблематична приказна деновиве, која уште повеќе го комплицира секојдневието на луѓето е загадувањето на воздухот. Штетните ПМ-10 честички се повторно на екстремно високо ниво во Скопје и во делови од Македонија. Писрев вели дека има толку многу проблеми во општеството во сите сфери што нема време системски да се бавиме со нив. Тој исто така додава дека како луѓе дека имаме многу кратко памтење и оти затоа проблемите ни се враќаат како бумеранг.

„Загадувањето е нешто што го гледаме само кога го имаме околу нас, односно нешто што нè секира кога воздухот е премногу загаден и кога има магла и смог. Тогаш го чувствуваме, го мирисаме, нè штипат очите, не можеме добро да дишеме, не можеме да излуфтираме дома и тогаш бараме решение. Навикнати сме да преживуваме од осамостојувањето до денес. Тоа е транзицијата кога гледате од денес до утре. Денеска да се купи леб, утре не е битно дали ќе се купи. Исто се случува и со загадувањето“, вели Писарев.

Граѓаните велат дека наталожените проблеми ни се враќаат постојано како бумеранг.

„Лажат, што да ви кажам, дојди еден на власт, не чини, дојди друг, не чини, што да ви кажам.“

„Треба време и треба старите навики да се изгубат и да дојдат нови“, велат анкетираните граѓани.

Граѓанските активисти точно знаат што треба да се направи, но искажуваат скептицизам дека надлежните ќе се преземат чекори напред во наредниот период.

„За загадувањето градските власти не преземаа ништо. Министерството не презема ништо. Никој не презема ништо. Треба да се направи некаков план што и како ќе се случува. Такво нешто јас не верувам дека во скоро време ќе се преземе“, вели Писарев, кој дополнува дека многу поевтино е да се преземаат мерки отколку да се лекуваат тешките заболување кои се појавуваат како последица на загадувањето.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG