Поради поларните температури во центарот на Скопје по улиците има мала раздвиженост на луѓе. Сепак температурите од минус 15 степени, колку што беа измерени овој четврток не ги држат сите скопјани дома и тие замотани во шалови и капи забрзано влегуваат во продавниците и ги купуваат основните артикли, пред утрешниот празник Стара Нова Година. Многумина се жалат дека со истите месечни примања во јануари треба да покријат многу давачки. Тоа значи, како што обично се вели, ново стегање на ременот. Она што најмногу боли во овој период се сметките за струја, парно и дрва.
„Синоќа ми беше најстудено. На дрва се грееме, ама нема да ни стигнат дрвата. Од октомври се почна со греење“.
„На парно сум, но многу е слабо вклучуваме и струја. Плаќаме и лето и зима, ама за што плаќаме за некој да се богати.“
„Снег не гледавме до лани, но минусните температури се страшни. Кога сме дома не е проблем и да има недостиг ќе земеме ќебиња, готвиме ручек се затоплува и од шпоретот. Нема да верувате како сум облечена, кога се движиш не е проблем, ама на работа зависи како дихтуваат прозорците и вратите и јас сега, еве вака облечена, сум подготвена да издржам до вечер“, велат анкетираните граѓани.
Но студеното време е и добра можност да се заработи и тоа овие денови го знаат и уличните продавачи на капи и шалови. Со нив се натпреварува и еден продавач на календарчиња чија гласна понуда одекнува пред минувачите во Градскиот трговски центар. Мора да се најдат нови начини да се презими, вели тој
„За едно парче леб мора да работам, дете имаме. Со греењето дома како да ви кажам, ја пуштаме греалката тој да се грее. Јас по цел ден не сум дома, доаѓам навечер, што да правам. Дете имам мора се грижиме за него. Доаѓа празникот Водици се надевам дека продажбата подобро ќе ми оди“, вели уличниот продавач.
А во меѓувреме скопјани кои се надеваа дека надлежните ќе ја поправат грешката што ја направија со неисчистените тротоари и приоди и денеска имаа проблем да се движат низ градот .
„Со лизгањето огромен проблем, затаија сите служби во градот, тротоарите не се пипнати никаде, толку е небезбедно. Никаде не е исчистено и низ населбите.“
„Пешачките патеки не се баш чисти, а за ладното се снаоѓаме со капи и шалови.“
„Секој пред врата што си чистиме, инаку утепување.“
„Отсекогаш кај нас е така, на главните улици фрлаат сол, но има снег на тротоарите и пешаците страдаат“, велат граѓаните.