Достапни линкови

Колку пари требаат за пристоен живот во Македонија?


Најновите податоци покажуваат дека во Македонија на четиричлено семејство за да ги подмири основните потреби во месецот му се потребни околу 520 евра, а за пристоен живот граѓаните и експертите велат дека е потребна просечна плата од 30 илјади денари.

Просечната плата треба да изнесува најмалку 500 евра за да може граѓаните да имаат солиден живот и доволно пари за да ги покријат основните трошоци, согласни се експертите и оние што ги анкетиравме. Според последните податоци на Сојузот на синдикати, на едно четиричлено семејство за преживување месечно му се потребни 32 263 денари или околу 520 евра. Најголем дел од парите одат на храна и пијалоци и за одржување на домот, односно речиси 24 илјади денари. Во сумата влегуваат и трошоците за хигиена, потоа превоз, облека и обувки, култура и одржување на здравјето. Просечната плата во земјава изнесува 22 294 денари, но поголемиот дел од вработените и немаат толкави примања. Граѓаните велат дека платата или пензијата им стигнува за сметки и за храна, но за останатите трошоци немаат пари.

„Зависи кој каде работи и тоа е многу важно. Какви се примањата на двајцата членови во семејството и децата колкави се и колку трошоци имаат. Секогаш има дополнителни трошоци во месец за децата за нивното школување или студии. Значи тоа не е доволно и срамота е просекот кој го имаме во Македонија за месечните примања. Ова што се гради околу сите за глава се фаќаме, бидејќи се трошат буџетски пари. Јас сакам стандардот да е преку 500, 600 евра во просек како Словенија и Хрватска, па потоа нека се гради“.

„Никаков е стандардот, што да кажам. Со осум илјади, дома тројца живееме. Дали струја, вода, телефони да плаќаме, а за јадење не останува ништо“.

„Немам толку ниски примања, да речам дека се средни и заедно со жената излегуваме на крај, но само за основните потреби, а другите давачки не ги ни пресметуваме. Се што е повеќе од тоа е дополнителен трошок“.

Бројките само ја покажуваат реалноста, а тоа е дека Македонија е една од најсиромашните земји во Европа, тврди поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.

„Најсоодветен индикатор се овие податоци кои зборуваат за тоа. Кој колку сака во вид на пропаганда да се обиде да ги прикаже позитивните движења во Македонија, овој факт сите ги поништува. Македонскиот народ никогаш не бил богат, туку со менталитет на сиромашен. Се снаоѓаат како знаат и се борат за егзистенција на разни начини“, смета Хајредини.

Тој додава дека зависи што граѓаните подразбираат под пристоен живот, ако им е доволно да имаат пари за јадење и пијалоци тогаш примањата им се доволни, но сепак за останатите потреби треба да имаат минимум по 400 евра до 500 евра.

„Пристоен живот е растеглив поим. Ако некој под тоа подразбира да има пари само за јадење и пијалоци, тогаш може да преживее и со 15 до 17 илјади денари. Ако сака било што друго што е потребно во животот тоа не може да си го дозволи без 25-30 илјади денари“, истакнува Хајредини.

Потрошувачката кошница е за семејство кое живее во стан од 50 метри квадратни и не поседува автомобил. Во пресметките не влегуваат и трошоци за летен и зимски одмор, ниту излегување во некое кафуле или ресторан.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG